Како се менуваше Скопје: бетон наместо зеленило
27 септември 2017Скопје се промени. Во последните 10 години жителите на главниот град се сведоци на опсежни и коренити промени во урбанизмот и архитектурата особено на јавните простори.
Најчесто овие промени се на сметка на површините со урбано зеленило. Повеќе мали паркови меѓу градските блокови во повеќе скопски општини се претворија во градежни парцели на кои наместо дрвја никнаа административни, комерцијални или станбени блокови. Во најголем дел од случаите инвеститорите меѓу кои најчесто се јавуваат институции од централната власт, не се обидоа да надоместат дел од урбаното зеленило уништено при градбата на објектите.
Во повеќе делови од Скопје како одговор на овие процеси се јави граѓански активизам. Жителите од повеќе општини се организираа во граѓански иницијативи со цел да го запрат овој бран на исчезнување на јавни простори. Иницијативите се обидуваат да се вклучат во носењето на урбанистичките политики на нивото на општини во насока да спречат понатамошно уништување на преостанатите зелени површини, а со тоа да спречат и дополнително влошување на и така екстремно загадената животна средина.
Засега успешноста на овие иницијативи е тешко да се процени со оглед на тоа дека општините остануваат затворени за грѓаните, и во најголем дел, кон овие иницијативи се однесуваат како кон непријателски елементи. Интензивните промени во последната декада во Скопје се резултат на последователни промени во урбанистичките планови кои ги носеа општините. Од начинот на кој се одвиваа промените во последните 10 години јасни и константни се два моменти:
- Општините можат да спроведат обемни и чести промени на урбанистичката документација и на јавните простори;
- Граѓаните и нивните иницијативи остануваат надвор од процесот на носење на одлуки и за нив е многу тешко или речиси невозможно да влијаат врз урбанистичкото планирање во своите средини.
Има ли место за ново зеленило?
Ако ги погледнете локациите на апликацијата и додека кандидатите за градоначалници за локалните избори на 15 октомври ветуваат нови зелени површини неминовно ќе се постави прашањето: Каде? Оваа апликација дава увид во големите промени во Скопје. Таа овозможува прикажување на Деталните урбанистички планови во дел од општините Центар, Чаир, Аеродром и Карпош и ја прикажува реалната состојба на теренот преку Google мапи. Апликацијата прикажува мапи од исти локации во различен временски период, односно, овозможува да се види како се променија делови од градот.
Ги покануваме сите читатели на мејлот [email protected] да ни пратат локации на кои сметаат дека низ годините настанале слични промени.
Апликацијата е изработена во рамки на проектот „Вивасити“, спроведен од Здружението за заштита на животната средина Гринбокс – Скопје и финансиран од програмата „Цивика мобилитас“.
Апликацијата Вивасити можете да ја спуштите на следниот линк:
https://drive.google.com/file/d/0B_KCQJzZ5G6qRHM5M3FkdzZqZDQ/view