Како и за кого гласаат Германците на избори?
26 септември 2021Кога на 26 септември околу 60 милиони лица со право на глас ќе може да заокружат една партија, ќе има големи разлики во тоа како ќе гласаат различните старосни групи. Повозрасните лица имаат тенденција да избираат меѓу етаблираните поранешни народни партии како ЦДУ, ЦСУ, Либералите и СПД. За нив овие партии симболизираат стабилност и благосостојба. Во целокупната историја на С.Р. Германија канцеларотбил или од редовите на Демохристијаните, или од Социјалдемократите.
Зигел: „Постарите често имаат јасна политичка определеност"
Нико Зигел, шеф на Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест Димап од Берлин, вели: „Меѓу постарите гласачи почесто отколку кај помладите има долгорочно врзување за една партија." Таа определеност често се формирала во раните фази од животот. Пред 20 години и повеќе ЦДУ, ЦСУ и СПД беа најсилните партии кои кон средината на 70-тите години на пример имаа 90% од гласовите. Но, и во тој сегмент има потенцијално променливи гласачи, вели Зигел: „Особено на претстојните избори може да има поместувања, но очекуваме да бидат меѓу Унијата и СПД. Тоа се должи на фактот дека постарите гласачи особено ценат искуство, компетенција, сувереност и кога кандидатот зрачи смиреност, а тука досега најмногу поени освои Социјалдемократот Шолц."
Зелените често водат кај помладите
Помлади партии како Зелените веќе се составен дел од политичкиот спектар, но успесите ги базираат пред сѐ на помладите гласачи. Пример: на последните избори за Европскиот парламент во 2019 Зелените од гласачите под 24 години добиле 34%, каде излегоа и како најсилна партија, а вкупниот резултат им изнесуваше 20,5%. Темата заштита на климата игра многу важна улога. Според анкета на Германската организација за заштита на околината „НАБУ” лицата колку се постари толку помалку својот избор го темелат на основа на климатските интереси на помладите генерации.
Кај 30- со 39-годишните се нешто над 40%, кај 40- до 49-годишните се 36%, кај 50- до 64-годишните се 30%. Кај над 65 годишните гласачи само 27,9 проценти ги земаат предвид климатските интереси на помладите генерации при својот избор.
Постарите порадо одат на гласање
Во основа сјајот на старите западногермански партии ЦДУ, ЦСУ и СПД избледе. Поддршка од 30% за партиите на Унијата,ЦДУ и ЦСУ или СПД веќе е тешко замислива. Последен пат на изборите во 2013 партиите на Унијата освоија 42% од гласовите. Четири години подоцна, во 2017 само 33%. Генерално важи следново – колку луѓето се постари, толку е поголема подготвеноста за гласање.
Во просек на сите сојузни избори од 1953 до 2009, најголема излезност има кај групата на гласачи над 60 години. На изборите во 2013 година речиси 80% од старите лица излегле на гласање. Во 2017 пак, старосната група од 60 – 69 со 81% гласачи кои излегле на гласање е групата со најголема излезност.
Во внатрешноста на земјата луѓето размислуваат поконзервативно
Видливи разлики има меѓу градовите и внатрешноста на земјата во руралните средини. За енергетска промена, изградба на ветерници и сончеви електрани се одлучува во главниот град, па така луѓето во метрополите се повеќе поддржувачи на овие теми. Овие проекти пак се имплементираат во руралните средини, па луѓето на село се скептични кон ветерните турбини.
Една европска студија спроведена од Универзитетот Кембриџ го анализираше различното однесување на избирачите од град и село во сите ЕУ земји. Резултатот гласи: на село луѓето се поконзервативни отколку во градовите. Тие се поскептични, особено во однос на прашања за миграција, како и за последиците од глобализацијата и климатските промени.
Истражувачите исто така заклучиле дека поголема е веројатноста дека луѓето од руралните средини ќе гласаат отколку од градовите. Тоа истовремено значи дека популистичките партии таму ќе добијат поголем број гласови.
Нико Зигел за ДВ додава: „Во урбаните средини, Зелените имаат упоришта, таму каде што се претежно млади гласачи и тоа високо образовани. Тие се класични гласачи на Зелените. Како и досега во руралните средини партиите на Унијата се посилни. Често и темите кои се во фокусот, како и предложените решенија се различни, како на пример во однос на идните концепти на мобилност.“ Луѓето во руралните средини, пред сè постарите, не можат да замислат живот без автомобил.
Сè потешко е да се предвиди однесувањето на гласачите
Генерално, однесувањето на гласачите стана толку непредвидливошто секакви изненадувања се можни. Само во јуни според анкетите кандидатот за канцелар на ЦДУ, Армин Лашет имаше добра поддршка кај младите. 26% од испитаниците меѓу 16 и 24 години тогаш изјавиле дека би му го дале гласот нему, но 18% од нив имаа тенденција за поддршка на помалите партии. Со други зборови – сè потешко е да се предвиди однесувањето на гласачите, а со тоа и исходот од изборите.