1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Коста Конкордија“ го заврши своето последно патување

Александар Методијев/афп/ап27 јули 2014

Бродот во распаѓање „Коста Конкордија“ денеска влезе во пристаништето на италијанскиот град Џенова. Со тоа заврши последното патување на крузерот кој пред две и пол години имаше несреќа пред островот Џилио.

https://p.dw.com/p/1CjY6
Фотографија: Marco Bertorello/AFP/Getty Images

Некогашниот луксузен брод, а денес руина во распаѓање, беше влечен од повеќе бродови од средата (23.07.), откако го напушти брегот на островот Џилио. Акцијата за извлекување на бродот е уникатна во светски рамки. Тој беше половина потопен, откако пред две и пол години, по грешка на капетанот, бродот удри во карпи и се преврте на едната страна. Во несреќата загинаа 32 лица.

Сега во бродот ќе се бараат остатоците на индискиот керлнер, чие тело никогаш не беше најдено.

„Коста Конкордија“ е двапати поголем брод во однос на „Титаник“. Бродот беше влечен 280 километри до неговата финална дестинација. Таму тој ќе биде демонтиран.

„Сега конечно можеме да издишеме со олеснување“, рече италијанскиот министер за животна средина Џан Лука Џалети. А, италијанската влада и населението во околината на островот Џилио имаа големи грижи во минативе години, оти постоеше стравување дека бродот ќе се распадне и од него ќе излезе отровен отпад. Тоа не се случи ниту при последната пловидба на „Коста Конкордија“ кон Џенова. На конвојот со експерти, кои го следеа транспортот на бродот, во пловидбата пред Џенова им се приклучила и група делфини.

Costa Concordia Abtransport nach Genua 23.07.2014
Од минатата среда неколку брода го влечеа крузерот на пат долг 280 километриФотографија: Reuters

Но, последното патување на бродот не минало без проблеми. Силниот ветер ја попречувал деликатната операција. Бродот во Џенова треба да биде поделен на три дела, пред да биде размонтиран. Неговото приближување кон овој италијански град натера многу љубопитни локални жители и туристи да ги следат последните метри од неговото последно патување.

Во моментот на несреќата во јануари 2012 година на него се наоѓаа 4.229 луѓе од 70 земји во светот – меѓу нив и неколку Македонци.