Косор остро му врати на Тадиќ
28 август 2011Пред новинарите во Корчула хрватската премиерка нагласи дека Загреб се залага за негување на добрососедските односи, но кога се работи за внатрешните работи на земјата, хрватската влада не дозволува влијанија од страна. „Имаме право да работиме на проектите за кои мислиме дека се важни. Ја признавме независноста на Косово и ако имаме економски интерес, дополнително ќе ја зајакнеме соработката“, додаде Косор.
Коментирајќи ги изјавите на Тадиќ за нејзината неодамнешна посета на Косово, Косор рече дека е интересно што за нејзиното „недемократско однесување“ зборува личност, која минатата година забрани прослава на „Бура“, иако таа е од посебна важност за Хрватска.
„Годинава Тадиќ зборуваше за вооружените немири на просторите на Хрватска, но не зборуваше за вистината, за историските факти. Не се работеше за вооружен конфликт, туку Хрватска беше жртва на големосрпската агресија на Милошевиќ“, рече Косор.
Таа додаде дека Тадиќ истовремено не гледа ништо лошо во тоа што еден од неговите министри положи венец на гробот на Слободан Милошевиќ, „тиранин и крволок, одговорен за Сребреница, за уништувањето на Хрватска, БиХ и за други злосторства“.
Хрватската премиерка неодамна го посети Косово, по што следеа остри реакции од српските политичари, меѓу кои од претседателот Борис Тадиќ и шефот на дипломатијата Вук Јеремиќ.
Автор: ТТ/макфакс
Редактор: Е.М.Фиданоска