1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И покрај брегзит, сонцето пак огреа

Нина Веркхојзер / Е.М. Фиданоска24 јуни 2016

За политички Берлин брегзит е шок. Владата и Парламентот до последен момент се надеваа дека Британците ќе гласаат за останување во ЕУ. Сепак, политичкиот воз оди натаму.

https://p.dw.com/p/1JCY7
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Канцеларката Ангела Меркел ја примила на знаење одлуката на Британците „со големо жалење“. „Денешниот ден е цезура за Европа и европскиот процес на обединување.“ Сега треба „мирно и присебно“ да се реагира на новата состојба во Европа, вели Меркел. Дел од таа реакција треба да биде и фокусирањето, меѓу другото, на незаинтересираноста за ЕУ на многу граѓани, не само на Британците.

Граѓаните би требало да почувствуваат повторно „колку многу ЕУ придонесе за подобрување на нивниот живот“, рече Меркел, која во вторник во Бундестагот треба да даде владина изјава за натамошните чекори кои ќе бидат преземени. Во понеделник за тоа треба да има разговори во Берлин со францускиот претседател Франсоа Оланд, италијанскиот премиер Матео Ренци и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск.

„Црн ден за Европа“

„Проклетство! Лош ден за Европа!“ - така министерот за економија и вицеканцелар Зигмар Габриел (СПД) се јави за збор уште рано изутрината и со тоа го постираше еден од најцитираните твитови на денот. Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Норберт Ретген (ЦДУ), оцени: „Ова е најголема катастрофа во историјата на европската интеграција“. Министерот за правда Хајко Мас (СПД) пак зборува за „црн петок за Европа“.

Вестите од Велика Британија за министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер е „навистина разочарувачки“. „Личи на тажен ден за Европа и Велика Британија“, констатираше тој. Штајнмајер ги покани колегите по функција од другите пет земји основачи на ЕУ - Франција, Италија и земјите на Бенелукс - утре во Берлин.

„Удар за Европа“

И министерот за финансии Волфганг Шојбле (ЦДУ) си посакуваше поинаков резултат. Според него, Европа сега треба да се држи заедно. „Заеднички мора да го извлечеме најдоброто од одлуката на нашите британски пријатели.“

Според Левицата, гласањето на Британците покажува дека ЕУ е во тешка криза. ЕУ-технократите и нивната неолиберлна политика поттикнаа евроскепса и национализам, аргументира Левицата и бара „нов почеток“ на ЕУ.

Вонредни седници

По референдумот во Британија и одлуката за брегзит, наредната недела во вторник е закажана вонредна седница на Бундестагот. Од 13 часот пратеничките групи ќе заседаваат околу ова прашање на специјални седници, а претходно во кабинетот на Меркел ќе има средба на шефовите на поратеничките групи и на лидерите на партиите.

Претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт денеска направи напор малку да го амортизира разочарувањето и возбудата во политички Берлин: :Велика Британија сметаше дека треба да излезе од ЕУ. Сепак, сонцето денеска изутрина повторно изгреа. И, колку и да е за жалење првото, толку смирувачки е ова второво.“