Кавга во Бундестагот околу македонската ЕУ-интеграција
6 јуни 2019Кој и зошто ја одложува дебатата во германскиот Бундестаг по Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија? Иако денешната тема пред пратениците беше ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, дебатата се измести во правец на ЕУ.
Атмосферата ја разгоре пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, кој оцени дека околу почетокот на преговорите на Скопје со Брисел има судир и во самата влада.
„Канцеларката е против, а Министерството за надворешни работи се залага да започнат преговорите. Коалицијата не може да постигне согласност по ова прашање“, рече Тритин. Коалициската влада во Германија ја сочинуваат партијата на Ангела Меркел- ЦДУ и социјалдемократите (СПД) од чии редови е и министерот за надворешни работи Хајко Мас.
„Желбата на граѓаните на Северна Македонија не беше само да се биде дел од НАТО, туку и дел од обединета Европа“, рече пратеникот на Зелените.
Тритин оцени дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја жртвувал својата политичка кариера за да се постигне Преспанскиот договор, и дека поради него ќе ја загуби власта на следните избори.
„Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сѐ додека Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ“, рече Тритин, потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите.
Критикувајќи ја таквата политика, Тритин праша дали некој сака Северна Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како „Европејци од втора класа“.
Пратеникот на Зелените од говорницата потсети и дека германското Министерство за надворешни работи уште на 8 мај годинава го информирало Бундестагот дека треба да се изјасни за почетокот на преговорите со Северна Македонија.
„Ако е така, каква причина имаат владата и коалицијата да не го ставаат ова прашање пред Бундестагот?
Досега веќе ќе расправавме за тоа и ќе имавме согласност пред Советот на ЕУ“, рече Тритин.
Двајца пратеници на ЦДУ, Кристијан Шмит и Петер Бејер реплицираа на забелешките на Тритин.
Шмит оцени дека ставовите на Тритин немаат „врска со реалноста“, дополнувајќи дека „членството на Северна Македонија во НАТО е готова работа без оглед кој е на власт во Грција“.
Тој ја пофали улогата на Северна Македонија на Балканот, нарекувајќи ја „упориште на мирот“, која секогаш помагала во најтешките моменти.
Според Шмит, стратешки интерес на Германија е земјите од Западниот Балкан да станат дел од ЕУ и најави дека за почетокот на преговорите со ЕУ ќе се разговара „наскоро“. Шмит во излагањето рече дека Северна Македонија и Албанија треба во пакет да ги започнат преговорите, но потенцираше дека Албанија во моментов се соочува со „одредени проблеми“, поради што е потребно подолго време да се простудира извештајот на ЕК.
Колегата на Шмит од ЦДУ, Петер Бејер ги поздрави договорите со Грција и Бугарија, но критикуваше дека во земјата се потребни дополнителни напори во делот на борбата против организираниот криминал, корупцијата, правосудството и јавната администрација.
„Во реформата на безбедносниот апарат- во тој дел долго немаше никакво придвижување, а дури неодамна беше постигнат напредок“, рече Бејер, кој ја поздрави и конструктивната улога на сестринската партија- опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од ЦДУ- партијата на канцеларката Ангела Меркел, минатата недела веќе најавија дека до почетокот на летните одмори на крајот на јуни, нема да има време да се разгледа и да се гласа за Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија. Поради тоа, отпаѓа и можноста земјата да го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ летово.
Двајца пратеници на ЦДУ, Гунтер Крихбаум и Јохан Вадефул, минатата недела се изјаснија дека за почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија ќе се дискутира дури на крајот на септември.
„Ваква проверка не може да се случува набрзина. Тоа не би можело да се оправда пред германските граѓани, ниту пак би било соодветно за посочените земји“, рече Вадефул минатата недела.
Социјалдемократот Карл-Хајнц Брунер го пофали компромисот со Грција кој, како што рече, „не треба само да се признае, туку и постојано да се фали“, и посочи дека со влезот во НАТО на „Северна Македонија не треба да ѝ се тргне морковот и за почеток на преговорите со ЕУ“.
„Оваа земја е во срцето на Европа и ги исполни сите услови за почеток на преговорите“, рече Брунер.
Неговиот колега од СПД, Јосип Јуратовиќ предупреди дека „ако на Северна Македонија наскоро не и се даде искрена ЕУ перспектива, ќе бидат заслабнати и онака под притисок ставените демократи во земјата и истовремено нашата сопствена стратешка безбедност во Европа“.
На ратификацијата на членството на Северна Македонија во НАТО се спротивставија популистичката Алтернатива за Германија (АфД) и Левицата.
Петр Бистрон од АфД ѝ честиташе на земјата поради затворањето на Балканската рута за бегалците во 2016 година, но рече дека неговата партија ќе гласа против членството во НАТО затоа што има „голем проблем со корупцијата“, а „Балканот е само предградие на Европа“.
Александер Ној од Левицата се спротивстави на проширувањето на НАТО и ја критикуваше „прозападната влада во Македонија дека погрешно го интерпретирала референдумот за промена на името“. Ној цело време во излагањето го користеше терминот „Македонија“ поради што влезе во судир со еден пратеник со грчко потекло во Бундестагот.