1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовската влада со царините ги казнува сопствените граѓани

ЖА / агенции
7 ноември 2018

Бројни реакции на одлуката на одлуката на косовската влада за воведување казнени царини за производи од Србија и БиХ, критики и од Приштина.

https://p.dw.com/p/37oTU
Pristina Kosovo
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schrader

Косовската влада вчера реши да воведе казнени царини од 10 проценти за различни увезувани производи од Србија и Босна и Херцеговина. Според официјални податоци, Србија во Косово извезува стоки во вредност од 400 милиони евра, додека Косово увезува производи во вредност од само 47 милиони евра годишно. Вицепремиерот на Косово Енвер Хоџај во врска со мерката на социјалните медиуми напиша: „Србија со заработените пари од Косово врши лобирање против независноста на Косово“.

Заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, оцени дека одлуката на косовската влада за воведување увозни мерки на стока од Србија и Босна и Херцеговина претставуваат примена на реципроцитет во односите и порака за Србија да сфати дека ќе плати цена за секое негативно однесување.

„Веќе долго време ги информирам европските институции за скандалозното однесување на Србија и нејзините институции против човековите права и економската слобода на граѓаните на Косово. Веќе долго време на форуми, на сите состаноци зборувам за скандалозното однесување на српската дипломатија, поточно на пропагандата и лажните вести на недемократскиот режим во Србија“, напиша Пацоли на Фејсбук.

Сосема поинаква оценка изнесе пратеничката од косовскиот парламент и претседателка на парламентарната партија Алтернатива, Мимоза Кусари Љиља. Според неа, владината одлука е лоша, па таа му порача на премиерот Рамуш Харадинај да проба нешто друго, зашто оваа мерка ќе биде неуспешна, со неа всушност се казнуваат граѓаните на Косово. Воведените казнени царини ќе водат кон зголемување на цените на производите, истакнува таа.

„Србија и српските фирми нема да ги почувствуваат санкциите на косовската влада. Мнозинството компании веќе има залихи на Косово, додека зголмувањето од 10 проценти, кога залихите ќе се потрошат, ќе го платат косовските граѓани“, напиша таа на Фејсбук. Таа смета дека е потребно носење похрабро и поодлучно решение за забрана на увоз на сите проиводи од Србија, независно кој е нивен производител, српски или странски претпријатија.

Осуда од Србија, критика од Брисел

На одлуката на косовската влада веднаш реагираа Србија и Брисел.

Српскиот министер за трговија Расим Љајиќ очекува поостар протест од Европската комисија и одговор - дали ЦЕФТА и натаму постои и функционира.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во одлуката на приштинската влада гледа непостоење желба за продолжување на  дијалогот со Белград,  најавен за скоро.

„Стана правило кога ќе се најави продолжување или напредок во дијалогот да доаѓа до  инциденти на Косово,  што значи дека косовските лидери не сакаат какви било компромиси, туку враќање кон старата политика“, изјави Дачиќ.

Портпаролката на ЕК за надворешна политика, Маја Коцијанчиќ порача дека очекува косовската влада да го повлече направениот чекор:

„ЕУ бара итно образложение за неочекуваната одлука на косовската влада за зголемување на царините за производи од Србија и БиХ на 10 проценти. Тоа е спротивно со обврските на Косово во рамките на ЦЕФТА“.