1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140611 Italien Referendum

14 јуни 2011

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони доживеа тежок пораз на референдумот што се одржа вчера и во неделата. Граѓаните се изјаснија против четири проекти на владата.

https://p.dw.com/p/11ZnD
Премиерот Силвио БерлускониФотографија: dapd

„По мое мислење тоа беше изјаснување за развод меѓу владата и земјата. Невообичаено високиот одзив на граѓаните јасно покажува дека владата се наоѓа на поинаков курс, од оној на кој се наоѓа остатокот од земјата!“

Вака го оцени резултатот на референдумот Пјер Луиѓи Берсани, претседател на Демократската партија на Италија. Споредбата со разводот меѓу владата и земјата не е погрешен, бидејќи за прв пат по цели 16 години на референдумско изјаснување излегоа повеќе од 50% од граѓаните со право на глас, што е законски минимум за резултатите да бидат важечки. Овој пат пред гласачките кутии на двата дена се појавија 57% од граѓаните и при тоа 95% од нив го застапуваат истото мислење. Имено, се изјаснија против градењето нуклеарни централи, против приватизирањето на водата за пиење и против законот што на премиерот Берлускони ќе му отвореше законска можност да не се појавува на судските процеси што се водат против него под изговор дека е спречен со „поважни државнички должности“.

Referendum über Atompolitik in Italien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шлаканица лично за премиерот

Изјаснувањето за оваа точка од референдумот ја иницира Партијата на вредностите, чиј претседател Антонио Дипјетро порача:

„Тоа беше изјаснување на сите граѓани, се’ едно од кој политички табор доаѓаат, затоа што на гласање излезе поголемиот дел од населението.“

Експертите го оценуваат изјаснувањето на граѓаните по оваа точка како јасен сигнал на адреса на премиерот Берлускони дека им е доста од неговите афери.

„На Италија и’ е потребна комплетна промена. Комуналните избори, референдумот, резултатите од изборите во Сицилија, сето тоа покажува дека таквата промена е можна.“

Referendum über Atompolitik in Italien
Фотографија: AP

Силвио не го засега ништо

Берлускони меѓутоа манифестираше спокој и на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Рим правеше шеги, а уште пред затворањето на гласачките места порача:

„Како последица на одлуката, за која италијанскиот народ во овие мигови се изјаснува, ќе мораме да се откажеме од опцијата за користење на атомската енергија.“

Оваа точка ги привлече најголемиот број избирачи да излезат на рефередумот. Премиерот Берлускони имено најави уште пред две години дека сака да ја ревидира одлуката на народот од претходниот референдум во 1987 година, кога Италијанците ја отфрлија можноста за градење нуклеарки под влијание на катастрофата во Чернобил. Овој пат плановите му ги расипа катастрофата во Фукушима - така се тешат сопартијците на Силвио Берлускони!

Автор: Штефан Трендле / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски