1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и Република Српска во ист кош?

Ивица Петровиќ
30 август 2018

Се чини дека сѐ поголем број странски политичари начелно ја поддржуваат идејата за разграничување на Србија и Косово, но истовремено предупредуваат дека тоа остава простор за последици по други држави на Балканот.

https://p.dw.com/p/33xpt
Dodik Balkan Karte
Картата на која претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во интервју за ДВ во ноември 2017 година нацрта како тој го гледа „разграничувањето“ (тој дел од интервјуто можете да го видите во видеото на крајот од текстот)Фотографија: DW

Ако претпоставиме дека внатрешниот дијалог за Косово сѐ уште трае - а никој сѐ уште не објавил дека е завршен - една идеја добива сѐ поголем простор во српската јавност. Извесен број интелектуалци, имено, инсистира на тоа решавањето на косовското прашање да биде поврзано со статусот на Република Српска.

Објаснувањето на прв поглед е едноставно: ако Албанците на Косово имаат право на самоопределување и врз основа на тоа бараат целосна независност, исто такво право би морало да се бара и за Србите во Република Српска. Заговорниците на таа теорија потсетуваат дека врз етнички принцип се распадна и поранешна СФРЈ и дека ситуацијата на Балканот нема да се реши сѐ додека тој принцип не важи за сите.

Некаков вид компензација

Таквиот став во моментов не е дел од политичкиот мејнстрим, зашто не го има изнесено или поддржано никој од владејачката коалиција во Србија, но може да се каже дека тој добива сѐ повеќе приврзаници во земјата. Оттука, може да се претпостави дека таквиот став ќе добива на значење колку повеќе наближува конечната одлука за Косово.

Со оглед на тоа што претседателот Александар Вучиќ зборува дека Србија во тој процес нема да може да добие сѐ, но дека ќе се обиде да добие нешто или да загуби што помалку, инсистирањето на независност на Република Српска се гледа како некој вид компензација за потенцијалните загуби околу Косово. Од друга страна, форсирањето на таквиот став во круговите на неговите застапници се гледа како обид за притисок на западната меѓународна заедница, за да се предупреди на сите можни компликации кои може да настанат поради решение со кое Србија не би била задоволна.

Меркел: „Мора да внимаваме“

Треба да се сврти внимание и на фактот дека веќе постои загриженост за судбината на Босна и Херцеговина и тоа поради решението кое во моментов делува најактуелно, а тоа е корекција на границите меѓу Србија и Косово. Голем број странски политичари начелно ја поддржуваат идејата за разграничување или корекција на границите, но истовремено предупредуваат дека тоа остава простор за последици по други држави на Балканот.

На таква опасност од „потези на една страна кои можат да доведат до некои последични потези на друга страна“ предупредува и германската канцеларка Ангела Меркел.

Селективни принципи

Историчарот и претседател на Напредниот клуб, Чедомир Антиќ, за ДВ оценува дека големите сили во југословенската криза настапиле лицемерно и дека вистинско самоопределување е дадено за 1.600.000 Албанци, но дека тоа право не го добиле 1.750.000 Срби надвор од Србија. Тоа, според него, оставило куп проблеми во сите балкански држави.

„Ќе ве потсетам, а и поради оние кои се повикуваат на Уставот на СФРЈ, дека Србите, за разлика од Албанците, имаа статус на народ. Така што, потполно е логично 1.100.000 Срби во Репиблика Српска да имаат исти права како и 1.600.000 Албанци. И едните и другите имаат желба да добијат држава, а и едните и другите се дел од меѓународно признати држави. Но, тоа не е официјален став на Србија и мислам дека тактиката на српскиот претседател не е таквата цел и да се постигне“, вели Антиќ.

Тој додава дека Србија не би требало да инсистира на тоа еден проблем, за кој ЕУ мисли дека е локализиран, да се проширува. „Во таа смисла, Србија би требало да каже: Во ред, Србија не бара да се зголеми. Србија не бара ни независност за Република Српска. Само го бара она што му е дадено секому, а тоа правото да се определат. Зашто тоа право не може да го имаат само Словенците, Хрватите, Бошњаците или Црногорците, а притоа единствен параметар да се границите кои ги одредил бившиот комунистички режим. А модерна Европа е настаната врз антикомунизам“, нагласува Антиќ.

Повеќе: Промена на граници: Опасност од пожар на Балканот

Serbien Prsäidentenwahl Milorad Dodik und Aleksandar Vucic in Belgrade
Милорад Додик и Александар Вучиќ во Белград (2.04.2017)Фотографија: Reuters/A. Bronic

Република Српска - резервна добивка

Мислам дека тие две прашања не би требало да се поврзуваат и дека Косово е случај за себе, вели за ДВ Александар Попов, директор на Центарот за регионализам. „Босна и Херцеговин е меѓународно призната држава, членка на ОН, и доколку еден нејзин ентитет се припои кон Србија, БиХ практично би се распаднала. Ние овде зборуваме за суверена држава која е воспоставена со Дејтонскиот мировен договор, зад кој стојат големите сили и нејзиното распаѓање би довело до последици кои не можеме ниту да ги предвидиме“, предупредува Попов.

Што би можела Србија да добие и дали воопшто нешто добива доколку се тргне со поврзување на тие две прашања - Косово и Република Српска? Александар Попов смета дека на тој начин не може да се добие многу. Попов потсетува дека во текот на изминатите години во Србија имаше политичари кои сакаа „да го зголемат својот рејтинг во преговорите околу Косово со тоа што беа за тоа - доколку се загуби Косово, резервна варијанта да биде припојување на Република Српска кон Србија.“

„Меѓутоа, тоа на некој начин е заканување со празна пушка, затоа што тоа едноставно не може да се направи, а да не дојде до меѓународен судир. РС не може да се издвои без согласност на Америка, која, без оглед на сѐ, примерот на Босна го гледа како успешен крај на воениот судир“, потенцира Попов.

Повеќе: Менувањето граници - реалност или пироманија?

Додик црта нови карти на Балканот

Сигнал до меѓународната заедница

Постои и уште едно објаснување за поврзувањето на тие две прашања, а тоа е дека српската страна на тој начин испраќа порака до меѓународната заедница со цел таму да се запрашаат уште еднаш дали инсистирањето на целосна независност на Косово е вистинскиот лек за балканските проблеми. Меѓутоа, има и такви како Младен Иваниќ, член на Претседателството на БиХ, кој вели дека „Србија со поврзувањето на тие две прашања, се одрекува од едно: ако Косово е Србија, тогаш тоа не може да биде и Република Српска“. Затоа целиот маневар се гледа и како некаков обид да се зајакнат српските преговарачки позиции. Но, Попов и тоа го гледа како „крчма без крчмар“ и додава дека „и тоа може да се гледа како дел од политиката на Милорад Додик, кој на тој начин се обидува да ја зацврсти својата позиција кај избирачкото тело во Република Српска“.

Од друга страна, Чедомир Антиќ истакнува дека Србија во овој случај мора да инсистира на принципи. Мое уверување е дека треба да зборуваме за принцип, нагласува Антиќ. „Ако еден народ има право да се определи, а тоа право не е дадено на никој друг, тогаш тој принцип треба да се менува. Со оглед на тоа што Србите во БиХ имаат своја држава која се вика Република Српска, и која е призната со меѓународен договор, тогаш е логично и Србите да добијат некакви права. Затоа сметам дека најдобро решение би била една голема меѓународна конференција, со учество на големите сили, на која би биле отворени сите прашања и би се примениле истите принципи на Балканот.“