Корона во Германија:„Ситуацијата наликува на онаа во март“
14 август 2020Соработниците од Црвениот крст се лути. Тие од крајот на јули по летните горештини дежураат на три пункта на автопатиштата за да ги тестираат на коронавирусот возачите, кои преку Баварија се враќаат од странство.
Тоа е огромна работа бидејќи во голем број германски покраини завршува летниот распуст. Досега се тестирани 60.000 патници. Земањето брис е на доброволна база.
Тестовите од 8 август се задолжителни само за повратниците од ризичните подрачја и тие луѓе мораат да бидат во карантин додека не добијат негативни резултати.
Се заканува ли нов Ишгл?
Сега 44.000 од 60.000 тестирани луѓе повеќе од 7 дена чекаат резултати од тестот. Тоа е проблематично, бидејќи кај 900 од тестираните е востановено присуство на коронавирусот. Ако не доаѓаат од ризично подрачје, а немаат симптоми, не мораат да останат дома и можат ненамерно да заразат други луѓе. Тоа веќе се случуваше во февруари и во март кога повратниците од австрискиот скијачки центар го донесоа вирусот дома.
„Баварските хуманитарни организации добија налог од покраината Баварија за еден ден да направат 5 станици за тестови“, ја критикуваше Црвен крст избрзаната одлука на баварските власти. Одолговлекувањето со објавувањето резултати од тестирањето е бламажа поради тоа што податоците од тестираните лица се прво напишани рачно на лист.
Кој е одговорен?
Покраинскиот Завод за здравство „не беше во состојба во толку кус рок да испорача соодветна компјутерска програма“, па наместо тоа стави на располагање хартиени формулари. „Баварскиот Црвен крст ги отфрла сите инсинуации дека би можел на каков било начин да биде виновен за настанатата ситуација“, стои во острото соопштение од Црвениот крст.
Повеќе:
-Високи казни за летувалците во ризични земји кои нема да се тестираат
-Корона во Германија: Без паника!
-Втор корона-бран: колку е подготвена Германија?
Во потрагата по одговорност се стигна и до политиката. Секако би требало да се спомене баварската министерка за здравство, Мелани Хумл, но уште поодговорен е нејзиниот шеф, баварскиот премиер Маркус Зедер. Тој брзоплето предложи тестови за сите германски граѓани и центри за тестирање, не само на аеродромите туку и на железничките и автобуските станици.
На Зедер ова не смее да му се случи
„Можеме на крајот само да се извиниме“, изјави Зедер во Минхен. „На целата покраинска влада и' е жал, дека се сторени овие грешки.“ За Зедер ваквите грешки претставуваат посебна бламажа, бидејќи во изминатите месеци се претставуваше како способен кризен менаџер. Некои дури го гледаа како нареден кандидат за местото канцелар. За волја на вистината, Зедер повеќепати повторуваше дека неговото место е во Баварија. Но, сигурно не би имал ништо против тоа на наредните избори во Бундестагот да биде заеднички кандидат на својата баварска Христијанска унија (ЦСУ) и на сестринската германска Христијанско-демократска унија (ЦДУ).
Досега стратегијата на Зедер во корона кризата беше успешна. Но, овојпат очигледно го потцени бројот на луѓе кои ќе ја прифатат понудата да им се земе брис. „Оној кој како покраински премиер постојано се претставува како кризен менаџер и самиот себеси постојано се тапка по рамо, тогаш е одговорен за тоа целата работа навистина и да функционира“, го критикува Зедер шефицата на Зелените, Аналена Бербок.Пратеничката на социјалдемократите која во пратеничкиот клуб е надлежна за здравствените прашања, Забине Дитмар, на тоа гледа слично и се плаши дека сега многу повратници од одмор нема да ја прифатат понудата да се тестираат. „Драгоцената доверба во мерките за сузбивање на вирусот е проиграна“, вели таа.
Не постои единствена германска стратегија
Баварија е единствената германска покраина која нуди бесплатни тестови за луѓето кои се враќаат од странство. Другите 15 сојузни единици се помалку дарежливи, дури и кога граничат со странство. Тие се ограничуваат на задолжително тестирање само на оние луѓе кои потекнуваат од ризичните земји. А германските лаборатории имаат неделен капацитет од 1,2 милиони тестови. Од тоа досега се користи само половина.
Северна Рајна-Вестфалија, како најголема германска сојузна покраина, формираше центри за тестирање на аеродромите. До 11 август, 47000 луѓе биле тестирани на аеродромите, од кои два проценти биле позитивни на Ковид-19. Портпаролот на покраинскотом Министерство за здравство во Диселдорф вели дека резултатите од тестот обично се чекаат еден или два дена.
А другите покраини?
Германската фондација за заштита на пациентите фрла сомнеж врз оваа изјава: „Постојат индивидуални индикации од цела Германија дека резултатите од тестот не пристигнуваат или пристигнуваат многу бавно од граничните премини, аеродромите и железничките станици“, рече Ојген Бриш, директор на Фондацијата. Тој би сакал да дознае од германските покраински власти „дали нивното тестирање се одвива без проблеми“.
Ова е актуелно прашање, со оглед дека учебната година започна во повеќе покраини. Во Берлин, од почетокот на неделава, учениците без пропишана дистанца седат на часови со по 30 ученици. Веќе се појавија случаи на Ковид-19 кај неколку наставници и ученици. Бидејќи властите по секоја цена сакаат да избегнат повторно затворање на цели училишта, во карантин се испраќаат само цели одделенија.
Загриженост од ново распламтување на заразата
Бројот на заразени од коронавирусот во Германија расте. Два дена по ред се пријавени над 1.400 нови инфекции во земјата. Институтот Роберт Кох пријави 1449 новоинфицирани. за 24 часа. Поголем број случаи последен пат имало на први мај годинава- 1639. Премиерот на Баварија Маркус Зедер предупредува од експлозивно зголемување на бројот на заразени. „Ситуацијата е слична на онаа во март“, рече тој во Минхен, додавајќи дека бројот на заразени лица расте во многу региони, а во исто време расте бројот на ризични земји и области во Европа. „Загриженоста е повеќе од оправдана“, вели Зедер.