1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Германија

Грета Хаман / Е.М. Фиданоска24 септември 2015

Има многу легални патишта за наоѓање работа во Германија. Генерално важи: колку подобра квалификација, толку поедноставно до работа.

https://p.dw.com/p/1GbfJ
Фотографија: dapd

Оние што се заинтересирани за работа во Германија не мораат да поднесуваат барање за азил. Напротив, лице што бара работа нема право на азил. Освен тоа, за сите баратели на азил во првите три месеци важи забрана за работа. Ако се поднесе барање за азил и покрај тоа што тоа е „очигледно без основа“ се добива дури и забрана за повторно влегување во Германија и во целиот Шенген-простор. Тоа се однесува на пример на речиси сите барања за азил од лица од т.н. сигурни земји на потекло. Во овие земји во моментов се вбројуваат сите балкански земји: Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора. По барањата за азил на граѓани од овие земји се одлучува брзо - и речиси секогаш негативно. Тие лица потоа мора брзо да ја напуштат Германија. Ако лицето не отпатува доброволно, тоа ќе биде протерано и во речиси сите случаи трошоците за враќање во татковината се сносат лично.

Како да работам легално во Германија?

За да се одговори на ова прашање треба прво да се направи разлика меѓу граѓани на ЕУ и граѓани од т.н. трети држави. Граѓаните на ЕУ имаат право да се движат слободно во ЕУ. Тие може и без ограничувања да работат во Германија. За да влезат во земјата не им е потребна виза. Слично е и за граѓаните кои се дел од европскиот економски простор, како за државјаните на Швајцарија.

За странците од други земји, значи од трети држави, има некои правила кои мора да се почитуваат. Кон овие трети држави припаѓаат и сите земји од Западен Балкан: Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Албанија и Црна Гора. Граѓаните од овие земји во основа смеат да работат во Германија само доколку имаат важечка дозвола за престој во земјата и доколку властите им дозволуваат да работат. Постојан пет вида дозволи за престој: ограничена дозвола за престој, ограничена „сина карта на ЕУ“, неограничена дозвола за престој и дозвола за траен престој во ЕУ, која исто така е неограничена.

Дозвола за престој може да добие само лице кое има пасош и за кое нема причина за заминување од земјата, како што е случајот со лица кои безуспешно се обиделе да добијат азил и кои се принудени да си заминат. Исто така, за добивање дозвола за престој мора да се докаже дека лицето е во состојба да си обезбедува средства за живот додека е во Германија. Значи, или треба да се докаже дека на банкарска сметка има доволно пари, или се има работа со соодветно висока плата или за лицето финансиски гарантира некое друго лице во Германија. Тоа значи и дека не може да се дојде во Германија и да се добива помош за невработени или социјална помош. Вакво право имаат само германските државјани, барателите на азил и лицата кои повеќе години уплатувале во социјалните фондови во државата.

Генерално важи: колку е лицето подобро квалификувано и колку подобро зборува германски, толку е поедноставно да се добие долгорочна дозвола за престој и работа (повеќе види подолу). За лицата со ниски квалификации или лицата кои немаат образование и обука е многу тешко да работат долгорочно во Германија.

Се‘ уште немам работа и сакам да најдам работно место во Германија

Кој сака да бара работа во Германија, може да поднесе барање за виза за барање работно место. Ваква виза се добива во надлежната германска амбасада или надлежниот германски конзулат во сопствената земја. Преглед на сите претставништва на Германија во странство има на оваа карта: (http://www.make-it-in-germany.com/de/fuer-fachkraefte/deutschland-kennenlernen/deutschland-vor-ort#c5049 ). Меѓутоа, ако лицето со ваква виза престојува во Германија, тоа нема право да работи. Кога ќе се најде работно место, мора да се поднесе барање за „дозвола за престој со цел да се работи“. За таа цел лицето не мора да отпатува од Германија, туку директно во државата може да поднесе барање за ваква дозвола.

Виза, исто како и дозвола за престој, се добиваат само ако лицето може да докаже дека може лично да се издржува. Кога ќе стигне во Германија, исто како и сите граѓани на Германија, лицето може да се обрати на Агенцијата за работа. Исто така, по работно место може да се трага и на интернет и соодветните портали за работа (како www.anerkennung-in-deutschland.de/).

Кога ќе се најде соодветно работно место, за граѓаните кои не се од земја од ЕУ важи постапката на предност. Тоа значи дека работа се добива само ако за тоа работно место не доаѓа предвид некој германски државјанин или граѓанин од земјите на ЕУ.

Исклучок има кај висококвалификуваните, како и за оние кои се пријавуваат за работни места во т.н. дефицитарни професии. Тоа се професии за кои во Германија има премалку кандидати. Во таквите случаи не важи постапката на давање предност. Во Германија се неопходни работници пред се‘ во занаетчиството, во сферата на негата и уште неколку други професии. Листата на професии во кои во моментов особено има недостиг од работна сила може да се најде овде: (http://www.make-it-in-germany.com/fileadmin/content/make-it-in-germany/PDF/positivliste_dt.pdf).

Сакам да се образувам низ работа во Германија

Лицето кое се образува низ работа во Германија, поседува пасош и да може лично да се издржува, добива временски ограничена дозвола за престој во државата. Таа се издава за период од максимално две години, но може да се продолжува. Доколку образованието низ работа, односно обуката, е пократка од две години, лицето добива дозвола за престој за периодот колку што трае образованието. При носењето одлука за продолжување на дозволата за престој позитивно влијаат добрите познавања на германскиот јазик и учеството на официјалните курсеви за интеграција.

Кога се има дозвола за престој добиена врз основа на образование низ работа, покрај учењето смее да се работи само уште десет часа во неделата. Ако образованието низ работа е завршено и лицето сака да бара работа, може да поднесе барање за продолжување на дозволата.

При барањето на место за образование низ работа важат слични правила како и при барањето работа: Има малку пречки во дефицитарните професии, потребни се соодветни признати дипломи и треба да се зборува германски што е можно подобро.

Сакам да студирам во Германија

Да студира во Германија може само лице кое има претходно завршено соодветно образование, а тоа во Германија значи завршена матура. Дали дипломите добиени во татковината ќе бидат признати во Германија се одлучува секогаш од случај до случај. Притоа од помош е порталот на Министерството за образование и наука (http://www.anerkennung-in-deutschland.de/html/de/).

Доколку дипломата добиена во татковината не е доволна, може да се посетува т.н. колеџ, за што е потребно да се поднесе барање за ограничена дозвола за престој. Доколку се добие дозвола за студирање на универзитет и лицето е во состојба само да се издржува, тогаш се добива дозвола за престој. Притоа е важно студирањето да е главна цел на престојот во Германија. Значи, не може да се оди на вчерна настава или да се студира од далечина. Ако се добие студентска дозвола за престој, може и да се работи покрај студиите, но не повеќе до 120 дена во годината.

Дозвола за престој со цел студирање се добива по правило за период од една до две години. Таа може да се продолжува доколку во тој период лицето не го завршило образованието.

Веќе имам најдено работа во Германија и сакам легално да влезам во земјата

Кога се има конкретна понуда за работа е многу поедноставно да се добие дозвола за престој. Но и во таков случај мора да бидат исполнети сите предуслови за добивање дозвола за престој (види горе).

Покрај дозволата за престој, за најголемиот дел од професиите е неопходна и официјална согласност од Агенцијата за работа.

За висококвалификуваните, научниците, луѓето на раководни позиции и специјалистите тоа не важи. И странците кои имаат германска диплома или друга универзитетска диплома не мора да бараат согласност од Агенцијата за работа доколку може да докажат дека во својата професија заработуваат најмалку 48.400 евра бруто годишно. Тие тогаш добиваат „сина карта на ЕУ“ која прво важи за период од 4 години. Има и случаи кога висококвалификувани лица добиваат директно неограничена дозвола за престој во Германија.