1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина преку Балканот влегува во ЕУ

Франк Зирен
31 март 2017

Кина се обидува да влезе на европскиот пазар преку Србија- а тоа е нешто што Брисел би сакал да го спречи. Посетата на српскиот претседател на Кина е болен потсетник, вели Франк Зирен

https://p.dw.com/p/2aO8v
China Präsident Xi Jinping zu Besuch in Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Србија не паѓа веднаш на ум кога ќе помислите на многуте земји со кои Кина се обидува да изгради добри односи. Но, за да се разбере кинескиот пристап до европските пазари, треба одблиску да се погледнат кинеско-српските односи. За разлика од своите соседи Романија, Унгарија и Бугарија, Србија не мора строго да се придржува до правилата и ограничувањата на ЕУ. Оттука, таа беше во можност да развива многу поблиски односи со Кина последниве години, без притоа ЕУ да биде во ситуација да реагира.

Црвен тепих за Николиќ

Неделава, српскиот претседател Томислав Николиќ е во дводневна посета на Пекинг. Фактот дека владата го распосла црвениот тепих, а на приемот ќе присуствува кинескиот моќен триумвират- претседателот Си Џинпинг, премиерот Ли Кечианг и претседателот на Конгресот Жанг Деијанг- е индикација за тоа колкаво значење и се дава на посетата. Николиќ ќе биде прогласен и за почесен граѓанин на Пекинг. За време на престојот, тој ќе се сретне и со претставници на најголемите кинески компании, вклучително и ИТ гигантот Хуавеи, чии менаџери се заинтересирани за српскиот пазар.
Кина е многу заинтересирана за развој на српската инфраструктура. Во февруари, кинеска компанија почна да работи на реконструкција на автопатот меѓу Сурчин и Обреновац, откако претседателот Си лично отпатува во Србија за да го потпише договорот минатото лето. На почетокот на месецов, беше објавено дека Србија наскоро ќе и го продаде рудникот Бор на кинеска компанија. Кинеската ЦРБЦ веќе започна да работи на индустрискиот парк.

Frank Sieren *PROVISORISCH*
Франк ЗиренФотографија: picture-alliance/dpa/M. Tirl

Пред неколку дена, кинеските инвеститори најавија околу 200 милиони евра за обиколницата околу Белград. Сепак, се уште не е јасно дали кинеските претприемачи ќе ја градат и планираната брза железничка линија од Белград до Будимпешта. Кинеската железничка корпорација го доби договорот, но ЕУ сега истражува дали Унгарија ги прекршила правилата на ЕУ со својот јавен тендер, или поточно со недостатокот на јавен тендер за зделката.

Безвизен режим

Транс-европските проекти се единствената надлежност на Брисел. Генерално, Србија игра надвор од регулативата на ЕУ. Инаку, Брисел сигурно ќе реагираше против олеснетиот визен режим на кој се согласија Србија и Кина минатата година. Сега, граѓаните од двете земји можат да патуваат без визи доколку се задржат помалку од 30 дена. Многу Германците би сакале да бидат во иста ситуација.
Србија се надева дека би можела да профитира и од малиот туристички бум. Кина за првпат учествуваше на српскиот годишен туристички саем во февруари. Иако Србија не е на врвот на посакуваните дестинации за кинеските туристи, состојбата се менува. Минатата година имаше зголемување од 29 проценти на кинеските посети во Србија. Околу 43 илјади туристи нема да значат голема разлика за српската економија, но доколку се земе предвид дека во 2011 година беа само 11 илјади, и тоа е добар почеток.
Премиерот Александар Вучиќ се надева и на директна авионска линија меѓу Пекинг и Белград. Една од брошурите наменети за кинеските посетители на српскиот туристички саем промовираше патување на „Балкан без граници“. За некои тоа веројатно ќе звучи како мирно пропатување, но за ЕУ делува како Кина да сака да влезе низ споредна врата.

Франк Зирен живее во Пекинг повеќе од 20 години и е редовен дописник на ДВ.