Катастрофална политика кон бегалците во 2011 година
29 декември 2011Политиката кон бегалците во Италија годинава беше, накратко кажано, чиста катастрофа. Таа беше мешавина од неспособност и намерна пасивност врз грбот на сопствениот народ. Тоа доведе до зголемена нетрпеливост кон странците во земјата. Портпаролот на Високиот комесар за бегалска политика при ОН Лаура Болдрини изјави: „Италија и нејзините служби многу долго ја игнорираа опасноста и ја потценија и покрај предупредувањата на меѓународните организации.“
Бројот на расистички кривични дела постојано расте. Како на пример, убиството врз двајца млади луѓе од Сенегал од страна на неонацисти кон средината на месецов. Потоа, подметнувањето пожар во еден ромски камп во Торино, откако една жена излажала дека била силувана од Роми. Сето ова беше под надлежност на владата на Берлускони и нејзиниот поранешен министер за внатрешни работи Марони од деснопопулистичката партија Лега Норд, кој постојано ширеше лошо расположение против странците во земјата.
Жителите оставени сами на себе
Токму во овој контекст може иронично да се каже дека Италија беше „успешна“ и на Лампедуза, чии население токму по повод 150 годиниот јубелеј годинава беше оставено на цедило од владата во Рим. По уривањето на режимот на Бен Али во Тунис и војната во Либија Рим предупреди од бегалски бран во цитат:„библиски размери“ и побара помош од ЕУ. Унијата одби да помогне, по што Италија во знак на протест им дозволи на сите бегалски бродови да се укотват на Лампедуза, а бегалците не ги распореди во повеќе различни кампови. Во март годинава на островот имаше повеќе бегалци, отколку жители. Во септември се зголеми бројот на бегалци од Тунис и дојде до ескалација на ситуацијата, по што бегалците го запалија кампот каде беа сместени. Со ова се наруши имиџот на островот. Овде не доаѓаат повеќе туристи, од кои всушност, живее островот. Поради тоа, жителите поттикнати и од некои локални политичари, почнаа да реагираат многу лошо кон странците на островот. Лаура Болдрини од УНХЦР вели: „Луѓето од Лампедуза се чувствуваат оставени сами на својата судбина и затоа реагираат така како што во нормални услови не реагираат. Имаше многу драматични и возбудливи моменти, водени пред се’ од чувствата на луѓето. Тие фрлаа камења кон мигрантите, кога овие почнаа да бегаат во центарот на Лампедуза. Такво нешто не смееше да се случи“, вели Болдрини.
Кампот не е изграден до денеска
Од големиот пожар во кампот до денес имаше уште неколку неразјаснети пожари во еден магацин за облека и храна за бегалците, пожар во автобусот со кој се пренесуваат бегалците, како и пожар врз автомобилот на раководителот на кампот. Сите овие инциденти беа јасен знак, дека поради омразата кон странците бегалскиот камп не можеше да се обнови. Тоа не е обновен ниту до денеска. „Колку што сме информирани нема ништо да се превземе. Прифатниот бегалски камп е затворен, поради големите оштетувања. Но, не можеме да кажеме дека островот не е безбедно прифатилиште само поради тоа што нема прифатен центар“, изјави Болдрини од УНХЦР.
Да се објави Лампедуза за „не безбедно место“ и со тоа да се затвори островот за бегалци гласеше одлуката на Силвио Берлускони. Меѓутоа, со тоа се премести и седиштето на спасувачите при бродска несреќа кај Сицилија. Овој остров се наоѓа 200 километри северно од Лампедуза. Ова за спасувачите значи дека треба да пловат најмалку седум часа додека да стигнат до луѓето на кои им е потребна помош. Оваа одлука на владата на Берлускони може да значи смрт за голем број бегалци: Освен тоа, за Божиќ пристигнаа уште повеќе бегалци на Лампедуза. „На 16 декември пристигнаа 69 Сомалијци на Лампедуза. Тие се сместија на островот и покрај тоа што прифатниот центар се’ уште не работи. Но, најважно е дека за овие 69 луѓе е најдено привремено сместувалиште“, изјави Лаура Болдрини.
Се’ уште без конкретен концепт
Привремените сместувалишта се всушност туристички хотели, но Болдрини од УНХЦР се надева, дека новата влада со Марио Монти повторно ќе го изгради прифатниот камп на Лампедуза и дека ќе ја ревидира одлуката на владата на Берлускони. Прашање е само, дали Монти ќе добие политичка поддршка за една ваква одлука. Тој самиот се’ уште не се изјаснил на оваа тема.
Автро: Штефан Трендле / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Симе Недевски