1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како функционира меѓусебното шпионирање на државите?

Дејвид Мартин
30 март 2018

Исфрлањето дипломати од десетици земји во светот одново фрла светлина врз светот на шпионите. Зошто воопшто им се дозволува на шпионите на странски држави да оперираат во некоја земја?

https://p.dw.com/p/2vAXW
USA Ausweisung sechzig russischer Diplomaten auf Grund der Vergiftung des ehemaligen russischen Spions
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

Најмалку 25 земји ѝ се придружија на Велика Британија во исфрлањето руски дипломати во знак на солидарност поради нападот со нервен отров врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во англискиот град Сализбури.

Бројот на руски шпиони на кои им беше наредено да си заминат е голем. Севкупно, околу 150 руски дипломати мораа да ги напуштат земјите и да се вратат во Русија.

Масовното исфрлање на руските офицери фрла светлина врз ретко споменуваната, но широко распространета пракса на шпионски игри меѓу Истокот и Западот, како остаток од Студената војна.

Зошто државите дозволуваат шпиони да работат на нивна територија?

Иако светот на меѓународното шпионирање останува заматен и честопати нелегален, праксата е широко прифатена благодарение на „џентлменски договор“, вели Ентони Глис, директор на Центарот за безбедносни и разузнавачки студии на Универзитетот Бакингам.

„Имајќи предвид дека е добро познато оти амбасадите секогаш имаат на располагање ткн. разузнавачки офицери, меѓу државите постои некој вид пакт за ненапаѓање... во рамките на кој владите во принцип се согласуваат да замижуваат заради заедничка корист“, вели Глис.

Во суштина, владите мораат да дозволат доаѓање на шпиони на нивна територија, доколку сакаат нивните шпиони да оперираат во странство. На крајот, играта се состои во тоа чија тајна служба може да собере повеќе квалитетни информации.
Шпионирањето е регулирано и со правни документи. Имајќи предвид дека шпионите работат под закрилата на дипломатскиот статус од нивната земја, тие добиваат дипломатски имунитет согласно Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, а со тоа и одреден степен на заштита.

„Разузнавачите најпрво мора да го прекршат законот за да ги трпат последиците“, вели Кристофер Неринг, раководител на истражувања во Германскиот шпионски музеј во Берлин. „Доколку земјата домаќин идентификува некого како вработен во тајна служба, тоа не е само по себе кривично дело - само активностите поврзани со шпионирање, како регрутирање извори, инсталација на шпионска технологија, или слично, се смета за илегално“.

Bildkombo - Sergei Skripal und seine Tochter Yulia
Труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија отвори многу прашања.

Владите не сакаат да исфрлаат странски шпиони

Повеќето влади не сакаат да исфрлаат странски шпиони поради ризикот од одмазда и непознаниците кои со тоа се отвораат. На домашен терен, исфрлајќи шпиони владата ја губи контролата врз нивната работа, односно ќе мора да ги идентификува новите шпиони кои доаѓаат на местото на старите. На меѓународен план, исфрлањето шпиони го тера противникот да одговори, како што беше случајот и со Русија.

Исфрлајќи толку голем број дипломати одеднаш, САД и Велика Британија практично ги отворија картите пред Русија.

„Кога толку многу луѓе се демаскирани и исфрлени одеднаш, тоа покажува и дека имаш пристап до внатрешните состојби на противникот“, вели Кристофер Неринг. По овој потег, вели тој, Русија ќе мора да ги ревидира своите шпионски операции во странските амбасади и да гради нови разузнавачки извори.
Со оглед на природата на шпионската игра, масовните исфрлања на дипломатите ја потврдува тежината на случајот Скрипал.

Според Глис, труењето покажало дека руското разузнавање не само што зајакнало, туку и станало заканувачки опасно во последните години. „Русија го напушти комунизмот, но не го напушти концептот на разузнавање и безбедносни служби кои ќе сторат сѐ за да ја заштитат руската држава и личната позиција на Путин“, вели тој.

Со координираното исфрлање на руските агенти, членките на НАТО ја препознаа и утврдија смртоносната природа на руските шпионски методи и пречекорувањето на „џентлменскиот договор“.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид