Како да не им дадете шанса на вирусите и бактериите во кујната?
Во време на пандемија на коронавирусот особено важна е хигиената, не само личната. Редовното и правилно миење раце е главната „заповед“ за личната хигиена но постојат и златни правила за хигиена во кујната.
Слушајте ја мајка ви!
Уште од мали научивме: рацете мора задолжително да се мијат пред јадење. Истото важи и за готвењето. Дури и повнимателно, затоа што кога готвиме, можеме да ја загадиме храната со бактерии, која потоа сите ќе ја јадат. Правилното миење на рацете трае најмалку 30 секунди. Насапунети треба да бидат ноктите како и наборите меѓу прстите.
Само еднаш не е доволно
Задолжително мијте ги рацете не само пред да започнете со готвењето, туку и во текот на целиот процес. Особено ако сте допреле сурово месо, риба, јајца или отпадоци. Бидејќи сите тие се носители на бактерии кои не треба да се шират на другите производи. Особено на суровата храна, како што се салатите или доматите.
Одделно месо, одделно зеленчук
За да се избегне контаминација меѓу различните производи, за животинските производи не треба да се користат исти алатки како за другите производи. Ова е особено важно за ножевите и за даските за сечење. Најдобро е да имате специјална даска и специјален нож само за сурово месо. Инаку, пред да ги користите за сечење на зеленчук, даската и ножот треба да се измијат со детергент и со топла вода.
За нас гребаница, за бактериите - вселена
Бактериите се минијатурни. Она што нам ни изгледа како гребаница е огромна шведска маса за салмонелата. Изгребаните кујнски даски многу тешко се мијат. Значи, ако даската е веќе премногу изгребана - подобро да купите нова. За нас драскотина, за бактериите - вселена
Менувајте ги почесто!
Кујнските крпи, сунѓери и четки се омилено засолниште за бактериитеи вирусите. Затоа, по секоја употреба, тие треба да се исплакнат со врела вода, а потоа да се исушат. Кујнски сунѓери и крпи не треба да се користат повеќе од неколку дена. Потоа треба да ги замените или да ги ставите во машината за перење на 70 степени.
Крпите за садови се само за садови
За крпите истото важи како и за сунѓерите: по употребата тие треба да се исушат и да се заменат најмалку еднаш неделно. Со овие крпи, во никој случај не треба да сушите сурово месо или да ги бришете остатоците од протеини - за оваа намена користете хартиени крпи и потоа веднаш фрлете ги.
Во ладно. И во кутии.
На температура под 7 Целзиусови степени, повеќето микроорганизми или не се репродуцираат или го прават тоа многу бавно. Затоа храната која брзо се расипува како месо, риба или јајца треба да се чуваат во најстудениот дел во фрижидерот - обично во кутиите на дното. Многу е важно редовно да се мие внатре фрижидерот, бидејќи во спротивно ќе се појават цели колонии бактерии.
Жешко!
Безбеден начин да се уништат вирусите и бактериите е високата температура. Затоа месото, рибата и јајцата секогаш треба да бидат добро термички обработени. Што значи дека внатрешноста на овие намирници треба да се загрева на најмалку 70 степени и најмалку 2 минути. Салатите, зеленчукот и овошјето кои се јадат свежи мораат да бидат добро измиени. И само тогаш можеме да посакаме: Добар апетит!