1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Земјата е безбедна

ЕМФ
26 февруари 2022

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски тврди дека земјата е безбедна и целосно подготвена за економските предизвици.

https://p.dw.com/p/47dr9
Nord-Mazedonien Dimitar Kovacevski
Фотографија: Government of North Macedonia

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски ја осуди воената агресија на Русија врз Украина.

„Воената агресија на Русија против Украина, која веќе однесе многу човечки животи, е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-от век треба да е век на дијалог, не на војни“, вели Ковачевски во обраќање до јавноста преку владините канали на Јутјуб и Фејсбук.

Ковачевски во обраќањето зборува за стабилноста и безбедноста на државата, економските импликации од продлабочувањето на кризата околу Украина, како и на активностите и мерките кои Владата ги презема со цел да ги ублажи и амортизира негативните последици од кризата.

„Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои никаква директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно и ќе ги информира граѓаните. Воедно, граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние ја уживаме, и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот. Иако нашата желба е да се избегнат ситуации како оваа, сепак, во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна!“

Македонскиот премиер оценува дека „поголемите предизвици кои стојат пред нас, се економски“:

„Поради воените дејствија на Русија против Украина, глобалната енергетска и економска криза сега се продлабочува. Нѐ очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети... Глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала. Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1% од вкупните вредности. Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите, што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно.“

Ковачевски уверува дека Владата е фокусирана на следење на состојбата со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и регионот и дека работи на мерки за да се намали притисокот врз граѓаните и стопанството: „Во оваа прилика сакам да порачам: Сите институции во државата, од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата. Сега е време за одговорност без отстапка.“