1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга на средбата на Трамп со демократите

СН/ агенции
10 јануари 2019

„Целосно губење време“, критикуваше американскиот претседател по средбата со највисоките претставници на опозициските демократи. Доналд Трамп нагло го прекинал разговорот и излетал надвор од собата.

https://p.dw.com/p/3BIMh
USA Washington Donald Trump
Фотографија: Getty Images/A. Wong

Повторно во фокусот беа парите што ги бара Доналд Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико. Американскиот претседател  во Белата куќа ги пречека лидерите на опозицијата во Претставничкиот домот и Сенатот, Ненси Пелоси и Чак Шумер. Тоа беше „целосно губење време", напиша Трамп на Твитер, откако ги напушти преговорите. „Прашав, што ќе се случи за 30 дена, ако брзо ги отворам работите (ја окончам блокадата на администрацијата) - ќе гласате ли тогаш за безбедност на границата, која вклучува ѕид или челична ограда? Ненси рече НЕ, јас реков чао, поинаку не оди!"

Лидерот на пратеничката група на демократите во вториот дом на Конгресот- Сенатот, Чак Шумер, пак на новинарите им изјави: „Доживеавме уште еден напад на лутина, бидејќи тој не го доби она што го сака, а потоа го напушти состанокот".

Повеќе:

-Трамп ја турка Америка во ѕид

-Трамп само „си игра играчки“

-Трамп се заканува со долга блокада

Потпретседателот Мајк Пенс, кој исто така беше присутен на средбата, негираше дека Трамп ја изгубил контролата. На почетокот на состанокот, Претседателот делеше слатки, раскажа Пенс.

Огорчениот спор околу граничниот ѕид е причина за таканаречениот „шатдаун“, кој парализира делови од американската влада од 22 декември. Крај на оваа буџетска блокада не е на повидок. Поради оваа причина, околу 800.000 вработени во федералните служби мора да работат без плата или да бидат испратени на принудно отсуство. Ако блокадата трае по петок, тоа ќе биде најдолг „шатдаун“ во историјата на САД.

Трамп порача дека ќе го потпише новиот закон за буџетот само ако во него има издатоци од 5,7 милијарди долари (околу пет милијарди евра) за изградба на ѕид на јужната граница на САД. Демократите - од чии гласови во Конгресот зависи усвојувањето на буџетот - одбиваат финансирање на ѕидот.