Кина: Ши Џинпинг се промовира во доживотен лидер
24 октомври 2017Комунистичката партија на Кина синоќа најави дека ќе го вметне името на претседателот Ши Џинпинг и неговата политичка филозофија во уставот на државата. „Учењето на Ши Џинпинг за социјализмот со кинески карактеристики за новата ера“, ќе гласи текстот кој ќе биде испишан заедно со оној на Мао Цетунг, основачот на модерна комунистичка Кина. Името на поранешниот претседател Денг Шиаопинг беше вметнато по неговата смрт.
Невообичаениот чекор е доказ за брзината и истрајноста со која Ши ја консолидираше моќта по преземањето на власта во 2012 година.
Официјалниот текст на амандманот наведува дека идеологијата на Ши ќе биде „светилник за работата на партијата“. Нејзините водечки принцпи вклучуваат голем нагласок на улогата на Комунистичката партија во контролата на секој аспект на општеството, од економијата до активностите на граѓаните на социјалните мрежи.
Доживотен лидер
Според Вили Лам, политички професор на Кинескиот Универзитет во Хонг Конг, вклучувањето на Ши во уставот „ќе му овозможи да биде како Мао, доживотен лидер додека е здрав“.
Најавата се случи на крајот на сесијата на Националниот конгрес- еднонеделен собир кој се одржува секои пет години. Околу 2,300 партиски членови се собраа на конгресот во Пекинг, на кој денеска треба да се изберат нов Централен комитет и Политбиро. Сигурно е дека Ши ќе добие втор петгодишен мандат како партиски генерален секретар.
Претседателот го отвори конгресот најавувајќи ја „новата ера“ која од Кина ќе направи „глобален лидер“ до 2050 година. Ши изгради имиџ на одговорен, разумен лидер во период на превирања во западните демократии.