„Црниот“ џин со темни страни
3 април 2015Цела една генерација Германци израсна со него како сојузен канцелар. Или подобро речено: Хелмут Кол беше сојузен канцелар на една цела генерација. Колку што беше присутен за време на својот 16-годишен мандат, толку бргу избледе сликата за него по повлекувањето од политиката.
Во едно истражување на Форса во 2013 година, Хелмут Кол се најде на 4. место на листата на најзначајни канцелари на Германија (со 17% гласови). Притоа, тој беше подолго на функцијата од кој било друг и тоа во време во кое светот доживеа пресврт. Значи, не е чудо што што Бил Клинтон во своето лаудацио при доделувањето на наградата „Хенри Кисинџер“ во 2011 година, поради трансатлантското дејствување, го нарече Кол „најважниот германски државник по Втората светска војна“.
Млад и енергичен
Кога во 1964 година 34-годишниот Кол беше избран за член на претседателството на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), тој веќе половина свој живот имаше демохристијанска членска книшка. Уште на втората седница на претседателството, младиот и енергичен политичар им упати критика на постарите господа околу себе, вклучувајќи го и тогашниот неприкосновен партиски лидер Конрад Аденауер: „Откако половина година не сме си ги завршиле ниту обврските предвидени со статутот, време е да ги засукаме ракавите.“
Без оглед на енергичноста и желбата за брз подем, на Кол му беа потребни уште пет години како шеф на пратеничката група во покраината Рајнланд Пфалц пред да го замени Петер Алтмајер на премиерската функција. На сојузно ниво, Кол во 1973 година го презеде лидерството во партијата од тогаш само шест години постариот Рајнер Барцел, чија сјајна кариера претрпе непоправлива штета по загубеното гласање за доверба против Вили Брант во 1972 година.
Генијален играч во врвот на власта
Кол, како опозиционен лидер, раководеше со демохристијаните во тешките 70-ти години од минатиот век. По неговата неуспешна кандидатура за канцелар против Хелмут Шмит во 1976 година, тој во1980-та му даде предност на својот ривал во рамките на Унијата, Франц Јозеф Штраус, за на тој начин да го обезбеди единството на пратеничката група на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) во Бундестагот.
Од постигнувањето на овој компромис тој профитираше при второто гласање за доверба во историјата на Сојузната република - во 1982 година зад него застанаа доволно пратеници од Унијата за со помош на пратеничката група на либералите да се добие гласањето против Хелмут Шмит. Кол стана Сојузен канцелар.
Кога 16 години подоцна ги загуби изборите против кандидатот од СПД, Герхард Шредер, Студената војна беше завршена, Германија беше повторно обединета, беше основана ЕУ и беа потпишани основните договори за воведување на еврото.
Иако историјата му одеше на рака на Кол, сепак без неговата политичка умешност и нескротливата желба за власт ќе се затвореа можеби повеќе „прозорци“ и многу работи ќе останеа незавршени, не само тој за германското обединување.
Горчливо заминување од сцената
Со какви средства се служел Кол за да опстане, излезе на виделина дури откако тој замина од власт. Во периодот од 1993 до 1998 година зел најмалку 2,1 милиони евра донациии за партијата кои не биле пријавени. Дали со толку пари од тајни донации може да се купат политички одлуки? Тоа не може да се докаже, а самиот Кол тоа го отфрла како срамна инсинуација. Тоа што до денес не ги објавува имињата на донаторите, според него, е работа на чест.
Донаторската афера го запечати крајот на кариерата на Кол. Но врз неговиот углед голема сенка не фрлија само црните фондови. Непоправливиот раскин со дологодишни соработници од доверба, како Волфганг Шојбле и Хајнер Гајслер, како и неумесните изјави за поранешниот коалиционен партнер, па дури и за својата наследничка Ангела Меркел, ја отсликуваат големата суетност на Кол.
Без хумор, суетен, неблагодарен
Тоа излегуваше на површина почесто, како на пример во 1991 година, кога тргна физички да го нападне демонстрантот кој го гаѓаше со јајца. Акцијата беше повеќе замислена како шега, отколку како атентат, повторуваше потоа постојано напаѓачот. Но со Кол не може да се прават такви работи, вели австрискиот архитект и карикатурист Густав Пајхле: „Хелмут Кол има се‘, само не хумор.“
Пајхле го познаваше лично канцеларот од неговите редовни одмори на Волфгангското езеро. Одмори, кои сопругата на Кол, Ханелоре, како што подоцна му признала во доверба на биографот на Кол, Хериберт Шван, ги мразела. Нејзиното самоубиство во 2001 година за многумина беше уште еден доказ за тоа колку неблагодарно постапува Кол со луѓето. Зашто, иако Ханелоре Кол со години стоеше цврсто зад својот сопруг, тој ја оставил сама со нејзината тешка болест, гласи обвинувањето. Доказ на оние кои го тврдат тоа е тешкиот однос на Кол со синовите, како и стапувањето во брак со 34 години помладата Мајке Кол-Рихтер во 2008 година, која ја познавал уште од времето додека бил канцелар.
Историска фигура уште за време на животот
Во последните години стана мирно околу Хелмут Кол. Тој предизвикува внимание во јавноста само кога се објавуваат дела за неговата личност. Во моментов води судски спор со Хериберт Шван, кој ја напиша неговата биографија.
Наспроти тоа, Кол, дали поради лошото здравје или поради тоа што стравува дека веќе не може ништо да придвижи, ретко се изјаснува за актуелни прашања. За она што го стори додека ги вртеше големите тркала на истроијата, Германска пошта во 2012 година му посвети поштенска марка, чест која ретко се укажува на лица кои се‘ уште се живи. На тој начин, сепак, несакајќи е испратена и порака дека Хелмут Кол уште за време на животот се преселил во историјата.
Цела една генерација израсна со него како канцелар. Но, нивните деца го познаваат Хелмут Кол само од приказните кои се раскажуваат за него.