На сите страни само губитници
15 декември 2018Косово и Србија поради вечниот конфликт си ја прокоцкуваат својата иднина, оценува балканскиот дописник на весникот „Штутгартер нахрихтен“, Томас Розер, кој веднаш на почетокот на својот коментар оценува дека „добрата вест е што речиси и не може да се смета со нов вооружен конфликт на Косово поле“:
„Но, вестите од чекалницата на ЕУ во никој случај не се добри. Наместо да направат решителен чекор и да работат на посакуваното приближување кон ЕУ, Србија и Косово и две децении по војната сѐ уште продолжуваат со меѓусебната борба и со тоа ја прокоцкуваат иднината на своите деца. ЕУ, како префорсиран судија е исто така одговорна. За загубата на сопствената веродостојност се виновни и земјите членки на Унијата. Како да се објасни зошто Косовците сѐ уште мора да стојат во редици пред конзулатите, додека од друга страна дури и Грузијците и Украинците смеат да патуваат во Шенгенскиот простор без визи. Но, пред сѐ соседите се тие кои не покажуваат волја и самите си нанесуваат штета. Овојпат Приштина, со основањето на армијата и воведувањето на царините, сосема непотребно го провоцира соседот. Претходно Белград беше тој кој со спречувањето на приемот на Косово во Интерпол, забраната за ракометни натпревари или поништувањето на одлуките за признавање на Косово од страна на мали држави како Гренада, издејствувани којзнае на каков начин, беше причина за зла крв. Но, колку и двете страни да се слават како победници, всушност има само губитници.“
Повеќе:
Липково на удар на српско-руска пропаганда
Косово: Гутереш бара воздржаност, Москва предупредува од вооружен судир
„Фолксштиме“ од Магдебург коментира:
„Да се создаде армија е право на секоја држава. Но, Косово не е нормална држава. Таа беше создадена од ЕУ и САД по војната за јужната српска провинција во знак на респект за косовските Албанци. Малата држава до денес се бори за економско преживување и меѓународно признавање. Србија е во постојан клинч со Косово. Меѓународните трупи ги држат одвоени една од друга двете страни. Во ваква ситуација, по исклучителна желба на САД, сега Косово треба да создаде своја армија - авантуристички маневар. Тоа ќе има последици и за Германија. Бундесверот е дел од силите КФОР на Косово веќе 20 години. Тоа е најдолгата мисија - во моментов таму се стационирани 700 германски војници. Доколку Србите и Косовците се судрат, ќе се распадне фрагилната безбедносна архитектура. Во таков случај, долгогодишниот ангажман е попуст.“