Конспиративни теории против вакцинацијата
20 март 2014Можните несакани последици од имунизацијата внесоа страв кај група родители од Скопје, Битола и Штип. „Нус појавите веројатно се докажани штом производителот ги ставил во своеото упатство, се појавиле некаде и некој настрадал од тоа. Со Иницијативата бараме Уставниот суд на РМ да ги оцени одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести, поточно нормите поврзани со задолжителната вакцинација на децата“, вели фармацевтот Весна Башеска.
„Постојниот Закон за вакцинирање е присилен. Право на секој родител е да одлучува за здравјето на сопственото дете. Ако и дозволиме на државата да носи медицински одлуки за нас, признаваме дека таа го поседува нашето тело. Законот е остаток од еден тоталитарен режим, кој е зад нас, “ вели Ели Налеска . „И да постои овој Закон, луѓето никако не може да се санкционираат и со Законите за заштита на децата и за основно образование, во кои стои: Ако мајка остварила или треба да оствари родителски додаток за трето дете, а се утврди дека првото и второто дете не се вакцинирани и се запира правото. Тоа е апсолутно – неодржливо. Ако не донесете потврда дека детето е вакцинирано не можете да го запишете во училиште. Тоа е уцена. За мене овие членови од уставно – правен аспект се неодржливи“, смета инцијаторот Стамен Филипов.
Одговорност за децата
Некои родители се убедени дека ефикасноста на вакцините не е докажана, а несаканите ефекти се набројани и се тешки и неизлечиви. Болестите за кои денеска постојат вакцини се болести кои оставале трајни последици врз луѓето пред 100 години. Ако се има добра храна, нега и услови за живот компликации нема да се случат, велат родителите. „Државата не смее да донесува медицински одлуки во наше и во име на нашите деца. Ако на детето му се случи нешто како последица од некоја вакцина, државата ќе ја снема. Прво нема да ми признаат дека тоа е од вакцината, па да не зборуваме за трошоци за лекување. Сакам сама да одлучам дали моето дете ќе заболи од сипаници, дијабет или леукемија, вели Налеска. Опфатот со имунизација е 95 проценти и е законска обврска. Родителите кои редовно не ги вакцинираат децата можат да заработат казни од 300 до 650 евра. Министерот Никола Тодоров го оцени како погрешен чекорот на групата родители кои од Уставниот суд бараат да се укине задолжителната вакцинација и најави дека до крајот на годинава во Македонија конечно ќе се распишел тендер за набавка на поливалентни вакцини. „Вакцинацијата, од 27 земји – членки на ЕУ задолжителна е во 15, а во останатите земји дел од вакцините се задолжителни, а дел препорачани. Досега во Македонија не се забележани посериозни реакции и смртни случаи како последица на вакцинацијата која се спроведува од 1948 година. Годишно има од 10 до 15 пријави во кои се забележани несакани реакции во вид на болка, оток, зголемена температура и конвулзии, открива доктор Јованка Костовска, координатор на имунизација во РМ.
Време за докази и научен приод
„Девојчињата се вакцинираат со 11, а момчињата со 10 видови вакцини“, вели д-р. Јованка Коровешоска, раководител на Епидемиолошката служба при Центар за јавно здравје – Охрид. Според неа, пред примањето на вакцината против мали сипаници, заушки и црвенка најчесто стигнува и одбивањето од родителите да ги вакцинираат децата во страв од нејзината поврзаност со аутизмот. „МРП вакцината е воведена 1982 година, а аутизмот е зголемен последниве неколку години. Зошто зголемувањето не беше забележано во првите години по нејзиното воведување? Докажано е, аутизмот е генетско заболување, а што може да го поттикне не се знае? Проблемот треба да се разгледа од многу аспекти“, смета д-р Катерина Димитрова раководител на РЕ Превентива на деца и младинци при Здравствен дом – Охрид. „Во Регионот Охрид, Струга и Дебар опфатот со вакцинација е речиси 100 процентен. Само две до три деца на годишно ниво не се вакцинираат. Најмногу одбивања се забележани при поканата за вакцинација на девојчињата против ХПВ вирусот. Откако и оваа вакцина е задолжителна опфатот во регионот порасна на околу 50 проценти,“ објаснува д-р Коровешоска.
Вакцините теорија на заговор против човештвото?!
Ако се дозволи имунизацијата да биде избор на родителот, процентот на имунизирани деца ќе падне, а болестите ќе се вратат, како што се вратија во многу држави , вели д-р Димитрова: „Ќе порасне револтот кај родителите кои ги вакцинираат децата, а тие ќе бидат во група со деца кои избегнале вакцинација. “ Без цел да го релативизира проблемот со вакцините Димитрова потенцира: „И во упатството за парацетамолот најчесто употребуваниот лек кај децата се запишани многу несакани ефект. Дали сме свесни за адитивите и конзервансите, вештачките бои, за тешките метали и отровите во играчките и облеката?“ Анти – имунизационото лоби низ светот, сметаат експертите ги шири теорите на заговор и во Македонија. Според нив вакцините се чипови преку кои се сака да се воспостави контрола врз здравјето на луѓето. Лобираат против употребата на антибиотици, се пропагира одењето бос и гледањето во сонцето. Во САД и други земји веќе се развиени редица медицински, религиозни и филозофски причини за одбивање на вакцините.