Кои се опциите на Трамп против Северна Кореја?
6 јули 2017Дипломатски средства
Преговори со Северна Кореја се секако првиот избор на меѓународната заедница. Во овој момент тоа изгледа малку веројатно, бидејќи условите на двете страни меѓусебно се исклучуваат. САД бараат Северна Кореја да се откаже од својата ракетна и атомска програма. Но, токму поседувањето атомски бомби и носечки ракети е најдобра гаранција за опстојувањето на северно корејскиот лидер Ким Јонг Ун и пендрак што може да се употреби против САД, Јужна Кореја, Јапонија и други земји.
Како и кај други прашања поврзани со Северна Кореја, и во овие дипломатски напори е пресудно учеството на Кина. Односите меѓу Кина и САД се исто така оптоварени. Трамп очигледно се надеваше дека други ќе го решат проблемот наместо него. Во прилог на ова е и неговиот твит по ракетниот тест „тешко замисливо е дека Јужна Кореја и Јапонија ова уште ќе го трпат. Можеби Кина ќе ја притисне Северна Кореја и ќе го прекине ова еднаш засекогаш."
Надежите до сега не му се остварија. И Кина и Русија се против ваквите воени соло настапи на Северна Кореја, но исто така се и против тоа САД да постават ракетен штит во Јужна Кореја. Пекинг и Москва предложија Северна Кореја да ги прекине сите ракетни тестови, а за возврат САД и Јужна Кореја да се воздржат од заеднички воени маневри. Но, доколку Трамп ова го прифати, би значело дека Кина и Северна Кореја си ја постигнале целта, да ги ограничат американските воени операции во Пацификот. Тоа пак долгорочно би ја поткопало заштитата на Јужна Кореја.
Роберт Галучи, американски претставник во атомските преговори меѓу САД и Северна Кореја во '90-тите, смета дека треба да се бара дијалогот со Северна Кореја. Ситуацијата не е „непроменлива", изјави тој за ДВ. Дури и ако најпрво стане збор за „разговори за преговори", би било чекор во вистински правец. Но, Северна Кореја во таков случај не би смеела и натаму да работи на својата атомска програма. Галучи посочува дека изјавите од Пјонгјанг дека „никогаш" не би се откажале од атомската програма, не треба да се земаат како непогрешлива вистина.
Трамп би можел за време на самитот на Г-20 да се обиде да направи широк меѓународен сојуз за дипломатска иницијатива. Претседателот пак никогаш не се воздржувал да го искаже својот презир спрема тешко усогласени меѓународни договори и сега би можел да го плати цехот за тоа.
Санкции
Многубројни санкции се веќе на сила. Северна Кореја е исклучена во најголема мера од трговијата со оружје, како и од меѓународните капитални пазари. Антони Ругеро од вашингтонскиот тинк- тенк Фондација за одбрана на демократиите во „Вашингтон пост" препорачува силен економски притисок врз Кина и Северна Кореја како практично единствена опција за Трамп. Тој би можел, како што неодамна најави, да изрече ембарго за нафта, државната авиокомпанија да ја оптовари со натамошни ограничувања или да казни кинески банки кои имаат зделки со Северна Кореја. Ругеро не смета на Советот за безбедност, бидејќи „Кина и Русија би ставиле вето на најефективните мерки на ООН". Дури и кога САД би вовеле свои санкции и би нашле евентуални сојузници за нив, Кина секогаш може да ги минира и тоа очигледно и го прави. Сепак и севернокорејската ракета со голем дострел беше развиена и покрај бројните санкции. Трамп пред патувањето на самитот на Г-20 разочаран твитна: „Трговијата меѓу Кина и Северна Кореја во првиот квартал порасна за 40%. Толку на тема соработка меѓу нас и Кина - но мораше барем да се проба."
Воени мерки
САД би можеле превентивно да ја нападнат Северна Кореја за да уништат фабрики за ракети или пак, ако Вашингтон има сознанија дека Северна Кореја непосредно планира лансирање ракета, со која сака да покаже дека може да го достигне американскиот западен брег. Американскиот државен секретар за одбрана во време на Бил Клинтон, Вилијам Пери, пред неколку дена за ДВ изјави дека тој самиот вакви „превентивни напади сериозно земал во предвид" во '90-тите. Но, и тогаш имал задршки и „убеден е дека денес не би било добра идеја." Северна Кореја од тогаш ги има премногу засилено своите воени капацитети.
Пери смета дека Северна Кореја во таков случај би ја нападнала Јужна Кореја и тоа „на Југот би предизвикало сериозни штети, дури и со употреба на конвенционално оружје." Северна Кореја би можела да ја употреби својата артилерија по должина на демилитаризираната зона и да го избрише главниот град на Јужна Кореја, Сеул, со неговите 10 милиони жители од лицето на земјата. И илјадниците американски војници стационирани во Јужна Кореја би можеле да бидат мета на одмазднички напад и „лесно би можело да дојде до атомски конфликт", вели Пери за ДВ. И државниот секретар за одбрана на Трамп, Џејмс Матис, за СБС вели: „Конфликт во Северна Кореја веројатно би повлекол најстрашни борби, кои луѓето било кога ги доживеале."
Сајбер-напади
Американските тајни служби се обидоа повеќе пати преку сајбер напади да ги саботираат ракетните стартови, со недоволен успех судејќи по неодамнешните ракетни тестови. На Американците им успеа преку компјутерскиот вирус Stuxnet да предизвикаат големи штети кога се работеше за иранската атомска програма. Севернокорејската мрежа пак е многу изолирана од надворешниот свет. Неколку од неуспешните обиди за лансирање ракети сепак би можеле и да се резултат на успешната американска сајбер интервенција.
Да не се преземе ништо
Или поточно речено: ништо вон стандардното. Повеќе нешта говорат во прилог на тоа дека Трамп барем привремено се решил за оваа опција. Како одговор на неодамнешниот ракетен тест, американските и јужнокорејските сили одржаа заеднички воени вежби „за да го покажат нивното прецизно огнено оружје", како што рече портпаролот на Пентагон, Дејна Вајт.
Очигледно двете земји од една страна сакаат да ѝ се заканат на Северна Кореја, а од друга страна на своето население да му покажат дека може да пресретнат севернокорејска ракета. За таквиот став поткрепа е и твитот на Трамп веднаш по тестот, во кој се шегува на сметка на севернокорејскиотд лидер Ким Јонг Ун: „Момчето навистина нема ништо попаметно да прави?"
Но, иако по проценката на експертите на Северна Кореја би ѝ биле потребни уште неколку години за да развие сигурна ракета со голем дострел, сепак е нова ситуација и САД да се мета што може да се достигне.
Стравот не е дека Северна Кореја би извела атомски напад врз САД, што за Ким би било самоубиство, туку дека Ким би можел да возврати со атомско оружје што ги ограничува и комплицира можностите за делување на САД и на нејзините сојузници.
Вилијам Пери вака гледа на нештата: „Целта на Северна Кореја е да го обезбеди опстојувањето на режимот на Ким. Тие ги сакаат економските предности што им ги понудивме, но не по цена на режимот."
Горкиот заклучок останува: Северна Кореја ги надгради своите атомски капацитети и никој тоа не може да го одземе, ако не сака да преземе најголем ризик.