Бегство од зачмаеноста на пандемијата
Коронавирусот ја доведе глобалната индустрија за патувања во ќорсокак. И покрај ограничувањата, некои патници повторно ги пакуваат куферите и се упатуваат кон региони кои ветуваат безбедност и одмор од Ковид.
Исланд
Островот во Северен Атлантик со своите водопади, вулкани и глечери е подготвен за туристите. Љубителите на природата и авантуристите можат да патуваат таму во согласност со прописите за коронавирусот. Исланд е една од ретките земји во Европа која дозволува влез за вакцинирани лица и лица кои се опоравиле од од Ковид-19, без потреба од тестирање и карантин.
Ла Палма, Шпанија
Канарскиот остров Ла Палма е речиси без заболени со коронавирусот. Туристите кои патуваат од Германија теоретски можат да влезат со негативен ПЦР тест, но во моментов нема многу летови за Ла Палма, бидејќи е дел од Шпанија, која е земја со висок ризик. Хотелиерите и агентите за изнајмување недвижности се надеваат дека состојбата ќе се подобри од март.
Занзибар
Ограничувањата за патување во Занзибар беа укинати уште во јуни 2020 година. Патниците од повеќето земји можат да влезат без ПЦР-тест, формулар за влез или карантин. На островот, кој ѝ припаѓа на Танзанија, нема ограничувања, рестораните се отворени, а се одржуваат забави и концерти. На крајот на март, Луфтханза за првпат планира да понуди директни летови до островот на задоволствата.
Руанда
Туристите ја посетуваат Руанда за да видат планински горили. При влегување мора да се покаже негативен ПЦР-тест и да се направи дополнителен тест локално. По седум дена во карантин на туристите им е дозволено да одат на сафари и да ги видат горилите под строги хигиенски услови. Мерките на претпазливост се покажаа ефикасни. Германија никогаш ја нема ставено Руанда на листата на ризични области.
Сејшели
Архипелагот крај источниот брег на Африка мами со белите песочни плажи, тиркизно синото море и со бујните палми. Од јануари, секој може да влезе во земјата ако има сертификат за вакцинација против Ковид-19 и со негативен ПЦР- тест направен во рок од 72 часа. Нема потреба од карантин. Одморот може да започне веднаш. Сепак, бидејќи Сејшели се ризична област, повратниците мора да одат во карантин.
Малдиви
Островската земја во Индискиот Океан бележи зголемување на стапката на инфекции од декември и се смета за ризична област. Според правилата од јули 2020, туристите можат да влезат со негативен тест, но нивниот престој останува ограничен на однапред резервирано одморалиште. Со оглед на луксузните објекти во хотелските комплекси, туристите се прилично подготвени да ги прифатат овие ограничувања.
Тајланд
Ниските стапки на инфекција значат дека патувањето во Тајланд не е забрането тукусамо не се препорачува. По пристигнувањето и на сопствен трошок, патниците мора да поминат строг карантин во траење од 14 дена во објект за изолација (обично хотел) кој е одобрен од владата и да направат неколку тестови за Ковид-19. Само тогаш тие можат слободно да се движат во земјата.
Аруба, холандски Кариби
Работа на вашиот лаптоп пред да скокнете во базен, или обратно? Ако не можете да престанете да работите, можете да „работите од дома“ во далечните земји. Туристичките агенции во неколку земји, како на холандскиот карипски остров Аруба (на сликата) ја препознаа можноста и нудат опции за работа и одмор за туристите. И тука, се разбира, мора да се внимава на актуелните корона-рестрикции.
Дубаи
Дубаи до декември, се сметаше за место без Ковид-19, но од 24 јануар се смета за област со висок ризик. Емиратот донесе влијателни инфлуенсери и познати личности во земјата, а туристите ги следеа, откако сликите на безгрижни забави крај базен го обиколија целиот свет. Сега баровите и пабовите се затворени, ограничувањата се применуваат во трговските центри и во рестораните.
Туристички крстосувања
Индустријата за туристичко крстосување ги врбува муштериите со тоа што нуди најголема можна безбедност. Ова значи пониски стапки на посетеност на пловните објекти, физичка дистанца на бродот, задолжително носење маски, дневни проверки на температурата, контролирани екскурзии на брегот... Но, оваа релаксација доаѓа со ограничувања, бидејќи коронавирусот исто така знае како да патува.