Италија може скапо да ја чини загадувањето на воздухот
10 ноември 2020Судот на правдата на ЕУ пресуди денеска дека Италија „го прекршила европскиот закон за квалитетот на воздухот“ затоа што „систематски и упорно“ ги надминувала граничните вредности поставени за ситни честички во воздухот.
ЕСП „констатира дека од 2008 година заклучно со 2017 година, дневните и годишните гранични вредности одредени за честичките ПМ10 редовно се надминати“ во одредени области во Италија, оти „Италија очигледно не ги усвоила мерките на време“ за да гарантира почитување на граничните вредности.
Судот на тој начин ја прифати тужбата поднесена од Европската комисија во 2018 година. Пресудата може скапо да ја чини Италија, бидејќи Комисијата сега може да поднесе барање за финансиски санкции поради утврдено кршење на договорот.
Повеќе:
-Студија: 15 проценти од смртните случаи од Ковид-19 се должат веројатно на загаден воздух
-Балкан: Најлошиот воздух во светот
ПМ10 честичките настануваат во сообраќајот од моторите на внатрешно согорување, но исто така и од абење на гумите. Други извори се на пример индустријата, електраните, греењето на дрва и огнометите.
Болестите како астма, кардиоваскуларните проблеми и ракот на белите дробови, честопати се директно поврзани со загадувањето на воздухот, истакнува Еврокомисијата. Загадувањето на воздухот е причина за околу 480.000 предвремени смртни случаи во Европа, покажуваат податоците на Европската агенција за заштита на животната средина.
Италија, инаку, не е единствената европска земја која е осудена поради загадување на воздухот, Франција беше, исто така, осудена во 2019, а Полска во 2018 година.
Пред Европскиот суд на правдата пред две години беше поднесена тужба и против Германија, но овој случај обвинението е за пречекорувањето на граничните вредности на ЕУ за азотни оксиди.