1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина, неомилен победник во годината на корона

Ханс Шпрос
31 октомври 2020

Кина е победник во оваа година на корона: вирусот е под контрола, економијата се опорави, почетната критика за кризниот менаџмент на адреса на Пекинг е избледен. Но, разликите со Западот - остануваат.

https://p.dw.com/p/3kRyL
Brasilien - Corona-Impfstoff wird in Brasilien getestet
Фотографија: Rafael Henrique/ZUMAPRESS.com/picture-alliance

Кина ја стави пандемијата под контрола. Но, дали истото може да се каже и за колатералната штета на меѓународната сцена? Пекинг мораше да се соочи со голема критика од странство за нетранспарентното однесување на почетокот на пандемијата и во однос на тоа ги стави во погон сите пропагандни средства при што се искрши и многу „дипломатски порцелан“.

Притоа се истакна и Трамп со својата кованица „Кина-вирус”.

Пекинг не се ограничи само на реплика во иста мера. Кинески дипломати ги употребија сите можни платформи, како Твитер или Фејсбук, кои се забранети во Кина, за да го одбранат курсот на Комунистичката партија.

„Агресивни, делумно и како расистички перцепирани ставови за справувањето со пандемијата, како на пример обвинувања за неефикасни здравствени системи, или цинично однесување на странски политичари со оглед на многуте смртни случаи, биле забележани во Шведска, Велика Британија, Холандија и Франција”, пишува Хајке Холбиг од хамбуршкиот ГИГА-институт за азиски студии во текстот „Од кризна точка до кризен херој: Кина во третманот на Ковид-19”.

Ограничена судбинска заедница

Ова беше само една фаза во политичката комуникација со Кина, во меѓународните медиуми наречена „борбена дипломатија”, која се смири кон крајот на мај годинава. Водството на Кина флексибилно се движеше помеѓу одбранбен модус и напад, но сигнализираше и подготвеност за соработка, како кон крајот на март на виртуелен самит на Г-20.

Претседателот на државата и партијата, Ши Џинпинг, притоа ја сумираше борбата со пандемијата под поимот „Судбинска заедница на човештвото”. Тој поим веќе неколку години го има и во партиската програма и во кинескиот Устав.

Практична примена големиот збор имаше на пример во соработката за развој на вакцина. Германскиот концерн Мерк, според сопствени податоци, работи на повеќе од 50 проекти за развој на вакцина „кои екстремно добро функционираат во глобална мрежа. Американци, Европејци, Јапонци и други работат заедно”, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Се обидува ли Кина да создаде замена за Хонгконг?

Критички пораки за кинескиот министер за надворешни работи

Што се однесува до полиња надвор од сузбивањето на вирусот, и натаму има тензични релации меѓу Кина и Западот, што дополнително се влошија со пандемијата.

Во кинеско-американските релации таквата тензија е такаречи системски важна (најчесто двете сили се означувани како глобални ривали), во однос на ЕУ пак тоа не е толку јасно. Сепак, заради пандемијата виртуелно одржаниот самит Кина-ЕУ, под германско претседателство, разговорите на високо ниво помеѓу ЕУ и Кина во јуни, како и патувањето во Европа на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји кон крајот на август/почетокот на септември, јасно ги покажаа разликите.

Во Берлин и Брисел беше особено критикуван новиот закон за безбедност за Хонгконг, со чија помош на Пекинг му се даваат широки овластувања за потиснување на дисидентите. Тоа пак Кина го отфрли како мешање во нејзините внатрешни работи.

China Basketball Coronavirus-Teststandort außerhalb des Qingdao-Sportzentrums in Qingdao
Кина ја стави пандемијата под контрола. Но, дали истото може да се каже и за колатералната штета на меѓународната сцена?Фотографија: Xinhua/Li Ziheng/picture-alliance

ЕУ како префериран партнер

Пекинг за домашната публика ги минимизираше разликите. „Кинеската страна ја потисна не само изразената критика, туку и нагласувањето на разликите во основните и системски вредности“, пишува Хајке Холбиг од ГИГА-институтот.

„Наместо тоа, кинеското Министерство за надворешни работи објави дека ЕУ и Народна Република Кина и понатаму се партнери, а не противници, и дека нема никакви фундаментални судири на интереси. Кинеската публика исто така дозна дека ЕУ сака да се држи до мултилатерализам и се интересира за продлабочување на мултилатералната соработка со Кина, особено во делот на здравството, климатските промени, одржлив развој и соработка со Африка."

Холбиг од овие „целни реинтерпретации“ заклучува дека за Пекинг, ЕУ и другите сили, освен САД, се „сметаат за актери кои привремено одат во погрешна насока, но (се’ уште) не се во фундаментална спротивност со Кина, и тие се третираат строго, но добронамерно, со цел да се придобијат за сопствената кауза."

Пекинг игра на климатската карта

Еден начин како да го постигне ова, може да биде најавата на Ши Џинпинг во видео порака на Генералното собрание на ОН кон крајот на септември, дека целта на Кина е до 2060 година да стане ЦО2 неутрална. Со ова ветување главниот емитер на јаглерод диоксид во светот со 27%, речиси преку ноќ стана глобален предводник на заштитата на климата. Како Кина ќе ја оствари оваа цел засега не е познато. Но, Ши ќе биде држен за збор: преголема е надежта Кина да стане сојузник во борбата против климатските промени. „Тоа што недостасува конкретен план ја прави изјавата на Ши уште позначајна“ пишува британскиот магазин „Економист“. „Неговиот амбициозен проект бара нов пристап во економскиот развој, кој мора наскоро да се појави."

Бројките за раст предизвикуваат радост

Краткорочно, сепак, фокусот е кон справување со економските последици од ковид-пандемијата, и тука исто така има надеж за Кина. Ова е единствената земја која се избори со привремениот економски пад и креираше таканаречена V линија. Растот во третиот квартал е 4,9% во однос на истиот период лани и речиси на исто ниво како пред короната.

„Кина е единствената голема економија во светот која од корона-кризата ќе излезе речиси без штета,“ го цитираше весникот ФАЦ, Јорг Цојнер, главен економист во „Унион Инвестмент“. Меѓународниот монетарен фонд смета дека Кина ќе има главен удел во прогнозата за глобалниот економски раст од 0.6% за 2021 година.

Повеќе:

Кина спроведува масовно корона-тестирање

Богатството на супербогатите Кинези се зголемило како никогаш досега

Лет во место на ЕУ и Кина

САД и Кина: Гаѓај надвор, собирај поени дома

Сѐ уште има шанса за Инвестицискиот договор меѓу ЕУ и Кина?

Сепак, економската зависност е обострана, и Кина е исто така зависна од трговијата и странски инвестиции. Сака да се диверзифицира во овие обласи т.е. да ги прошири односите со азиските и европските трговски партнери со цел да станат независни од САД.

Наспроти ова, се’ уште има шанси за склучување на Инвестицискиот договор помеѓу ЕУ и Пекинг. Со него треба да се обезбедат фер услови за конкуренција меѓу кинеските и европските компании. За Мико Хуотари, раководител на берлинскиот Кинески истражувачки институт Мерикс, фактот дека оваа цел не може да се постигне годинава е поголем проблем од однесувањето на Кина во однос на пандемија. Вториов само го засили генерално песимистичкиот тренд во поглед на Кина, но не беше поттик за ваквата перцепција.

Хуотари не сака целосно да ја исклучи шансата за постигнување на Инвестицискиот договор уште за време на мандатот на канцеларката Меркел, што јасно го објасни во во својот актуелен подкаст „Чајна пауер“: „Тоа ќе покаже дека е можно да се изнајдат решенија со Кина преку преговори, нешто што никој не би рекол во моментов."

Во овој случај обвинувањата од почетокот на пандемијата и дебатите за навидум дарежливата, но всушност егоистична испорака на маски, треба да останат во позадина. Очигледните успеси на Кина секако веќе ги потиснаа.