1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Признавање на улогата на граѓанското општество„

Катерина Блажевска28 август 2015

Со препораките граѓанските организации им подадоа рака на институциите за нивно спроведување. Сега одговорноста е на политичарите, вели Дона Костуранова, македонски претставник на дебатата на граѓанскиот Форум во Виена.

https://p.dw.com/p/1GNB2
Mezedonien Dona Kosturanova
Фотографија: D. Kosturanova

Новина на Конференцијата за Западен Балкан во Виена беше тоа што годинава се организираше и посебен Форум на граѓанското општество, на кој учествуваа 70 претставници од регионот. Покрај учеството на повеќе граѓански активисти од Македонија, Дона Костуранова, извршната директорка на Младинскиот образовен форум, беше единствениот македонски претставник на големата дебата на Форумот, на која учествуваа и еврокомесарот Јоханес Хан, премиерите на Србија и Албанија, Александар Вучиќ и Eди Рама, министрите за надворешни работи на Црна Гора и БиХ, Игор Лукшиќ и Игор Црнадак, а воведничар беше нивниот австриски колега, Себастијан Курц. Во интервју за Дојче веле Костуранова ги сподели впечатоците за главната дебата, но и за значењето на Форумот во целина.

ДВ: Кои пораки до граѓанското општество ги испратија високите функционери од ЕУ и од Западен Балкан?

Дона Костуранова: Иако бев единствен говорник од земјата на дебатата, морам да потенцирам дека Македонија имаше свои единаесет граѓански активисти, професори, новинари и експерти, кои беа активно вклучени во Форумот на граѓански организации на самитот во Виена и работеа на препораките. Дебатата меѓу граѓански активисти и политичари носеше многу високи очекувања, кои не можам да кажам дека целосно се исполнија. Експлицитна дискусија за улогата на граѓанскиот сектор не се јави, затоа што фокусот лежеше во дискусија за надминување на проблемите. Но и во таа дискусија, просторот на говорниците од организациите беше, за жал, ограничен. Политичарите го монополизираа просторот со опис на своите политики и делумни монолози, а многу прашања поставени на дебатата не добија одговор. Иако намерата на организаторот очигледно лежи во тоа да ги постави на еднакво ниво сите во дискусијата, активистите поставија само по некое прашање, додека политичарите застрануваа од дискусијата, самите никогаш не упатија прашање до ниту еден претставник на организација, а коментарите им беа насочени повеќе кон комесарот Хан отколку организациите на панелот или во публиката. Но и покрај недостатоците, мора се препозне важноста на оваа дебата и форумот воопшто. Овој настан поставува пример за признавање на улогата на граѓанското општество, и овозможи редок и значен момент за дебата меѓу претставниците од различни сектори, со најдобри намери. За честитки е тоа дека политичарите се одзваа на оваа покана, и рамо до рамо пред јавноста зборуваа со граѓански активисти и експерти. Дебатата покажа и дека треба да се работи на градење разбирање за улогата на граѓанското општество. Европските очекувања за улогата на организациите треба да се прилагодат на Западниот Балкан и контекстот. Политичкото кандидирање и акциите за заедницата не се единствени начини организациите да се вклучат - формите на граѓанско организирање се поинакви, и модели мора да постојат.

Со оглед дека првпат граѓанското општество на вака комплементарен начин е вклучено во рамките на една значајна конференција, дали тоа значи дека иницијаторот задоцнето се соочува со фактот дека некои реформи кои се клучни за успешна европска интеграција на земјите од Западен Балкан, може да бидат успешено спроведени само со широка вклученост на граѓанското општество?

Иако Берлин беше без претставници на граѓански организации, Виена го отвори самитот и за нив. Директната комуникација со политичарите не беше на работни состаноци, туку на две дебати, но и преку изготвување на документ со препораки до нив. Форумот на граѓански организации траеше речиси колку и самиот самит. Учеството на граѓанските организации од регионот не се случи само во Виена, туку започна неколку месеци пред самитот, каде преку средби во Тирана, Сараево и Белград и подготовка на документи, се дојде до финалната листа на препораки која беше пренесена до политичките лидери во Виена. Препораките не се, ниту треба да останат документ за една употреба. Ако граѓанското општество сака да ја заземе својата улога во овој процес, треба да продолжи да работи на нивно спроведување, заедно со властите.

Беше најавено дека од Форумот ќе бидат подготвени препораки за три области: регионална соработка, слобода на изразување и слобода на медиуми и вработување. На каков начин и низ кои форми се бара поголема вклученост на граѓанското општество во овие сфери?

Препораките не се сведуваат само на апел за вклучување на граѓанските организации, туку на мислења и насоки за унапредување на регионалната соработка, слободата на изразување и слободата на медиуми и вработување. Препораките содржат насоки за надминување на проблемите со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан - граѓанското општество дава насоки за надминување на проблемите за справување со минатото, регионална соработка, градење мрежи и партнерства, заштита на новинарите, транспарентноста на медиумите, отворање на работни места. Поконкретно за соработката, вклученоста се бара преку воспоставување силни консултативни механизми за учество на граѓанско општество, соработка во спроведување политики, мониторинг од граѓански организации во спродувањето како и користење на експертите во организациите.

Во регионот, граѓанските организации многу пати ја преземале работата на институциите кога не ја вршеле добро - со советување, помош и поддршка на граѓани, со волонтерски и хумантирани акции, со изготвување на експертски истажувања и анализи, со поставување на себеси како сервис кој граѓаните директно го користат. Граѓанското општество има покажано дека има капацитет да ја врши или помага работата на институциите во интерес на граѓаните. Со овие препораки, граѓанските организации ја подадоа својата рака да бидат партнер на институциите во нивно спроведување. Одлуката дали и како ќе се овозможи таа соработка, сега е на одговорност на политичарите.

Мислите ли дека препораките се реално остварливи, односно дека нема да останат на хартија? Што е неопходно за нивна имплементација?

Пред се’ потребна е политичка волја за нивно спроведување. Ако властите не сакаат да ги преземат мерките и да работат да ги надминат проблемите, граѓанското општество останува осамено и маргинализирано во своите напори да подобри нешто. Важно е овие препораки да добијат и ресурси за нивно спроведување, и сериозна политичка и финансиска обврска од владите. Спроведувањето на препораките зависи и од соработката со граѓанското општество. Ако таа изостане, самиот чин на прифаќање на препораките и нивно спроведување без оние кои ги дале, станува апсурден.

Навестена ли е некаква финансиска помош за реализирање на препораките?

Ако земјите сакаат да покажат посветеност на препораките и самиот процес, потребно е и да покажат волја самите да инвестираат во нивно спроведување преку своите буџети. Тука се и ИПА фондовите кои стојат на располагање за да се искористат за преземање на овие чекори. Форумот не се занимаваше со финансиите, но веројатно е дека се дел од дискусиите на самитот.

Беше ли Македонија спомната во дебатата и во каков контекст?

Македонија беше присутна на двете дебати на самитот, единствено преку говорниците од граѓанските организации, но не и од институциите. Настанот го обележаа две дебати, првата дебата со политичарите од регионот за граѓанското учество, и втората дебата - ТВ-емисијата „Окружење“ со премиерите Вучиќ и Рама и Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ - посветена на младинските прашања во регионот и помирувањето. И на двете дебати немаше политички претставници од Македонија, иако имаше политички претставници од другите земји. Со отсуството на домашните лидери на овие дебати, и Македонија не се појавуваше знајачно во дискусиите, и единствено неколку пати остана спомената од останатите политичари како потенцијално критична точка во регионот.

На крајот, каков е вашиот впечаток од овој Форум - дали искрено се сфаќа значењето на граѓанското општество во реформските и други процеси или делумно се уште про форма, како „колективен партнер“, кој во процесите и не мора длабоко да се инволвира, но барем да не се игнорира?

Самиот број учесници на граѓански организации, времето посветено на нашето учество на Форумот, но и пред него, и јавните дебати организирани со политичарите, покажуваат дека граѓанското општество добива многу важна улога во моментов за поддршка на развојот на земјите во Западен Балкан. Форумот, или барем дебатите, покажаа дека е потребно време да се најде заеднички јазик и да се изедначи нивото на комуникација меѓу граѓанското општество и власта. Но Форумот е недвосмислена порака дека граѓанското оштество е клучно за унапредување на општеството, и институциите тоа треба да го препознаат. Ова е значаен исчекор за граѓанското општество во регионот кон признавање на неговата улога и глас.