1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камчев е камче

18 март 2021

Камчев е само камче во мозаикот исполнет со „кој е кој“ на домашната (и соседска) политичка, финансиска, дипломатска, разузнавачка сцена. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3qnCg
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Иако несомнено битна вест и настан, самиот чин на апсење или приведување на Орце Камчев некако како да падна во сенка во следење на реакциите и интерпретациите на засегнатите фан-групи и воопшто јавноста. За мене барем, беа и сеуште се збунувачки и интригантни контрадикторностите кои се јавија непосредно по објавувањето на веста. И тешко дека некој ќе може асално да ми разјасни како бива да приведувањето на несудениот конзул на соседна Бугарија, осомничен за подготовка на бегство со помош на бугарски агенти, предизвика така бурен бран на незадоволства, протести и гнев токму кај оние перјаници на јавноста и сегменти на општеството познати по истакнат про-македонски патриотизам и (барем јавно) катадневно нескриен анимозитет кон Бугарија. Би помислил човек дека таквите „непокорни” ќе покажат рамномерна пизма и критика кон наводните бугарски контакти на Камчев со Софија, барем во иста мерка како и хистеријата на кудења и колнења на адреса на младоно момче кандисано за Евровизија и распнато низ социјални мрежи. Би помислил, ама - очигледно - би ја утнал од корнер.

Галама и молк

Таа дисонантност е уште една потврда дека патриотизмот е конвертибилна валута и профитабилен бизнис од кој зависи егзистенцијата на очигледно и не баш мал број на новинари, пара-медиуми, инфлуенсери и профи-тажачи со завидувачки флексибилен мајндсет. Да не е тажно, ќе беше забавно да се следат сите потресени ем загрижени процедуралисти на мерките превземни против Камчев, кои обично остануваат блазирани и незаинтересирани за други судско-правнички процеси во земјата. Не мал број од нив речиси акламативно ги прифаќаа пресудите во случајот Монструм, без ниедна забелешка за евентуални спорни моменти во процесот и дури со оценка дека „сегашната истрага (на СДСМ) ги потврди наодите на претходната (од ВМРО-ДПМНЕ”. Таквите реакции не само што не ја убедија јавноста во „сомнителноста” на постапката, туку повторно потврдија дека нашиот правен систем не боледува само од заболеното обвинителство и загноено судство на теренот, туку и од селективната миопичност на коментаторите од трибините.

претходни колумни од авторот:   Т’зи дупка, сепак дупка


Што се однесува до самата партиска сцена, галамата на едната и молкот на другата крајност укажува дека центарот не е пресреќен од ваквиот развој на настаните поврзани со Тајкунот број еден во нашата земја. Што е сосема логично за лик чиј финансов бекграунд е неминовно следен од политичкото портфолио од кое се има формирано во сива еминенција на политичкиот живот. Камчев можеби ќе замери или ќе се осети почестен доколку неговата улога на политичката сцена биде опишана низ зборовите на еден друг тајкун дека „сите тие добиваа пари од мене, па кога ќе беа избрани – секогаш беа спремни  да испорачаат се што ќе побарам”. Така збореше Доналд Трамп за неговите републикански и демократски ривали. Камчев тоа никогаш го нема кажано, од едноставна причина што секој троа поупатен знае дека во секоја пресметка на големите партии и политичари тој бил и сеуште е присутен со барем четири нули.  

претходни колумни од авторот:Историите на Куртис и Вотсон


For the record and on the record, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно аргументи да приведувањето на Камчев го експлоатираат во сопствен прилог. Првите како доказ пред домородците и странците дека, ете, борбата против криминалот е бескомпромисна, решителна и без пардон за никој. Вторите, како потврда за спрегата на власта со корупцијата и криминалот, засновано врз блискоста на Камчев со ликови (порано или подоцна) поврзани со сегашната владејачка гарнитура. Off the record, и едната и другата страна се подеднакво загрижени за спремноста на Камчев да изнесе сознанија за неговото соучесништво и директно учество на двете најголеми партии во скандали и афери на двете владејачки структури за последните дваесет години. Социјалдемократите би сакале да факторот Камчев се спомнува единствено во периодот на владеењето на Груевски, но по можност да не се спомнуваат зачетоците кои водат до нивни пазуви. За вмровците, црните петна на Камчев започнуваат со дружбите со Боки и Кате, но по можност да не се чепка во неговиот подем за време на владеењето на нивната партија. Едно е јасно, ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да дојде до таква разврска, со несогледиви последици за нивните структури. Она што е помалку јасно, е спремноста на Камчев и интересот на „трети страни” за евентуална трампа помеѓу неговата богата меморија со цел сочувување на уште побогатото тајкунско портфолио. 

Камче во мозаикот

Потребни се сизифовски напори за да се разбере сета приказна поврзана со и околу Камчев, предизвик кој налага експертско познавање на комично хаотичниот ни правен систем, длабочински увид во мизансценските махинејства на политичката сцена, блискост до испреплетените регионални интереси, кооперации и манипулации. Она што е сосема сигурно е дека, сепак, Камчев е само камче во мозаикот исполент со who is who на домашната (и соседска) политичка, финансова, дипломатска, разузнавачка сцена. Камче кое сите би сакале да биде сместено некаде на периферија на сцената, но се повеќе личи дека е парче кое наликува на белег на сред чело на многу домашни политички фактори. 
Доколку се дистанцираме од усилбите  Камчев да биде претставен како персонификација на сите зла, парирани од обидите за негово миење од стилот „таман сакаше да вработи десет души, они нему вака душмански”, би можеле да дојдеме до контекстуално појасна претстава за факторот Камчев во однос кон естаблишментот.

претходни колумни од авторот: Владата е падната. Власта виси.

Самите реакции кон неговото приведување даваат повод за оценка дека продолжува процесот на прочистување од пара-политичките, пара-финансови, пара-безбедносни, пара-стопанственички, пара-медиумски наслаги врз институциите и инструментите на системот. Фокусирањето врз индивидуални случаи оневозможува сеопфатно согледување на состојбите кои се повеќе наликуваат на спроведување на хиерархиски исцртаните препораки на Прибе. Следени со персонална конкретизација на одговорноста за спроведување на реформите и ставање крај на феноменот на хартиени „успеси” без реални ефекти. По таа линија на делување, започната со „треската” низ безбедносните агенции, следена од големиот капитал, следни за прочистување се политичките партии и медиумскиот сектор. И така натаму, удолу.
Приведувањето на Камчев, апсењето на Мијалков, дискретното „снемување” на влијателни безбедносни фактори од јавната сцена се можеби бурни настани за нас. Но ставено во регионален контекст, тие се само дел од процесот на промени, дури и помалку битни од некои други слични процеси. Како што се драматичните судири помеѓу мафијата и власта во соседна Србија, масивните промени во Приштина, комплицирањето на претставништвото на Подгорица во Алијансата, интересот на Ердоган за „вклучување на Русија во неговата визија за Балканот”, претстојните избори во Албанија со неизвесен резултат. 
Засегнатите директни актери во овие случувања имаат причина за загриженост, поради што се и разбирливи нивните бурни, панични реакции и обиди за подгревање на емоциите. Со релативен успех во виртуалниот свет на социјалните мрежи, но без значајно влијаните врз реалниот живот на граѓаните притиснати од приоритетите на пандемијата и социјалната криза. Табуто за „преголеми за да паднат” е прекршено, преседаните се веќе надминати, а со неа и ароганцијата на самоубеденоста за семоќноста. Евидентно е дека процесот на прочистување ќе продолжи. Во сите правци.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач