1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да постигнеме одржлив и отпорен опоравок?

Тони Поповски
5 јуни 2021

Во идеална ситуација, долгорочен стратешки план за посткризна обнова преку инвестиции, треба да биде утврден со консензус на сите политички чинители и барем поголем дел од стручната и општа јавност. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/3uQlX
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Долгорочна предвидливост на инвестициите, и нивно засилено мобилизирање се неопходни активности особено во периоди на криза и посткризен опоравок. Инвестициите се клучната, проактивна алатка за ревитализирање на економијата и справување со социо-економските последици. Неодговорно би било државата да нема долгорочен инвестициски план. Сега, кога планот е подготвен, истиот наидува на многу резерви најмногу поради претходни искуства со проектирани „милијарди“, а притоа опозицијата не пропушта да го етикетира планот како предизборен потег и нереално ветување, алудирајќи на низа „задни“ намери на изготвувачите.

Подготовката на повеќегодишни инвестициски планови е редовна практика во Европската Унија и во најголем дел од државите членки. Впрочем буџетот на Унијата се носи за период од 7 години и потоа се разработува на годишно ниво. Решителна транзиција кон повеќегодишно буџетирање кое вклучува инвестициското планирање е една од посуштинските, трансформативни препораки кои како држава, со години наназад ги добиваме од страна на Европската Комисија и од меѓународните финансиски организации.

Ако тргнеме од премисата дека долгорочен инвестициски план е неоходен во период на повеќекратна криза, пожелно е енергијата и вниманието да се насочат кон содржината и квалитативните аспекти на планот.

Дали планот го заслужува атрибутот на „Зелена обнова“?

Интервентниот план за инвестиции 2021 – 2027 е во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра. Од нив 38.45% се инвестиции во секторот енергетика а 6.16% во секторот животна средина.

Планираните инвестиции во енергетиката во најголем дел го следат зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика. Притоа треба да се напомене дека ние сме единствена држава во регионот на Западен Балкан која спроведува зелено сценарио како економски најоправдано, и овој момент не прави исклучително компатибилни со целите и пристапот на Зелениот Европски Договор. Не ретко од страна на Европската Комисија се потенцира дека барем засега на ниво на системска поставеност и донесени политики кои забрзано се спроведуваат, сме лидери во зелената енергетска транзиција во регионот.

-претходни колумни од авторот:Квалитетен воздух, утопија или реална можност 

Сепак за да овој план добие атрибут на „Зелена обнова“ ќе беше пожелно алокациите во зелената енергетска транзиција и животната средина да бидат најмалку 51% од планот наспроти 44 %. Ако има простор за една блага ревизија на приоритетите и реалокација на планирани средства, тогаш Владата би можела да го зајакне меѓународниот имиџ на државата, имајќи ја предвид поврзаноста на овие инвестиции и со Парискиот договор за спречување на негативното влијание од климатските промени. Доследен план за „Зелена обнова“ овозможува полесен пристап до поквалитетни финансиски средства и ќе ја зголеми нашата атрактивност за склучување на партнерства со „зелени“ инвеститори.

Спроведливост на планот и поврзани предизвици

70% од предвидените инвестиции се јавни, а остатокот е планирано да се мобилизира низ приватни инвестиции. Од вкупниот буџет на планот, 11% се инвестиции од механизми на ЕУ, односно 16% од делот поврзан со јавните инвестиции. Доколку пропорционално се распределат јавните инвестиции оваа и наредните шест години, ќе биде предизвик да се реализираат над 800 милиони евра секоја година имајќи предвид дека централната и локалната власт постигнувале просечна реализација од околу 550 милиони евра, годишно. Сам по себе, овој предизвик наложува потреба од силно јакнење на институционалните капацитети во комбинација со оутсорсинг, и безмалку совршена координација.

-претходни колумни од авторот:Зелен мит или зелена иднина

Поврзано со приватните инвестиции и потенцијалното склучување на јавни-приватни партнерства, воспоставена е правна рамка за директна помош на приватниот сектор од страна на државата (засега не и од страна на општините), но има потреба од подобрување на Законот за концесии и јавно приватни партнерства (последните дополнувања се од 2015 година). Само преку воспоставување на сеопфатна функционална рамка за склучувања на партнерства со приватниот сектор и јасна заштита на јавниот интерес, целосно усогласена со стандардите на ЕУ, може да се намалат контраверзите, сомневањата и жестината на јавната дебата.

Втор аспект, кој е пожелно навреме и подетално да се објасни, е управувањето со државното земјиште, било да се работи за градежно или земјоделско земјиште, имајќи ја особено предвид паралелната иницијатива за продажба на државното земјоделско земјиште. Во контекст на градежното земјиште, доколку инвестициите бидат соодветно интегрирани во просторно урбанистичката документација и притоа запазени сите процедури и стандарди, вклучувајќи ги и тие за оценка на влијание врз животната средина, не би требало да се очекувааат поголеми контраверзи. Сепак, по однос на државното земјоделско земјиште, неговата продажба поради поврзаните ризици за пренамена за други цели, и во моментов е предмет на жестока дебата. Одговор на оваа дебата даде надлежниот министер убедувајќи не дека земјоделското земјиште ќе се продава исклучува со намена поврзана со земјоделието и развојот на оваа стопанска гранка, но од споделените информации за низа неземјоделски инвестиции во интервентниот инвестициски план, не е сосема јасно на какво земјиште ќе се реализираат.

-претходни колумни од авторот:Последните балкански самураи

Во идеална ситуација, долгорочен стратешки план за посткризна обнова преку инвестиции, треба да биде утврден со консензус на сите политички чинители и барем поголем дел од стручната и општа јавност. Од презентацијата може да заклучиме дека има подготвеност, овој конзензус Владата да се обиде да го оствари во Собранието, низ носење на низа акти вклучувајќи го и Законот за стратешки инвестиции. Преку поширок консензус може да се превенира, при промена на власт, да не дојде до радикално преиспитување на крупните инвестиции и пренамена на средства од поголем обем. Овој ризик мора да се пресретне најмногу поради предвидените средства од ЕУ, покрај буџетот на државата и приватните инвеститори. Непостигнување на консензус има монетарна цена, имајќи ја предвид практиката, инвеститорите да го пресметаат ризикот од влијание на политички промени и истиот да го вградат во инвестициите, правејќи ги поскапи.

Нареден значаен аспект, за кој е потребна засебна анализа е влијанието на планот врз регионалниот развој и остварувањето на стратешката определба за намалување на диспаритетите помеѓу планските региони. Почетен впечаток е дека инвестициите се дистрибуирани во најголем дел од осумте плански региони. До овој момент јавните инвестиции не беа најдоследно планирани и реализирани. Пример е последнава декада каде Скопскиот плански регион по обем на јавните инвестиции иако е најразвиен има апсорбирано повеќе инвестиции од други три плански региони кои се далеку понеразвиени, односно се наоѓа на 4-то место иако би требало да добива најмалку јавни инвестиции по глава жител. Од друга страна, достапните податоци и анализи укажуваат дека диспаритетите не можат позначајно да се намалат доколку не се насочуваат и стимулираат приватни инвестиции во понеразвиените региони, бидејќи во спротивно истите ќе продолжат да се движат кон планските региони со највисок принос на капиталот, првенствено кон Скопскиот плански регион и кон средно развиените региони. Ова е една од посуштинските причини, на овој план да се гледа и како на неповторлива можност за балансирање на регионалниот развој.

Деликатни инвестициски проекти кои започнаа да ја брануваат јавноста

Има три проекти во инвестицискиот план кои се сензитивни, за кои започна пожестока дебата и има ризик да ја поделат јавноста.

Еден од нив е инвестицијата во скијачкиот центар Попова Шапка, преку издавање концесија на 99 години на приватен инвеститор. Притоа неспорно е дека со реализација на оваа инвестиција значително ќе се подобри туристичката понуда не само во Полошкиот регион туку и на ниво на државата, и ќе се постигнат позитивни социо-економски ефекти. Од друга страна со оваа инвестиција ќе се зголеми притисокот врз Шар Планина и тоа во момент кога претстои нејзино прогласување за Национален парк. Посилен развој на Попова Шапка изискува развој на поврзана и комплексна инфраструктура, која заедно со помасовно присуство на туристи ќе го зголеми притисокот врз планината и природните живеалишта. Јавноста заслужува да се стекне со поблиски сознанија за потенцијалното влијание на оваа инвестиција врз животната средина и природата. Слично е и со инвестицијата во зимскиот туристички центар Царев Врв на Осоговските планини, имајќи го предвид неодамнешното прогласување на ова подрачје за заштитен предел.

Вториот проект е инвестицијата во енергија од отпад низ согорување на високи температури т.н инцинерација. Иако во презентацијата беше наведено дека се работи за „строго еколошка инвестиција", колку е можно поскоро со јавноста треба да се споделат повеќе детали. Прво, за карактеристиките на технологијата и начинот на кој би се превенирале сериозни ризици по здравјето на населението во ситуација на хаварија или било какви испади. Второ, иако приватниот инвеститор ја цени инвестицијата за економски оправдана, сепак би било пожелно да се дообјасни нејзината оправданост со примена на најсовремена незагадувачка технологија, имајќи предвид дека согласно со најчестите практики, за рентабилно работење со „прифатливи“ цени за корисниците, неопходно е да се согорува фракција од комунален отпад од минимум 2 милиони население.  Од таа причина, најголем дел од вакви инсталации се изградени во поголеми градови и метрополи. Оваа инвестиција и да ја прифатиме како оправдана (технолошки, без влијание врз животната средина), ќе наложи ревизија на системот за управување со отпад во државата, од прилагодување на нормативната рамка до посериозно прилагодување на општините и нивните комунални претпријатија, и тоа во момент кога се прават паралелни напори и се вложуваат средства за изградба на регионални системи за управување со отпад вклучувајќи регионални санитарни депонии.

-претходни колумни од авторотДобар план, и половина од работата е завршена:

Третиот проект е домашната инвестиција (во комбинација со јавни средства) во фабрика за производство на македонски челик со „целосно еколошка документација" и дополнително 50 мегавати фотонапонска електрана, со комплетно германска опрема со сите еколошки сертификати. За реализација на оваа инвестиција сепак предуслов треба да биде носење на Законот за индустриски емисии во кој ќе биде целосно транспонирана соодветната директива на ЕУ од 2010 година, иницијатива која ја одлагаме повеќе од 4 години и покрај подготвен предлог закон. Надоврзано на ова е и потребата целосно да ја транспонираме Директивата на ЕУ од 2015 година за постројки со средно согорување. Се додека не воведеме прецизни стандарди, и покрај гаранции поврзани со современа опрема и технологија, постои ризик да добиеме нов загадувач. Истотака пожелно е да се соопшти локацијата на оваа нова фабрика.

На крај, би резимирал дека согласно со најдобри меѓународни практики, интервентен инвестициски план е неопходен во услови на повеќекратна, здравствена и социо-економска криза. Притоа, треба да се направат сите напори планот да не изгенерира политички и пошироки препукувања и кавги, туку напротив, да биде обединувачка иницијатива, насочена кон ефикасен посткризен, отпорен и одржлив опоравок на нашата економија, општество и држава.