1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква работа нудат германските фирми за бегалците?

Жанг Данхонг / Е.М. Фиданоска10 септември 2015

Германската политика има намера натамошно да ги олабавува забраните за работа на барателите на азил. Тоа е во наша полза, велат големите германски фирми. Но, што тие навистина можат да им понудат на бегалците?

https://p.dw.com/p/1GUFL
Фотографија: DW/C. Röder

Пракса, понекоја обука низ работа, ретко „цврсто“ работно место - тоа големите германски претпријатија им го нудат на бегалците кои бараат работа. Дури и кога станува збор за обука низ работа, фирмите не сакаат да ризикуваат, затоа што бегалците може да бидат протерани од земјата. Затоа, некои од претпријатијата се обидуваат да ги подобрат условите во соработка со надлежните институции и политиката.

Сименс во текот на изминатата пролет во Ерланген почна програма за 10 платени практиканти. Од октомври програмата треба да се спроведува во уште девет места каде Сименс има свои фабрики или претставништва. Портпаролот Михаел Фридрих вели: „Се работи за тоа на луѓето да им се обезбеди малку нормалност, секојдневие.“ Досега ниту еден не е преземен за натамошна обука низ работа, но такво нешто може да се случи, вели Фридрих. И Дојче Телеком нуди платена пракса за бегалци. Меѓутоа, критериумите се високи: се бараат пред се‘ студенти по економија, а најчесто се неопходни и добри познавања на германскиот и англискиот јазик. Телеком на овој начин се‘ уште не нашол практиканти, но како што се вели - првите кандидати веќе се пријавуваат. Во Континентал стравуваат дека од тоа може да настане одисеја на пракси. Затоа, оваа фирма сака да почне програми за поттикнување на бегалците при што младите луѓе, на пример, додека се на платена пракса, се стекнуваат со одредено завршно свидетелство, по што може да почнат обука низ работа.

Нејасна правна ситуација

За тоа да биде можно, неопходно е прво да се разјаснат законските предуслови во соработка со Агенцијата за работа. Од претпријатието велат дека повратните информации што досега ги добиле се позитивни. Во одделни случаи се веќе склучени и некои договори за обука низ работа. Дајмлер, на пример, обучува бегалци во четири свои фабрики. Вработени се Сиријци и Ирачани кои имаат дозвола за работа. Контактите се склучуваат на различни начини. Така, на пример, производителот на автомобили го поддржува финансиски градот Штутгарт во делот на работа со бегалците и преку таквиот ангажман е во контакт со проектите за помош.

Да се оди директно во сместувалиштата за бегалци и на тој начин да се бараат работници, според Аријане Рајнхарт од Континентал, не е добра идеја. „За луѓето, по сета одисеја, прво е важно да се смират.“ По ваков пат, кој минатата недела во дискусија го уфрли шефот на Дајмлер, Дитер Цече, не сака да оди ниту Телеком. „Тоа нема смисла. Прво мора да се разјасни правната ситуација на бегалците“, нагласува портпаролот на овој концерн Кристијан Шволо.

Несигурниот правен статус на бегалците е ризик за претпријатијата. Германската влада во текот на викендот се договори за олабавување на забраните за работа, но додека трае постапката за азил не е јасно колку еден барател на азил ќе смее да остане во Германија. За претпријатијата, меѓутоа, обуката на еден работник е секогаш инвестиција. Германската Индустриска и трговска комора затоа го поддржува правилото 3+2. Според него, лицето кое е на тригодишна обука низ работа не би смеело да биде протерано во тој период, по што би имало право и на работа во период од две години.