Коронавирусот – Крај на глобализацијата?
9 март 2020Погледнете го автомобилот којшто излегува од фабриките во Зинделфинген или Волфсбург. Без разлика дали е Мерцедес Е класа или Голф: веќе не може да ја носи етикетата „произведено во Германија“. Со оглед на фактот што речиси една четвртина од деловите за овие автомобили се произведуваат во самите фабрики, а останатите доаѓаат од други добавувачи, ваков автомобил е производ со компоненти од целиот свет. Ова бара огромен логистички напор – таканареченото управување со синџирот на снабдување е огромен предизвик. Тоа значи дека ако контејнерот од Кина со важни делови не дојде на пристаништето во Хамбург, производството во Зинделфинген или Волфсбург многу бргу ќе запре.
Ваквите сценарија во моментов ги анализираат многу компании, не само во автомобилската и машинската индустрија, туку и оние со средна големина, оние кои се нотирани на берза, но и во здравството каде како последица на коронавирусот веќе има забележлив недостаток на важни медикаменти. Пред се лебди прашањето: дали е тоа почеток на крајот на глобализацијата? Дали ќе треба да се преиспита глобалната поделба на трудот? Дали ќе треба производството да се врати на локално ниво? Има ли алтернатива за „глобалната фабрика“ која беше градена во изминативе три децении?
Ќе се врати ли производството на „домашен терен“?
Ова е најголемо разочарување за сите кои мислат дека сите актуелни проблеми во светот се предизвикани од глобализацијата: нема едноставни решенија. Од една страна, глобализацијата доведе до зголемена благостостојба, не само во индустриските земји. Кај некои дури придонесе и да го сменат статусот од земји во развој во растечки економии, избавувајќи милиони луѓе од сиромаштија. Разбирливо мора да се зборува за работните, социјалните и еколошките стандарди. Но, доколку сега производството се „врати“ на домашен терен, многу од овие луѓе ќе ги загубат работните места.
Од друга страна: Кога Доналд Трамп зборува за „Америка на прво место“ и тоа дека сака да ги „врати работните места“ во земјата, многу луѓе реагираат со негодување. Но, кога германскиот министер за економија Петер Алтмајер и неговиот француски колега Бруно Ле Мер, зборуваат за креирање на повеќе фабрики во Европа и враќање на клучните производствени капацитети, речиси и да нема вакви реакции.
Тоа не значи дeка не се потребни никакви промени. Да ја земеме за пример фармацевтската индустрија. Ако Германија, исто како Франција набавува од странство 80% од потребните активни супстанци за производство на лекови (40% се само од Кина), тогаш нешто мора да се смени. Но, како дојде до оваа зависност? Бидејќи локалното производство стана прескапо, а ценовниот притисок преку здравствените каси огромен. Сепак, погрешен е впечатокот дека Германија за многу индустриски производи е зависна од Кинезите. Германската економија, која е составен дел и корисник на глобалната поделба на трудот, не е зависна од ниту една друга земја. Ниту еден трговски партнер нема поголем уддел од 10% во целокупниот извоз и увоз на земјата, велат од Германскиот сојуз на стопански комори.
Назад во 19 век?
Се разбира, актуелната криза со корона вирусот ќе доведе до тоа компаниите да ги ревидираат системите за снабдување и да пронајдат начин како во иднина да ја намалат можната зависност од индивидуални добавувачи. Можна е и дебата за тоа кога е „вистинското време“ и дали би било мудро да се вратат на политиката на поголеми залихи. Секако, складирањето чини пари, но и застој во производството како што е сега случај со пандемијата, гарантирано чини многу повеќе.
Повеќе:
Коронавирус: Песната на црниот лебед
Коронавирус- рецепт за нова глобална нестабилност
И Корона „боледува“ поради коронавирусот
Коронавирус: Панично купување во германските маркети
Но, не се согласувам со проценките на првиот човек на Стопанската комора на Европската Унија во Кина, Јерг Вутке кој верува дека поминало времето во кое компаниите ќе можат да произведуваат онаму каде што им е најефикасно и најисплатливо. Во најмала рака тоа би му се вратило како бумеранг пред се на светскиот шампион во извоз, Германија. Веќе сега може да се очекува пад поради нарушениот систем на лиферување кој може да се спореди со времето на глобалната финансиска криза од 2009 година, кога германскиот извоз забележа пад од 5%. И тоа би било само увертира на она што би следело доколку глобализацијата се врати назад.
Назад само кон домашно производство? Назад во 19 век? Бум за протекционизмот? Оној кој навистина го сака тоа ќе мора да даде добри аргументи како на луѓето да им се објасни зошто нивната благосостојбата ќе биде сериозно нарушена.