Како се избира во Германија?
13 јуни 2017За да се освои пратеничко место, а притоа се нема поддршка од некоја од партиите, потребно е да се освојат многу гласови. Во Уставот се вели: „Политичките партии учествуваат во процесот на градење политички цели, носење одлуки и дејствување“, но во меѓувреме многу политиколози признаваат дека партиите не само што соучествуваат, туку самите одлучуваат кој ќе носи политички одлуки. А тоа е поврзано со германскиот изборен систем, со првиот и вториот глас. Да почнеме од почеток.
Право на глас имаат граѓаните со германско државјанство кои наполниле 18 години.
Кај раководителот на сојузните избори мора да се претстават сите партии кои сакаат да настапат на избори. Ако тие се држат до Уставот, демократијата и принципите на правната држава, мора да им биде дадена дозвола за настап на избори, иако некому дел од целите на некои партии може да му се чинат конфузни и неразбирливи.
Правила на играта
Теоретски, покрај големите, во парламентот може да влезат и многу мали партии. Но со оглед на тоа што во една демократија законите се носат со мнозинство гласови, малите партии би морало да се организираат постојано во сојузи. Основачите на Сојузна Република Германија стравуваа од премногу хаотични состојби со фатални одлуки, какви што имаше во 1920-тите. Тие сакаа со изборите да се добие основна насока по која ќе се движи парламентот во наредните 4 години и обезбедување што е можно постабилни влади. Затоа беше одлучено во парламентот претставници да може да испратат само оние партии кои ќе добијат над 5% од гласовите на избирачите. Беше создаден цензусот од 5 проценти.
Освен тоа, има мешавина од мнозински и пропорционален изборен модел. Не се гласа само за партии кои интерно партиски ги договараат своите кандидати, туку граѓаните имаат можност за политичарите да гласаат и директно. Идејата е: лицата од непосредната околина често покажале како и колку се залагаат за граѓаните. Тоа создава блискост со политиката. Во Германија има 299 изборни единици во кои партиските претставници се на директен избор. Затоа изборното ливче во Германија има два дела - еден за првиот глас и еден за вториот. Во ваквиот начин на гласање во изминатите 60 години малку што е променето.
Два гласа
Секој избирач има два гласа. Со „првиот глас“ тој на избирачкото ливче го избира политичарот од една партија за кого смета дека би бил најдобар претставник на неговата изборна единица во парламентот. Значи тука се избира конкретно лице. Од изборната единица во Бундестагот потоа се испраќа кандидатот кој добил најголем број од „првите гласови“ на избирачите, значи важи мнозинскиот принцип на избор.
„Вториот глас“ е всушност важниот глас. Со него се гласа за определена партија. Колку повеќе гласови освои една партија, толку повеќе пратеници во парламентот ќе има од нејзината листа. Зависно од бројот гласови, во трка се сите партии кои освоиле повеќе од 5% од гласовите.
Согласно резултатите од првиот и вториот глас (по половина) се определува вкупниот број на пратеници кои ќе седат во Бундестагот. Тие потоа избираат канцелар.