Климатски циркус
16 ноември 2017Одамна е ритуал во политичката агенда: средината на ноември или почеток на декември е време за КОП - конференцијата на потписниците на Климатската конвенција на Обединетите нации. Тука се 196 земји, како и ЕУ како сојуз на држави. Кога секој од нив би испратил само по еден човек, веќе е потребна поголема конференциска сала.
Но, тоа не е сè, оти на годишната конференција, која се одржува веќе по 23-ти пат, секако се работи за спасување на светот. Барем голем дел од учесниците се трудат да остават таков впечаток. Па така и точно за самитот се појавуваат нови студии со сѐ пострашни сценарија за катастрофата: земјата сѐ побрзо се загревала, невремињата се сѐ посилни, сантите лед на половите се сѐ помали. И затоа многу островски држави ќе потонат во океаните.
Пред потопот уште една конференција
Затоа е логично што Фиџи, една од загрозените земји од климатскиот потоп, ја води конференцијата. Но, театарот се одвива во Бон. Не затоа што Фиџи за време на двонеделната конференција ќе потоне, сепак највисоката точка на островот е 1324 метри, па Бон со своите 60 метри надморска височина би бил и нелогично решение. Причината е што 25-те илјади гости би биле премногу за капацитетите на малата островска држава. Бон како седиште на Климатскиот секретаријат на ООН на драго срце излезе во пресрет за да се профилира дополнително во светот како ООН метропола. А, на германскиот даночен обврзник ваквата маркетиншка офанзива секако дека му вреди 100 милиони евра.
За почетокот имаше богат фолклор од Фиџи, едри мажи во кожни здолништа и голо торзо се погрижија за тропска атмосфера. Дека дел од учесниците уште на вториот ден настинале може да се толкува и како добар знак - барем во ноемвриската магловита долина на Рајна затоплувањето на земјината топка уште не напреднало толку екстремно.
Дневниот ред на една средно-важна работна група
Тоа што се преговара во Бон повеќе звучи на дневниот ред на едно средно-важна работна група отколку на најголемата меѓудржавна конференција која било кога се одвивала на германски терен. По големиот климатски договор кој пред две години беше усвоен во Париз, сега се работи за тоа кој каков придонес ќе даде во заштитата на климата и како тоа ќе се мери. Ништо обврзувачко не треба да биде договорено, тоа дури следната година ќе дојде на ред. Тогаш повторно ќе има средба во полскиот град Катовице.
Останува прашањето зошто за таква споредна програма на канцеларката ѝ се потребни и францускиот претседател и 25 илјади други учесници? Во однос на првонаведените одговорот е прост - се работи само за симболика: Трамп се иззема, нам темата ни е битна. И гласачите кои веруваат во скорешен потоп на земјината топка, ова го примаат со одобрување.
Чиста совест и одговорност пред себе
25-те илјади учесници всушност и не учествуваат во самите преговори: покрај новинари тоа се и претставници на невладини организации, еколошки групи, научници, фирми. Нивното присуство е знак за транспарентност, служи на размена на идеи и вмрежување, се вели од официјалните лица. Би можело и да се рече дека се работи за прибирање на нови задачи и средства за следната студија за катастрофите.
Кое е значењето на делот во кој се реферира за сопствениот дел на годишниот климатски циркус се гледа и по тоа што овој дел се одвива во шатор многу поголем од оној каде што преговараат владите. За дамите и господата кои со самото патување според сопствените податоци веќе причиниле голема штета на климата, барем да немаат грижа на совест на лице место, домаќините не штеделе ниту на средства, ниту на труд: секој достапен електричен автобус беше изземен од сообраќај и пренасочен во Бон за да се направи шатл сервис кој е добар за околината. Прашањето околу ослободувањето на јаглероден диоксид од самиот овој настан подобро и да не се поставува, бидејќи струјата во Бон во голем дел се произведува од централи на јаглен. Искрен одговор би можел да ја наруши благосостојбата во паралелниот свет во Бон, финансиран од даночните обврзници.