Италија ги спасува бегалците во неволја
24 јули 2014Пристаништето Аугуста на Сицилија - кратка пловидба и веќе сме кај „Сан Џорџо“. Бродот на италијанската воена морнарица е оперативна централа на хуманитарната мисија „Маре нострум“. Со недели капетанот Алдо Долфини плови меѓу Сицилија и Северна Африка - во рамките на хуманитарната мисија.
„Од 25 март на овој брод спасивме 8.300 бегалци - еден мал град! Тоа се луѓе кои можеби никогаш не биле на море, вознемирени и очајни. Кога ќе им погледнам на многу деца во очите, знам дека го правам вистинското“, вели капетанот на „Сан Џорџо“ Алдо Долфини.
За мисијата „Маре нострум“ италијанската морнарица отстапи вкупно пет воени бродови. Тие патролираат на површина која е голема колку Баварија! Целта на нашето патување се платформите за нафта и гас на околу 60 наутички милји од либискиот брег.
„За бегалските бродови овие офшор постројки пред Триполи и Зувара се идеална точка за ориентација, дури и без инструменти за навигација. Оттаму се оди право кон Лампедуза и Италија“, вели командантот на мисијата „Маре нострум“ Масимо Вианело.
Бегалците имаат право на спасување
Веќе кај првата платформа за гас се ниша еден брод со бегалци. Италијанците му приоѓаат. Моторот е во дефект, а горивото потрошено. Со тоа, според морското право, луѓето во бродот имаат право на спасување.
Од командниот мост е забележан уште еден брод со бегалци. Од целосно преоптоварениот брод внимателно ги префрлуваат луѓето. Жените и децата имаат предност! Бегалците ги примаат на „Сан Џорџо“. Постарите лица се целосно изнемоштени, а на бремените жени мора да им се укаже медицинска помош. Најголем дел доаѓаат од Сирија. Спасувањето им донесе големо олеснување.
Скако платена надеж
Меѓу бегалците има и млада двојка доаѓа од завојуваниот Дамаск. За патувањето преку Турција, потоа со авион кон Алжир и натаму кон Либија тие платиле 15.000 долари! Уште на бродот полицијата им ги контролира пасошите. Деликантен момент, оти тие не сакаат да останат во Италија! А, земањето на отпечатоци од прстите ќе го направи невозможно барањето азил во друга земја од ЕУ.
„Фамилијата ми е во Шведска. Ако стигнам таму, тогаш ќе ме проверат и ако утврдат дека доаѓам од Италија, дека тука сум веќе регистриран, ќе ме вратат назад“, нагласува Мухмад, кој е бегалец од Сирија.
Италија често ги крши европските одредби за доселување
Во канцеларијата на Обединетите нации во Рим им е познат овој страв, а знаат и дека Италијанците често воопшто не ги регистрираат бегалците од Еритреја и Сирија и со тоа систематски ги поткопуваат постоечките европски одредби за доселување.
„Луѓето кои пристигнуваат овде веќе знаат дека можат и треба да избегнат давање отпечатоци од прстите, за така да не влезат во системот од Даблин, да не заглават во Италија или, ако се појават на некое друго место во Европа, да не може да бидат вратени назад во Италија“, вели Беат Шулер, од Високиот комесаријат за бегалци на ОН.
Затоа организациите за бегалците предлагаат нова регулатива за случаи како на Мухамад: ако некој бегалец има веќе роднини во Европа, тој треба да добие право на привремен азил.
За Италија, каде се стигнуваат десетици илјади бегалци, тоа би било барем едно олеснување. Но, дотогаш луѓето како Мухамад и неговото семејство ќе продолжат кон Северна Европа - легално или нелегално.