Распределбата на вакцини ги загрижува ОН
27 март 2021Најголемиот дел од 193-те членки на Обединетите нации се изјасни за рамноправен пристап до вакцините против коронавирусот. Само 13 држави не дадоа поддршка на декларацијата поднесена од Либан. Меѓу нив се Северна Кореја, Мјанмар, Сирија, Централноафриканската Република, Јужен Судан и Сејшелите.
Во декларацијата се изразува „најдлабока загриженост“ што наспроти сите меѓународни „договори, иницијативи и изјави“, вакцините против Ковид-19 сѐ уште се нерамнопрено распределени во светот, и тоа не само меѓу земјите, туку и во одделните земји. Затоа, земјите се обврзуваат да ги „третираат вакцините како глобално јавно добро“ и да „обезбедат праведен и фер пристап за сите“. Во текстот на декларацијата се вели дека меѓународната Ковакс-иницијатива е „соодветен механизам“ за тоа.
Ковакс требаше до крајот на мај да обезбеди речиси 240 милиони вакцини за повеќе од 100 сиромашни земји. Но, иницијативата претрпе тежик удар поради тоа што заглави испораката на вакцини од страна на индискиот производител Serum Institute of India. Поради големите потреби од вакцини во Индија, владата во Њу Делхи во моментов не дава дозвола за извоз.
Светската здравствена организација ги повика богатите земји да донираат најбрзо што е можно вакцини за сиромашните држави. Во наредните денови се потребни 10 милиони дози, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во Женева. Тогаш би можела да почне и вакцинацијата во 20-те земји кои инаку не би почнале со вакцинирање до почетокот на април. Според СЗО, 36 земји досега не добиле ниту една единствена вакцина. Во 16 од нив првите вакцини преку Ковакс ќе пристигнат во текот на наредните 15 дена.