1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку чинат странските инвестиции?

Костадин Делимитов22 април 2015

Македонската јавност континуирано се бомбардира со информации за странски инвестиции, но никако да биде удостоена со отчет-анализа за ефектите од нив.

https://p.dw.com/p/1FCA8
Фотографија: MIA

Странските инвеститори и вработувањата во нивните фабрики во Македонија се еден од најсилните владини адути. Јавноста постојано слуша за една, две, три, десет нови фабрики во која ќе се вработат илјадници граѓани. Агресивноста на ваквата стратегија која посебно е изразена во пресрет или по „бомбашките напади“ на Зоран Заев, никако да поттикне и детален отчет, анализа од која би се видело колку досега чинат странските инвестиции. Дел од експертската јавност веќе подолг период предупредува на неопходноста од детален отчет за „кост-бенефит“ ефектите од целата досегашна операција, посебно ако се знае дека нивното доаѓање во Македонија е субвенционирано и во континуитет поддржувано со сериозни средства од државната каса и тоа по различни основи, дури и во делот на платите. Но зошто овие информации се држат далеку од очите на јавноста, толку ли е тешко или проблематично да се изработи една ваква анализа? Одговорот на овие дилеми, според упатените, е многу едноставен:

„Еве, јас би седнал и би направил таква анализа, но кај нас не можеш да дојдеш до потребните податоци за неа. Зошто е тоа така, причината е многу јасна, особено кај оваа Влада. Кога нешто се крие тоа е така бидејќи информацијата не е добра за нејзе и не и‘ оди во прилог. Оваа Влада не се грижи што не ја кажува вистината, туку кажува само за она што и‘ оди во прилог. Таа анализа ниту ја прави, ниту дозволува да биде направена и обелоденета, бидејќи очигледно дека резултатите нема да и‘ одат во прилог, тоа е единствената причина што ние практично цело време сме бомбардирани пропагандно со прилив на странски инвестиции во Македонија и нивното добро, наводно добро влијание врз стандардот врз граѓаните. Ама тоа не е баш така со анализа докажано. Што и да покаже таа анализа, таа треба да се направи, а најверојатно ќе покаже многу поразлична реалност од оваа што се презентира. Владата ги претставува странските инвестиции само како позитивно нешто, од аспект на вработување и приходи од плати, но не се зборува за страшните одливи на пари, кои пак подоцна се земаат од граѓаните од разни даноци и давачки. Мора да се стави црта за да се види што преовладува, ама владата тоа не сака да го направи зашто очигледно не и‘ одговара“, коментира универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Unternehmen Kromberg & Schubert in Mazedonien
Фабриката на „Кромберг и Шуберт“ во ЖабениФотографија: DW/A. Dimitrievska

„Народот не знае под какви услови се дојдени фирмите“

Ослободување од плаќање ДДВ, ослободување од плаќање данок на добивка, ослободување од плаќање персонален данок на доход во период и до максимални 10 години, долгорочен закуп на градежно земјиште до 99 години, државна помош од 100 000 до 500 000 евра за изградба на фабриките, покривање на дел од трошоците за плати и придонеси, се редицата олеснувања за странските инвеститори во слободните зони. Политиката на поддршка на инвеститорите, според надлежните, е неопходна, пред се‘ поради силната конкуренција во опкружувањето и оправдана со оглед на досегашните резултати. Добивката од ваква инвестиција, според нив, е подолгорочна, но постои потреба за помош од страна на државата во покривање и субвенционирање на дел од првичните инвестициски трошоци, што било пракса и во многу поразвиени земји. Ова, според упатените, не го оправдува фактот што деталите за реалните трошоци на целата операција се чуваат далеку од очите на јавноста:

„Тоа е далеку од очите на јавноста зашто тогаш едноставно би се видело дека тие работни места кои што се отворени таму за наши граѓани се исклучително фискално скапи. Тогаш би се видело тоа, но и дека ако таму се дадени толку многу пари за толку малку ефекти, тогаш би се наметнало прашањето зошто тоа не е инвестирано на друг начин. Меѓутоа, тоа се тие полувистини. Да не зборувам сега и за робувањето на природните ресурси на Македонија, разни директни и индиректни штети. Договорите што се прават со секој од нив се на ниво на државна тајна. Класифицирани се, како, на кој начин, кој и зошто одлучил да биде така, народот да не знае под какви услови се дојдени тие фирми. Не може тоа да се правда постојано со некакви бизнис дискреции, тоа не може, не е дозволено кога се работи со државни, народни пари“, предупредува поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев.

Што важи за странците, не важи за домашните фирми

Податоците покажуваат дека само преку Агенцијата за странски инвестиции во последниве пет години се потрошени над 12 милиони евра за поддршка на инвестициските вложувања. Пари за оваа намена се дистрибуираат и преку Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони. Бенефициите и субвенциите за странските фирми не важат за домашните компании, иако тие постојано апелираат на идентичен третман. Но затоа тие постојано се охрабруваат да бидат што е можно поиновативни и поагресивни за да добијат дел од колачот, односно да се вклучат во добавувачкиот производствен процес, или сервис услуги. За ефектите од досегашната политика на привлекување на странските инвестиции и можностите за нејзино унапредување Владата неодамна склучи договор со хрватската подружница на глобалната консултантска куќа McKinsey. За надомест од 100.000 евра таа треба да направи длабинска анализа на постојниот систем за привлекување странски инвестиции и да изготви и студија со предлог мерки за подобрување на системот.