1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кинеската понекогаш опасна наклоност кон јадење диви животни

Данг Јуан
7 април 2020

Се претпоставува дека коронавирусот потекнува од животни на пазар во Кина. Јадење диви и за други култури „табу-животни“ има долга традиција, прв чекор контра е забраната за трговија со месо од кучиња и мачки во Шенжен.

https://p.dw.com/p/3aa3x
Smbolfoto Illegaler Gürteltier-Handel in
Фотографија: AFP/G. Ginting

Еден посетител од Кина, по своето враќање од Германија со воодушевување раскажувал колку голем е „изборот на месо од мачки и кучиња“ во германските супермаркети. Тој не забележал дека се наоѓал во одделот за храна за домашни животни. Овој виц, од категоријата интеркултурни разлики, често се слуша, а значи потврда на една од бројните предрасуди кои Германците ги имаат кон Кинезите: во Кина се јадат кучиња.

Впечатокот не е сосема погрешен, но месото од кучиња не се јаде низ цела земја и не е во никој случај на менито во сите ресторани. Четвороношците, кои најчесто се одгледуваат дома, се составен дел претежно на регионални кујни. Но, откако расте омиленоста на кучињата и мачките како домашни животни, се‘ погласна станува критиката против јадење на „најдобриот човеков пријател“. На пример во Јулин, град во југозападна Кина. Таму од 2009 година, по повод доаѓањето на пролетта, секоја година се одржува „фестивал на кучешко месо“. Тоа ги алармираше активистите за заштита на животните. Затоа, градот Јулин во 2017 година забрани продажба на кучешко месо. Но, активисти на Здружението за заштита на животните и натаму регистрираа трговија и јадење кучешко месо. Тоа ја покажува суштината на проблемот: законите се едно, примената е друго.

Забрана за трговија со диви животни

По избувнувањето на епидемијата на коронавирус во централно кинеската провинција Хубеи, кинеската влада во брза постапка на крајот на февруари донесе и закон за забрана за ловење, транспорт, трговија и конзумирање диви животни. Исклучок се „веќе етаблираните животински видови“, како гулаби и зајаци. Научниците тогаш претпоставуваа дека лилјаци се изворот на, во меѓувреме, низ цел свет раширениот коронавирус.

Дека вирусите размножени од диви животни преминуваат на луѓето, не е ништо ново, ниту кинеска специфика. Уште во 2008 година германскиот виролог Кристијан Дростен, по епидемијата на САРС, во рамките на еден истражувачки проект откри дека присуство на коронавирус може да се докаже и кај германските лилјаци.

Но, проблемот е што преку конзумирање или уништување на животниот простор настануваат се‘ почести контакти меѓу дивите животни и луѓето. Светската заедница од таа причина мора итно да донесе забрана за пазари за продажба на диви животни, за во иднина да се избегнат пандемии, истакнува и Елизабет Марума Мрема, генерален секретар на Конвенцијата на ОН за биодиверзитет, во интервју за британскиот весник „Гардијан“. Кина инаку не е единствен пример за ваков вид опасности. Еболата во Западна Африка, или вирусот нипах во Малезија, исто така преминаа од диви животни врз луѓе.

Контра традицијата

Сегашните мерки донесени во Кина се спротивни на традицијата. Дека дивите животни се омилена состојка на кинеската кујна, знаеме уште од филозофот Менгци. Познатиот наследник на Конфучиј живеел во третиот вел по Христос. Во неговите филозофски списи, тој ја опишува тежината на одлуката: „Јас сакам да јадам риби, но и мечкини шепи. Ако не можам да ги обединам двете, ги изоставам рибите и се одлучувам за шепите од мечка. Го сакам животот, ги сакам и должностите. Ако не можам да ги усогласам едното со другото, се придржувам кон должноста.“

China beschlagnahmte Bärentatzen Schmuggel Wildererei Markt Exotische Tierteile
Мечкини шепи - деликатес во одредени региони во Кина, забранет со законФотографија: picture-alliance/ChinaFotoPress

Мечкините шепи, според кинеската традиција, спаѓаат во „осумте деликатеси“. Животните и растенијата од „осумте деликатеси“, исто како и многу други, се составен дел и на традиционалната кинеска медицина, ТКМ, и тие веќе со илјадници години се сметаат за лековито средство. Дејството се базира врз пренесено искуство. Но, модерната медицина може да докаже извесно дејство само кај одделни вакви домашни лекови од лековити билки и животински производи.

Повеќе:

Вухан: Враќање во нормалноста засенето од недоверба

Трката по вакцина за коронавирусот во тек, со неизвесен крај

Коронавирус: Откриени се нови симптоми на заболувањето

Се повеќе докази дека и здрави луѓе го пренесуваат коронавирусот

Лекарите кои ја применувале традиционалната кинеска медицина, во рекламни цели, на суптанциите им давале многу ветувачки имиња. Така на пример, изметот од лилјаци го именувале како „Ye Ming Sha" , во превод нешто како „драгоцен песок, кој свети во ноќта“. Традиционалните медицинари не можеле да знаат дека од изметот демнат животно опасни вируси врз пациентите. Како општо правило важело: колку е поретка супстанцијата, толку е поголема нејзината омиленост. Тоа го покажува и илегалната трговија со рогови од носорози.

Ловците и гладот

За прифаќањето на дивечот на трпезата, Кина треба да ѝ заблагодари на последната царска династија Кинг (1644-1919). Полуномадскиот народ Џурџи, по потекло од Манџурија, го внесол месото од диви животни во кинеската кујна, пишува кинескиот етнолог Веи Шиухуа, во неговата книга за конзумирање дивеч. Тој го цитира класичниот роман „Сонот на Црвениот град“ од 18 век, во кој е опишано дека при една свечена вечера по повод настапувањето на прoлетта на трпезата се нашле 30 елени, 50 антилопи, 50 срни, 20 диви свињи, 20 диви кози, 20 пара мечкини шепи, 50 парчиња срнечки јазици и многу други деликатеси.

По основањето на Народна Република Кина во 1949 година, земјата била погодена од тригодишна суша. Потоа следеле фатални политички одлуки од страна на Мао Цетунг, кои за последица имале до 45 милиони жртви од глад. Во ситуација на голема беда, луѓето јаделе се‘ што можеле да најдат.

Крај на недостигот од храна

Дури во изминатите 30 години од Кина исчезна сиромаштијата, како последица на брзиот економски развој. Но, со растечкиот стандард, расте и конзумот на дивеч. Тој стана статусен симбол. Во меѓувреме има и силен развиен пазар на трговија со диви животни.

Кога градот Шенжен најави дека од 1 мај 2020 година ќе го забрани користењето месо од мачки и кучиња за човечка храна, на социјалните мрежи имаше и критики, во прва линија од производителите на кучешко месо. Еден од нивните аргументи гласи: градот Шенжен на овој начин се откажува од важен дел од кинеската култура на исхрана.