1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колку навистина е опасна Делта-варијантата на коронавирус?

Катрин Весоловски | Луиза Рајт
21 јуни 2021

Делта-варијантата на коронавирусот повторно ја разгорува пандемијата ширум светот. Колку е заразна оваа мутација? Навистина ли е посмртоносна? Штитат ли вакцините од неа? Ова се фактите.

https://p.dw.com/p/3vGm2
Indien Coronavirus Pandemie
Фотографија: Debarchan Chatterjee/NurPhoto/picture alliance

Делта-варијантата, или Б.1.617.2 за прв пат се појави во октомври 2020 година во индиската држава Махараштра и од тогаш со забрзано темпо се шири и во Индија и низ целиот свет. 

Колку е раширена Делта-варијантата? 

Оваа мутација на коронавирусот сè повеќе се шири низ светот. Според СЗО досега е детектирана во 80 земји со тенденција овој број да се зголеми. Најголемиот број случаи се регистрирани во Велика Британија, каде досега има 46.000 заболени со овој вид (состојба до 17.06.2021). Според податоците на иницијативата Гисад, следат Индија, САД и Германија. 

Дали Делта-варијантата е позаразна? 

Сè уште нема многу научни студии за ова. Мариа Ван Керкове, технички раководител во СЗО на Твитер напиша дека Делта-варијантата е многу позаразна од Алфа-варијантата и од основната верзија на коронавирусот.

И бројките на заразени во Велика Британија кои повторно забрзано се зголемија, укажуваат на поголема вирулентност. Меѓу 2 и 9 јули бројот на заразени нагло се зголеми за 30.000. Ова оди рака под рака со се поголемо ширење на Делта-варијантата. Над 90% од луѓето кои во моментов се заразени од коронавирусот во Велика Британија ја имаат Делта-варијантата, покажуваат официјалните податоци од здравствените власти во земјата. Една друга студија од Агенцијата за јавно здравство на Англија покажува дека шансата да се заразите во едно домаќинство со Делта-варијантата е 64% повисока во однос на Алфа-варијантата на коронавирусот. 

Повеќе:

Лето, сонце - четврти бран на коронавирусот?

Фотографија на денот: Алфа, Бета, Гама – СЗО ги „прекрсти“ варијантите на коронавирус

Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

Колку е опaсен индискиот сој на коронавирусот?

Ова го потврдува и Дипти Гурдашани, епидемиолог од универзитетската клиника Квин Мери во Лондон: „Во Индија откривме дека Делта-варијантата се шири многу побрзо од Алфа-варијантата, која беше откриена во Велика Британија. И тоа е многу загрижувачки бидејќи веќе знаеме дека Алфа-варијантата е многу позаразна од основниот вид,“ вели таа. Гурдашани претпоставува дека оваа варијанта е за три пати попренослива.

Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами

Дали Делта-варијантата е посмртоносна? 

До сега има малку научни податоци за тоа дали Делта-варијантата е посмртоносна во однос на другите мутации. Но, едно е сигурно, според податоците на здравствените власти во Англија има и случаи на вакцинирани лица кои починале како последица на Делта-варијантата. Седум лица починале 21 ден по првата примена доза и уште 12 лица кои барем две недели претходно имале примено и втора доза. Според податоците на Агенцијата за јавно здравство на Англија, зголемен е и бројот на хоспитализирани пациенти со Делта-варијанта, во споредба со Алфа-варијантата. Болниците во Англија повторно забрзано се полнат – во периодот меѓу 7 и 13 јуни има над 1300 хоспитализирани поради Ковид 19, што е 43% повеќе од претходната недела.

Сепак повеќе фактори играат улога за тоа дали некое лице ќе почине како последица од коронавирусот, како на пример претходни заболувања. 

„Ни требаат повеќе информации за да утврдиме дали навистина смртноста е последица на оваа мутација, или пак е комбинација на повеќе фактори?,“ вели Ван Керкове од СЗО. Исто така во преоптоварените здравствени системи луѓето не можат да ја добијат потребната нега, што завршува летално.  

Штитат ли корона-вакцините од Делта-варијантата?

Според досегашните сознанија вакцините на Бионтек/Фајзер и АстраЗенека штитат од развој на тешка форма на болеста при зараза со Делта-варијанта – но, заштитата е пониска во споредба со Алфа-варијантата и основниот вид. Студија на Агенцијата за јавно здравство на Англија, која допрва треба да биде независно верификувана, вели дека две дози од наведените вакцини обезбедуваат силна заштита заразениот да не заврши во болница. Уште првата доза Бионтек/Фајзер дава 94% заштита од хоспитализација, а 96% со втората доза. Вакцинираните со АстраЗенека по првата доза имаат 71% заштита од развој на тешка форма на болеста, а со втората доза 92% заштита. 

Според една друга британска студија вакцините штитат и од тоа воопшто да развиете симптоми при зараза со Делта-варијантата. Вакцинираните со една доза Бионтек/Фајзер имаат 36% заштита да пројдат асимптоматски, додека кај целосно вакцинираните заштитата е 88%. Кај вакцинираните со АстраЗенека, заштитата по првата доза е 30%, а 67% по втората примена доза. Овие првични студии покажуваат дека Делта-варијантата во основа е поотпорна на вакцините, но сепак целосно вакцинираните се повеќе заштитени од оваа варијанта.

Дали Делта варијантата е одговорна за ситуацијата во Индија и Велика Британија?

Делта варијантата доминира во Индија и Велика Британија, пиша епидемиологот Ерик Фајгл Динг на Твитер. Дали Делта варијантата е главно одговорна за ситуацијата во Индија не може научно да се поткрепи бидејќи нема доволно секвенционирани примероци. Факт е дека Индија е една од најпогодените земји во пандемијата. До сега се регистрирани преку 29 милиони случаи, здравствениот систем е преоптоварен. Делта варијантата во земјата беше за прв пат регистрирана уште во октомври минатата година. 

Научникот Дипти Гурдашани во интервју за ДВ ги појаснува причините за масовното ширење на вирусот во Индија. „Мислам дека станува збор за комбинација од многу задоцнета реакција на владата да се преземат основни мерки во делот на јавното здравје и еден вид преценување дека веќе се стекнал имунитет на стадо."

Во Велика Британија ситуацијата неодамна нагло се влоши. Седумдневната инциденца која на почетокот на мај во Обединетото Кралство беше под 20, сега повторно е скокната на повеќе од 70 новозаразени на 100 илјади жители во период од една недела. Колку брзо вирусот сега се шири со Делта варијантата покажува вкупниот број на новозаразени во изминатите седум дена во Велика Британија: 55.216 случаи меѓу 10 и 16 јуни што е за третина повеќе од неделата пред тоа.

Кои се симптомите на Делта варијантата? 

Според првичните сознанија од Велика Британија симптомите се разликуваат од оние што ги предизвикуваат другите варијатни на коронавирусот. Инфицираните на британската апликација Зои се жалат на главоболки, гребење во грлото, температура и затнат нос. Некои се жалат и на кашлица. „Повеќе потсетува на посилна настинка кај помладите", објаснува научникот и коосновач на апликацијата, Тим Спектор. Тоа доведува во заблуда луѓето да си мислат оти се само настинати и на тој начин да заразат и други. Затоа треба да се тестираат лицата кога имаат такви симптоми и да седат дома, вели Спектор. И научникот Балу советува да се бде претпазлив. Симптомите во сезоната на алергии може да бидат потценети. 

Како може да се заштитиме од Делта мутацијата?

Веќе познатите мерки за хигиена како држење метар ипол растојание, миење раце, носење маска и ветреење штитат од сите познати варијанти на вирусот, пишува институтот Роберт Кох на прашање од ДВ. Вакцините на Бионтек/Фајзер и АстраЗенека штитат и од мутацијата, иако нешто помалку отколку од другите варијанти. 

Покрај тоа треба да се избегнуваат патувања во подрачја каде ја има Делта варијантата. Токму патувањата придонесуваат за ширењето не само на основната форма, туку и на варијантите на вирусот уште од почетокот на пандемијата. Затоа се потребни и карантини, наведува Гурдашани.