1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому Германија плати воена отштета?

Михаел Марек/ Ж.А.17 јули 2015

Кој ќе ја загуби војната, мора да сноси последици, но и трошоци за штетите. Тоа важи и за Германија по 1945 година. Но, ни до денес не е склучен договор за наплата на воената отштета за Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/1G0Zy
Фотографија: picture alliance

Мај 1945 година: германскиот нацистички режим безусловно се предаде. Американските, советските и британските трупи ја окупираа Германија. Милиони луѓе останаа без домови, а реки бегалци тргнаа од исток кон запад. Сојузничките сили почнаа политичка и географска реорганизација на Германија. На Потсдамската конференција, одржана од 17 јули до 2 август во дворецот Сесеилиенхоф во Потсдам, се расправаше за натамошните чекори. САД го претставија начинот на наплата на воената отштета по зони, секоја победничка сила требаше своите побарувања за отштета да ги покрие од зоната која ја добила на управување. Точниот износ на воени репарации не беше наведен.

Во зоната под управа на тогашниот Советски Сојуз, големите земјопоседници преку одземањето на земјишттео и индустриксите реформи останаа без својот имот, сите големи фирми беа национализирани. Отстранувањето на индустриските постројки се одвиваше многу поинтензивно на исток отколку во западните зони. До 1953 година Источна Германија (Германската Демократска Република) загуби околу 30 проценти од своите индустриски капацитети. „Тоа има врска со фактот што Германците предизвикаа огромни разорувања во Советскиот Сојуз и за тоа беше потребна голема отштета“, вели Манфред Гертемакер, професор по современа историја на Универзитетот во Потсдам.

Symbolbild Deutschland Wiederaufbau Nachkriegszeit Marshallplan
Маршалов план за ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Големо одрекување од воените репарации

Меѓутоа, на големите западни сили Германија им беше потребна како сојузник во Студената војна. Таа требаше да биде своевиден економски и политички бедем против комунизмот. По Потсдамската конференција, едно беше јасно: победничкиот сојуз брзо се претвори во огорчен судир меѓу Исток и Запад.

Во Парискиот договор за воените репарации од 1946 година, западните сили се договорија за начинот на меѓусебното распределување на воените репарации. Освен тоа, утврдена е и германската обврска за давање отштета на бегалците и жртвите на нацистичкиот прогон. Но, точен износ на репарациите во договорот не се споменува. „САД пред очи ги имаа искуствата и проблемите со воените отштети од Првата светска војна“, вели историчарот Гертемакер. Тогаш германското стопанство долго не можеше да се опорави, а тогаш се случи подемот на Хитлер. „Поради тоа Американците, а во помала мерка и Британците, сметаа за потребно да се откажат од голем дел од репарациите за на Германците да им овозможат економско опоравување“, смета Гертемакер.

Vertragsunterzeichnung zur Deutschen Einheit in Moskau 1990
Хелмут Кол и Михаел Горбачов при потпишувањето на Договорот два плус четири, Москва 1990Фотографија: Imago/S. Simon

Заради олеснување на економскиот пораст, тогашниот американски министер за надворешни работи Џорџ Маршал даде налог за подготовка на план за ревитализација на Европа. До 1952 година САД на западноевропските земји им дадоа 12,4 милијарди долари. Десет проценти од тоа доби Западна Германија.

Исплата на отштета на Израел

Со Лондонскиот договор за долговите од 1953 година Сојузна Република Германија се обврза да ги врати и долговите кои не настанале како последица на Втората светска војна, значи оние од периодот пред и по војната. Но, Западна Германија успеа да договори смалување на долгот од почетните 29 на 14,5 милијарди германски марки. Освен тоа, германската делегација постигна и бившите воени непријатели да ги признаат германските побарувања кон странство. Со тоа беше овозможено на Германија да почнат да и‘ се исплаќаат кредити. Тоа поттикна економско заздравување, посебно што кредиторите ги отворија своите пазари за германските производи. Сите можни побарувања од воениот период се одложени за некој подоцнежен мировен договор.

Само неколку дена по оваа спогодба во Лондон, германскиот парламент го усвои договорот со Израел за воена отштета. Еврејската заедница доби испорака на германски стоки во вредност од три милијарди германски марки, што е приближно 1,5 милијарди евра. Организацијата Еврејска конференција за побарувања кон Германија, основана во 1951 година за да ги застапува нацистичките жртви, доби 450 милиони германски марки. Освен тоа, Германија до 2000. година исплати околу 83 милијарди германски марки на бившите присилни работници и затворениците во концентрационите логори.

Со Лондонскиот договор и спогодбата со Израел, германскиот канцелар Конрад Аденауер првенствено ја следеше политичката цел: натамошна германска интеграција во Западот и претставување на земјата како доверлив должник во странство.

Deutsche Soldaten beim Aufziehen der Hakenkreuz-Flagge auf der Akropolis
Германски нацистички војници во ГрцијаФотографија: cc-by-sa/Bundesarchiv/Bauer

Воената отштета не се поменува

По завршувањето на Втората светска војна, во почетокот не постоеше мировна спогодба со која би се регулирало прашањето за воени отштети. Германија беше поделена и под управа на сојузниците. Кога во 1989. година германското обединување стана стварност, тогашниот германски канцелар Хелмут Кол се обиде да спречи поставување прашање за германските репарации. Кол стравуваше од побарувања од сите 62 земји со кои Германија војуваше во минатото. Тогашниот канцелар успеа, па во спогодбата наречена „Два плус четири“ (од една страна Западна и Источна Германија, од друга Франција, Советскиот Сојуз, Велика Британија и САД), со која е воспоставено единството и суверениттеот на Германија, воената отштета не се споменува.

Се чинеше дека темата е тргната од дневен ред, се‘ до моментот кога во 2015 година грчката влада не го постави прашањето за воени репарации. Заменикот грчки министер за финансии Димитрис Мардас објави дека Германија и‘ должи на Грција речиси 280 милијарди евра. Германската влада до денес ги одбива овие барања. „Ако Грција бара 300 милијарди, тогаш колку може да побара Русија? 100 билиони?“, прашува Улрих Херберт, историчар од Фрајбург. Зашто, Советскиот Сојуз претрпе многу поголеми нацистички ограбувања и злосторства. Официјална исплата на отштета на Грција би ги поттикнала и другите земји да постават свои многукратно поголеми барања, односно да побараат толкави износи кои на крајот и онака не би било можно да бидат платени.