1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петков не го видел планот на Макрон за С. Македонија

ДТЗ
2 јуни 2022

Бугарскиот премиер не отстапува од ставот дека бугарскиот парламент е последната инстанца за прашањето за Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/4CCwW
Bulgarien Premierminister Kiril Petkov
Фотографија: BGNES

Бугарскиот премиер Кирил Петков не отстапува од ставот дека бугарскиот парламент е последната инстанца за прашањето за Северна Македонија, откако бугарскиот претседател Румен Радев во средата (01.06) ја навести можноста за одржување на референдум за ова прашање, префрлајќи ја топката кај народот, кој според него е последната инстанца која што треба да одлучи. 

Петков вели дека Бугарија отсекогаш била отворена и подготвена да разговара со сите европски партнери доколку имаат значајни предлози, но тие мора да бидат во рамковната позиција на Бугарија. „Што и да се направи, мора да се потврди преку рамковниот став на Бугарија, а да помине и низ бугарскиот парламент“, дециден е бугарскиот премиер. 

Тој тврди дека лично не го видел планот на Франција за посредување за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.  „Лично планот на Франција го немам видено црно на бело“, вели Петков. 

Бугарскиот претседател Румен Радев одби да учествува заедно со премиерот Кирил Петков на средба со францускиот претседател Емануел Макрон за Северна Македонија, но за првпат навести дека е можен референдум во земјата околу ова прашање. Организирањето на референдум би траело долго време, што може да ги блокира билатералните преговори и дополнително ќе ја замрзне европската перспектива на регионот.  

-повеќе на темата: Се подготвува ли таен компромис за бугарското вето за С. Македонија

За проширувањето на Западен Балкан се расправаше и на конгрес на Европската народна партија (ЕПП) изминатите два дена во Ротердам, Холандија. По Европскиот парламент и конгресот на Европската народна партија во Ротердам усвои резолуција во која се наведува дека неспроведувањето на Договорот со Бугарија е главна пречка за усвојување на преговарачката рамка и почетокот на преговорите.