Ковид-19: Уште две недели вонредна состојба
30 мај 2020Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, најави дека ќе ја продолжи вонредната состојба, која беше воведена на 18 март поради пандемијата на коронавирус, за уште две недели. „Имајќи го предвид последниот развој на случувањата и зголемениот број заразени и починати сограѓани, донесувам одлука за продолжување на вонредната состојба за уште 14 дена, што ќе започне утре “, изјави Пендаровски на пресконференцијата пред претседателската резиденција „Вила Водно“.
И денеска македонското министерство за здравство пријави релативно голем број на на новозаразени (35) и на починати (5) од Ковид-19 во последното деноноќие. Со тоа вкупниот број на граѓани кај кои е дијагностицирана заразата од почетокот на пандемијата се искачи на 2146 а бројот на починати на 131. Оздравени пациенти има 1535, што значи дека бројот на активни случаи изнесува 498.
Пендаровски во своето обраќање истакна дека новото продолжување на вонредната состојба е единствено со цел да им се овозможи на владата и на останатите надлежни институции поефикасно да се борат со здравствените и социо-економските ефекти на пандемијата.
Повеќе:
-Несовесноста ќе ја дотепа и економијата!
-Што знае дете што е дистанца?
-По 66 дена, Владата го укинува полицискиот час
Пендаровски одлучи да ја продолжи вонредната состојба на барање на владата, откако развојот на пандемијата на Ковида-19 во земјата беше дискутиран на состанокот на Советот за безбедност.
Пендаровски истакна дека неговата одлука „нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори“.
На 18 март претседателот Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава поради епидемијата на Ковид-19 која двапати досега ја продолжуваше и тоа на 16 април за 30 дена, а во средината на мај за уште 14 дена.