1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога се тркаат змијата и магарето

1 декември 2021

Во масовна психоза, во која секаде гледаме виновници и заговори, тешко дека со сопствени сили, самите ќе успееме да направиме некаков пробив кон нормалноста. Пишува Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/43gXm
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Понекогаш имам впечаток дека онаа народната, „змија или магаре“, апсолутно не важи за нас. Ние, во последно време, не само што по сѐ изгледа ќе добиеме по еден подарок и од змијата и од магарето, туку тие се тркаат кој побрзо да стигне до нас. Нашата спектакуларна серија пехови нѐ погаѓа како космичка карма и притоа тука фаќа плодна почва за ендемска карактеристика. Со други зборови, нашиот малер нам ни станува очекуван исход. Потоа не треба да бидеме зачудени зошто сме во масовна патопсихолошка илузија, психоза и пасивна агресивност. Во таква ментална матрица, тешко дека со сопствени сили, самите ќе успееме да направиме некаков пробив кон нормалноста.

Често се прашувам, зошто кај граѓаните во моментов доминира апатија, цинизам, разочараност и генерално тлеечко незадоволство. Покрај редовните објаснувања кои се врзуваат за нечија лична политичка определба или разочараност, сепак сметам дека паралелно работи и еден подлабок, општествен, процес на деволуција, де-еманципација, па, ако сакате, и масовна психотична метаморфоза на нашето колективно психолошко здравје, кое секако го наоѓа својот вентил и во политичкото. На пример, последните резултати на локалните избори покажуваат дека граѓаните веќе масовно ја отфрлаат политиката како решение на нивната судбина, што се покажува во сѐ помалата поддршка за традиционалните партии, на сметка на еден општествено-политички дефетизам и растечки анти-естаблишмент сентимент, до точка на посакувана анархија.

Потоа, резултатите на последната анкета на Институтот за демократија - исто така поразителни - покажуваат дека ние за сопствената судбина, лесно, очекувано и податливо, сме одбрале дека сепак некој друг е виновен: дали харповите, кемтрејлс, светските заговори, нашата космичка карма, Бил Гејтс, кој нѐ чипира за да може да нѐ следи и да ја открие светата тајна каде ловиме плашици, сеедно. Во ваква масовна психоза, во која секаде гледаме виновници и заговори, тешко  дека од тој магичен круг ќе излеземе со сопствени сили, напротив.

Нашата пасивна агресивност

„Ние сме нација за на бајачки“, би рекол еден мој пријател, и самиот добар, и доста гласен, познавач на македонската тврдокорна вљубеност во сопствената болка и вечна жртва. Мислам дека причините за таквата констатација се повеќекратни. Македонија последните 30 години се мачи да излезе од зоната на самракот која остана на Балканот по распадот на Југославија. По сите лузни во нашата колективна самосвест, создадени од предизвиците на тој пат, последниов период, почнувајќи со пробивот направен со договорот од Преспа, требаше да биде скап, но посакуван квантен скок надвор од сивилото… И се случи блокадата од Франција, дилемите во ЕУ, корона, финансиската и енергетска криза, и кулминацијата на разочарувањето: блокадата од Бугарија, која дополнително нѐ увери дека немаме вистински пријатели на Балканот, и дека цената за нашиот премин низ црната дупка која води до новата галаксија на нормалното, сепак ќе биде повисока од она што сме сметале.

По таква серија пехови, не треба да нѐ зачудува нашата пасивна агресивност кон тие глобални процеси, како ни ретроградниот инает кој нѐ враќа кон сопствените национални илузии. Со други зборови, по толку лизгања на нашите надежи, ништо чудно што веруваме дека „короната ни ја пуштија за да нѐ контролираат“, или дека масовно мислиме дека сме во мртва трка со Србите, за тоа кој во еволуцијата на видовите се појавил прв: ние, тие, или амебата.

Претходни колумни од авторот:

Прогноза или дијагноза

Што после Заев?

Дали ЕУ ќе испорача, или само ќе нѐ препорача

Во ваков атавистички галиматијас на психолошките лузни, за нас, реално, единствено интеграцијата во ЕУ (што и да значи тоа во последниов период), ќе може да биде општествен „лепак“ за соединување, за пробив кон некакво закрепнување, и за враќање на довербата во општествените процеси. Тоа за нас веќе не е само симболична валоризација на курсот на државата, или алатка за подобрување на стандардот и напредокот, за нас интеграцијата е веќе неопходен предуслов за национално преживување, единствениот „ресет“ на поразителните трендови чија жртва сме во последниот период. Така што мантрата „само ЕУ“, веќе не е само езотеричниот повик од општествените елити, кои народот ги презира, туку општ „SOS“, крик за спас на нашето државотворно ткиво и масовно ментално здравје во моментов.

Беља

Во моментов на тој пат, најголема пречка се Бугарите, кои, пак, за беља, се најмногу сконцентрирани на она за кое ние најмалку можеме да разговараме. Тие се автентично, и секако погрешно, убедени дека ние овде живееме во масовна хипноза, неосвестени за нашите бугарски корени, и дека само низ ваква насилна катарза можеме да се „освестиме“. Тоа оди дури дотаму, што тие би биле подготвени, како шпанска инквизиција, да нѐ врзат и камшикуваат, врескајќи во транс „излези Сотоно“, се додека ние не се освестиме, низ болка се разбира, дека сме еден народ во две држави. Како ќе изгледа нашиот однос после таквата болка, знае само инквизиторот.

На тој пат имаме една импотентна ЕУ, една влада во Македонија која ги троши последните атоми на енергија на крајот на мандатот на Заев, и една влада во Бугарија која е на почетокот на својот мандат и допрва треба да се соочи со предизвиците од илузиите на сопствениот народ. Дали овие три актери ќе ја разберат критичната важност на овој момент и дали ќе соберат сили да ни го дадат импулсот кој ни е потребен за нов чекор, ќе видиме. Сведоци на ова, се разбира, ќе бидат змијата и магарето.