1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Швајцарска мутација“ на вирусот во С. Македонија

ДТЗ /ДВ
14 јануари 2021

Новиот британски тип на коронавирус не е детектиран во С. Македонија, која во февруари ќе ја започне вакцинацијата. Олабавуваат и мерките - кафеаните ќе работат до 21 часот

https://p.dw.com/p/3nv5p
Venko Filipce
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мутација на опасниот вирус Ковид-19, којашто била откриена во Швајцарија и во Србија, од неодамна се појави и во Северна Македонија. Од летото навака се детектирани вкупно шест- седум типа на мутации, но ниту еден од нив не е поврзан со новиот вид на коронавирус кој се појави во Велика Британија и којшто важи за најзаразен од сите. Иако состојбата со Ковид-19 делува привидно стабилна во земјата, граѓаните со нетрпение ги очекуваат првите дози од вакцините против Ковид-19, коишто треба да пристигнат од ЕУ за Западен Балкан. Од Светската здравствена организација тврдат дека вакцините се веќе на пат. Министерот за здравство, Венко Филипче, најавува дека во февруари ќе пристигнат вакцините на „Фајзер“. Во очекување на вакцинацијата, започнува олабавувањето на превентивните мерки. Кафеаните од 21 јануари место во 18 часот, ќе ги затвораат вратите во 21 часот. Се разгледува и можноста за делумно враќање на ноќниот живот и работа на угостителските објекти до 23 часот, откако тие бараа да им биде овозможено да ги отворат вратите за гостите, поради големите загуби коишто ги трпат поради пандемијата. 

Не е детектиран вирусот од Велика Британија

Министерот за здравство, Венко Филипче, тврди дека во С.Македонија се уште не е детектиран новиот вид на коронавирус којшто се рашири низ Европа од Велика Британија. Но, откриени се други мутации на вирусот.

-повеќе на темата: СЗО: Британската корона-мутација досега потврдена во 50 земји

„Од летото досега, во лабораторијата на МАНУ се детектирани шест-седум типа, со мутации како што биле и во Британија. Но, не се работи за истиот, туку за сосема различен, што е откриен во Србија и во Швајцарија“, вели Филипче.

Symbolfoto Virologe Coronavirus Covid
Вакцините против Ковид-19 се на пат за Европа, а првите дози на „Фајзер“ се очекува да пристигнат во Северна Македонија во февруари.Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Hardt

Вакцините пристигнуваат

Вакцините против Ковид-19 се на пат за Европа, а првите дози на „Фајзер“ се очекува да пристигнат во Северна Македонија во февруари. „Сите вакцини што ќе ги донесеме во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни, а согласно планот за дистрибуција ќе биде направен и планот за апликација“, вели министерот.  Тој објаснува дека изминатиов период интензивно се комуницира со компанијата „Фајзер“ поради тоа што во овој момент таа е единствената компанија што ги има добиено потребните дозволи за итна употреба на нејзината вакцина од двете најзначајни регулаторни тела, а тоа се Американската агенција за лекови (ФДИ) и од Европската агенција за лекови (ЕМА).

-повеќе на темата: Ковид-19: Повеќе вакцини за ЕУ – на пролет 

Шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава, Џихан Тавила денеска изјави дека Владата и државата прават сѐ што е во нивна моќ секој во оваа држава да биде заштитен. „Потребни се многу подготовки што треба да се направат, работиме врз научна методологија која се базира на безбедност и сигурност и вакцините прво ќе ги добијат приоритетните групи граѓани, како што е тоа случај во сите држави во светот“, вели таа. Според неа, не можат да се прават споредби со државите од регионот кадешто веќе почна вакцијацијата, како што се на пример Косово и Албанија. „Ситуацијата во секоја држава е различна и овие вакцини се за итна употреба, а не се дел од регуларната пратка вакцини кои се наменети за пазарот. Потребни се сериозни анализи од институциите и Владата за да биде користена вистинската вакцина“, вели таа. 

Олабавување на мерките

Во последните 24 часа, 36 пациенти биле хоспитализирани во ковид центрите во Скопје поради компликации од ковид. Само во главниот град над 300 пациенти  се во болница, а слободни се 122 кревети. Надлежните оценуваат дека состојбата со вирусот во моментов е оптимистичка. Министерот за здравство Венко Филипче најавува дека од 21 јануари угостителите ќе имаат работно време до 21 часот, а ќе се разгледа и можноста да бидат отворени до 23 часот. Со тоа ќе им се излезе во пресрет на барањата на угостителите коишто бараа да се пролонгира работното време за да се покријат финансиските дупки предизвикани од пандемијата. Мерката за скратување на работното време беше воведена на 18 декември, кога Владата ја почна кампањата „Празнувај одговорно“.

-повеќе на темата: Поради ширење на мутираниот коронавирус – итна седница на СЗО

Токму ваквата мерка, според Филипче, резултирала со намалувањето на бројот на заразени. „Намалувањето на бројот на заразени и на хоспитализирани делумно се должи на почитување на мерките, а делумно и на тоа што веројатно бројот на заразени е поголем од детектираните и тие се главно асимптоматски“, вели министерот.