1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Како да се заштитите на Фејсбук?

Лукас Хансен
27 март 2018

Фејсбук радо се фали со својата транспарентност. На корисниците постојано им се укажува можноста за заштита на приватноста. Но, за вистински да го заштитите својот Фејсбук-профил, неопходно е да кликнете на неколку места

https://p.dw.com/p/2v0bj
Facebook Mobil Smartphone
Фотографија: dapd

Колку се сигурни моите податоци на Фејсбук? Кој може да ги гледа моите фотографии? Кому се видливи информациите за луѓето од мојата листа на пријатели? Во моментов многу луѓе си ги поставуваат овие прашања, затоа што скандалот со аналитичката фирма Кембриџ Аналитика покажа: оној кој не внимава на правилен начин, оддава повеќе за себе отколку што можеби би сакал.

Фејсбук декларира транспарентност: корисниците редовно добиваат пораки за можноста да ја оптимираат својата приватна сфера. „Менито за помош“ на Фејсбук привлекува со прашања од видот: Како да ги прилагодам параметрите за заштита на мојата приватна сфера? Единствен проблем притоа е што упатствата често се нејасни и речиси неразбирливи за луѓе кои не ги познаваат премногу добро социјалните мрежи и понудените опции.

Mark Zuckerberg Facebook
Од Марк Закерберг се очекуваат одредени одговориФотографија: Reuters/S. Lam

Во што е проблемот?

Фејсбук беше мета на јавната критика и пред најновиот скандал. Но, сега се множат гласовите кои од шефот на фирмата, Марк Закерберг бараат значително повисока транспарентност. На пример во САД, Државното обвинителство од сојузната држава Масачусетс започна истрага за начинот на кој Фејсбук постапува со податоците на своите корисници. Политичари од САД и од Велика Британија сакаат да го распрашаат Закерберг во парламентите.

Но, и настрана од случајот со Кембриџ Аналитика, Фејсбук е конфронтиран со обвинувања за нелегално собирање податоци, на пример од страна на германската Антимонополска служба. Затоа што концернот ги собира информациите на корисникот веднаш штом ќе биде интегрирано копче за Фејсбук кај некој трет понудувач. Дотолку поважно е да се познаваат можностите за подесувања на сопствениот профил.

Каков е актуелниот Фејсбук-стандард?

Основа за прилагодувањата за заштита на приватната сфера се корисничките услови на страницата на Фејсбук. Тоа е текст кој опфаќа околу 30.000 знаци. Оној кој отвора акаунт на Фејсбук, со кукичка потврдува дека го прочитал. „Твојата приватна сфера нам ни е многу важна“, пишува Фејсбук тогаш на почеток и дополнува дека и одредени апликации на Фејсбук во одреден случај можат да побараат пристап до одредени содржини и информации. Како во случајот со Кембриџ Аналитика. Фирмата добила кориснички податоци, собрани претходно преку апликацијата на еден личен тест, и тоа не само оние на учесниците во тестот, туку и на нивните пријатели.

Втора важна точка кај условите за користење е линкувањето до правилата за заштита кои важат за Фејсбук. Таму е напишано кои податоци ги собира самиот Фејсбук. Во нив не спаѓаат само фотографиите и постовите, туку и информациите, местото на престој, каде е снимена одредена фотографија или детали за самиот апарат на кој се користи Фејсбук. Во правилата за заштита на податоците, Фејсбук самиот пишува дека во рекламни цели можат да бидат користени барем податоците кои не се лични. Или да бидат разменувани со некој некој понудувач на апликација.

Candy Crush
И апликациите за одредени омилени игри имаат пристап до вашите податоциФотографија: picture-alliance/AP Photo

Што се Фејсбук-апликациите?

Апликациите се познати секому, од неговиот мобилен телефон или таблет-компјутер. Соодветно на тоа, збунувачки е што апликации егзистрираат и во самиот Фејсбук. Кај Фејсбук за апликации се сметаат меѓу другото и услугите на трети понудувачи, кои можат да бидат поврзани со Фејсбук. Тоа може да бидат игри, како познатата "Candy Crush",  која бара пристап до листата на пријатели и постојано прикажува кои пријатели исто така ја користат играта.

Друг пример е апликацијата  Dating-App Тендер, поврзана со Фејсбук, која ги користи податоците од регистрацијата и на таков начин овозможува поедноставено пријавување преку Фејсбук-акаунтот. И фирмите за лиферување, како Foodora или Lieferheld нудат ваков сервис.

Кои апликации имаат пристап до вашето Фејсбук конто можете да видите ако отворите во генералните наштелувања на профилот и таму го одберете копчето Apps- апликации. Тука ќе видите листа со сите апликации кои имаат пристап кај Фејсбук. Со клик врз програмата можете да ги промените правата за пристап или целосно да ги избришете апликациите од Фејсбук.

Во полето "Apps, Webseiten, Plugins" „Апликации, интернет страници и додатоци“ можете да извршите и генерална забрана за трети понудувачи. Во тој случај не е можно на пример пријавување преку Фејсбук-акаунтот кај одредена апликација.

Screenshot - Facebook Einstellungen
Вака изгледаат подесувањата за приватната сфераФотографија: Facebook

Како да се прилагодат опциите за заштита на приватната сфера?

Приватната сфера кај Фејсбук е повеќеслојна. На различни агли и места можете да ги заштитите сопствените податоци и информации од погледите на трети лица. Во штелувањата на Фејсбук постојат две важни категории со кои вашиот профил може да биде поприватен.

Кај точката приватна сфера можете да одберете кој може и смее да ги гледа вашите идни постови. Препорачливо е тука да се одбере опцијата - сопствените пријатели. Во спротивно, нив може да ги гледаат и туѓи лица, со кои воопшто не сте поврзани преку Фејсбук. Преку ова копче исто така може да регулирате кој смее да ја гледа вашата листа на пријатели и кој смее да ве бара преку вашата е-мејл адреса. Внимавајте: на крајот можете да одберете дали пребарувачките машини како Google или Yahoo ќе го прикажуваат вашиот Фејсбук-профил ако некој го бара вашето име.

Но, постојат и други релевантни подесувања. Под точката Хроника или Маркирања можете да одредите кој смее да постира во вашата Фејсбук-хроника, на пример вообичаените роденденски честитки, и кој смее да ве маркира на фотографии и видеа. Тука можете да одберете исто така дали прво сакате да ги проверувате маркирањата пред да бидат објавени.

Фирми му вртат грб на Фејсбук - претрес во Кембриџ Аналитика

Дигиталната приватност како илузија?

Скандалот со Кембриџ Аналитика го тресе Фејсбук

Кој и што може да гледа на мојот профил?

За да добиете груб преглед колку другите луѓе гледаат на нивната Фејсбук-страница, се исплаќа да фрлите поглед на протоколот на активности. Копчето за тоа ќе го најдете покрај Профил-фотографии  и мобилно преку точката „активности“ во профилот. Протоколот на активности дава преглед на објавените линкови и постови. Трите точки покрај Протоколот на активности овозможуваат да се добие слика за сопствениот профил од аспект на другите луѓе.

Корисна алатка е и изборот на опции при објавувањето на фотографија, видео или текст. Затоа што некои фотографии, на пример, се наменети само за очите на одредени луѓе, а не за целата листа на пријатели. На таков начи, кај секој пост можете да одберете со кого сакате да го споделите, таму можете да селектирате или да исклучите одделни лица од вашите пријатели.

Можам ли сега да бидам сигурен во безбедноста на мојот Фејсбук-профил?

Не, Фејсбук постојано ги менува правилата за заштита на податоците и подесувањата за заштита на приватната сфера. По правило, за тоа ги информира корисниците со кратка информација за измените. Ваквите инфорамции не треба едноставно да ги игнорирате, туку внимателно да ги прочитате. Често мора да бидат променети сите нагодувања за заштита на приватната сфера.