1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона-криза во ЈИЕ: Карантин за правната држава

Кено Верзек
24 март 2020

Некои држави во централна и југоисточна Европа ја користат корона-кризата за да ги заобиколуваат принципите на правната држава. Во тоа предничи Унгарија. Владеење во диктаторски модус веќе не може да се исклучи.

https://p.dw.com/p/3ZxZ2
Göttin Justitia
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Во времиња на епидемии општествата мора да се соочат со големи ограничувања на јавниот живот. Така е и во актуелната корона-криза. Со, за сите сфатливите, временски ограничени забрани за контакти, со забраните за излегување и патување, би требало да се постигне забавување на болеста. Меѓутоа, сега некои земји од централна и југоисточна Европа ја користат корона-кризата за заобиколување на  принципите на правната држава, без притоа тоа да има подобри изгледи за успех во борбата против епидемијата.

Во тоа предничи Унгарија. Минатиот петок владата на Виктор Орбан излезе со предлог закон со кој егзекутивата се „опремува“ со диктаторски овластувања на неограничено време. Овој „Закон за заштита од коронавирусот“ би требало да биде донесен најдоцна наредната недела.

Веќе сега владата во Унгарија може да владее со вонредни овластувања со оглед на тоа дека прогласи вонредна состојба, која во Унгарија се нарекува „ситуација на опасност“. Таа, меѓутоа, важи само 15 дена и мора постојано да биде продолжувана од страна на парламентот.

EU-Kommission verklagt Ungarn wegen Stop-Soros-Gesetz
Владата на Виктор Орбан излезе со предлог закон со кој егзекутивата се „опремува“ со диктаторски овластувања на неограничено времеФотографија: picture-alliance/dpa/T. Kovacs

Неограничена ситуација на опасност и нови казни

Новиот предлог закон сега предвидува неограничено важење на ситуацијата на опасност откако за тоа парламентот ќе гласа само еднаш. Владата ќе може да носи декрети за заштита на населението и за стабилизација на економијата, кои исто така ќе може да отстапуваат од постоечкото право.

Сите текстови, видеа и фотогалерии за коронавирусот на едно место

Работата на парламентот би требало да биде суспендирана додека трае состојбата на опасност, не треба да се одржуваат избори и референдуми. Да работи и натаму ќе смее само Уставниот суд. Кога состојбата на опасност ќе заврши е прашање на одлука на владата, предвидува предлог-законот.

Со него е предвидено и воведување на две нови дела кои се сметаат за кривични: оној кој ќе ги спречи мерките за борба против болеста, мора да смета со затвор во траење до осум години. И, оној кој на местата на кои постои опасност или во состојба на опасност шири лажни или искривени информации, може да добие казна затвор во траење до пет години.

Планираниот закон треба да биде донесен во унгарскиот парламент наредната недела. За тоа се потребни две третини од гласовите на пратениците, кои Орбановото мнозинство ги има.

Ungarn Parlament in Budapest
Унгарскиот парламент наредната недела треба да одлучува за предлог законот за заштита од коронавирусотФотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Загриженост за предлог-законот

Унгарската опозиција го критикува предлог законот како „вовед во тотална моќ на Орбан“ и „бланко-чек за владеење со декрет“. Својата согласност со ваквиот предлог закон опозицијата ја услови со ограничување на времетраењето на планираните прописи и со натамошни законски гаранции.

Голема загриженост околу предлог законот изразија и многу унгарски невладини организации и коментатори, меѓу кои и левичарскиот филозоф Гашпар Миклош Тамаш. „Кога гледаме дека владата на Орбан ја користи епидемијата како изговор за да воведе отворена, формална диктатура, како да можеме да веруваме дека ограничувачките мерки се оправдани и основани?“, прашува тој во еден текст за магазинот ХВГ.

Повеќе: 

Коронавирус во Орбанова Унгарија: Сорос, мигрантите и заразата

Вучиќ и коронавирусот: од шегаџија до нервозен очув

Коронавирус: На Балканот нема паника

Сомнителен корона-менаџмент

И во други југоисточноевропски земји заразата се користи како изговор за сомнителни ограничувања на правната држава. Така, на пример, досега четири земји членки на Советот на Европа – Ерменија, Летонија, Молдавија и Романија, најавија т.н. дерогација на одредбите од Европската конвенција за човекови права. Со тоа во овие земји за време на вонредна состојба може да се стави вон сила еден дел од граѓанските права. Критичарите велат дека овие мерки се целосно несоодветни на дадената ситуација.

Во Бугарија претседателот Румен Радев стави вето на еден контроверзен закон за вонредни мерки. Законот, слично како во Унгарија, првично предвидуваше затворски казни за ширење на неточни информации во врска со инфективни болести. Друга спорна одредба и' дава овластувања на армијата за спроведување вонредни мерки, кои во нормални услови би биле задача на полицијата, како што е на пример контрола на лични документи при идентификација на лица. Изненадувачки, дел од владеачката коалиција го прифати ветото на Радев. Сепак, останува отворено дали нема наново да бидат предложени слични одредби. За тоа во наредните денови ќе одлучува парламентот.

Bulgarien Rumen Radev Staatspräsident
Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето на еден контроверзен закон за вонредни меркиФотографија: BGNES

За корона-менаџментот на некои претседатели и влади во земјите од Западен Балкан се водат контроверзни дискусии. Во Србија политичари од демократските опозициски партии и независни правни експерти го обвинуваат претседателот Александар Вучиќ дека на 15 март прогласил вонредна состојба без да има уставноправна основа за тоа, со што, како што велат критичарите, Србија дошла „на чекор до диктатура“.

Во Албанија премиерот Еди Рама најави најостри можни мерки против оние кои нема да ја почитуваат забраната за излегување и испрати оклопни возила во патрола низ Тирана. Тоа беше причина за остри критики од страна на опозициските политичари.

Во Црна Гора, пак, владата на својата веб-страница објави список со имиња и адреси на граѓани кои се ставени во карантин. Според премиерот Душко Марковиќ, тоа е неопходно затоа што властите не можеле да ги контролираат сите такви лица, па морале да ги информираат граѓаните. Сега се работи за здравјето и животот, сега не е време за дебати околу правни нијанси и за заштитата на лични податоци, вели Марковиќ. Борците за човекови права остро ја критикуваат ваквата пракса и оценија дека се работи за „повик на линч“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема