Ковид-19: Зелено светло за плазма-терапија во САД
24 август 2020Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) издаде итно одобрение е за употреба на плазма за лечење на заболените од коронавирусот.
Оваа терапија користи крвна плазма богата со антитела од луѓе кои оздравеле од болеста и веќе се користи кај повеќе од 70.000 луѓе во САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лечењето може да ја намали смртноста за 35 отсто. Одлуката дојде еден ден откако Трамп ја обвини ФДА оти го спречува развојот на вакцини и лекови поради политички причини.
Тој оваа одлука трумфално ја објави пред Републиканската национална конвенција, каде ќе ја започне својата кампања за освојување на вториот мандат во Белата куќа.
Во трумфалната објава, Трамп тврди дека ова е пресврт. „На ова долго ќе се радувам“, изјави синоќа претседателот.
„Задоволство ми е што во суштина историски ја најавувам нашата битка против кинескиот вирус која ќе спаси безброј животи“, рече Трамп.
Повеќе:
-Ковид-19: Колку е делотворна терапијата со крвна плазма?
-(Архива) Крвна плазма- нова надеж во битката со коронавирусот
-Како имунолошкиот систем се бори против коронавирусот
Претседателот Трамп ја опиша постапката како моќна терапија и апелираше до Американците да донираат плазма кога ќе се опорават од Ковид-19.
ФДА за лечењето даде „одобрување за итна употреба“, а не целосна согласност, со објаснување дека раните истражувања сугерираат оти крвната плазма може да ја намали смртноста и да го подобри здравјето на пациентите ако се применува во првите три дена од нивната хоспитализација.
Меѓутоа, потребни се повеќе испитувања за да се докаже нејзиното делување, а размерите на нејзиното делување се сѐ уште предмет на научни полемики и некои предупредуваат на можност од непожелни нуспојави.
Агенцијата соопшти дека заклучила оти постапката е безбедна по опсежниот преглед на податоци собрани во текот на последните месеци. Во соопштението се додава оти ползата од лечењето го надминала секој ризик.