Коѕијас сака решение во спорот за името годинава
4 јануари 2018Грција сака да го реши деценискиот спор околу името на Македонија, изјави грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во Атина. Таквиот договор се очекува да ги одблокира аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО и да започне преговори за членство со ЕУ.
„Мислам дека 2018 ќе биде годината кога надворешно-политички прашања кои беа заглавени во кал со децении ќе се решат“, изјави Коѕијас во Атина, по одржаниот состанок на потесното раководство на грчката влада.
„Сите ќе придонесеме за добробитта на целиот Балкан“, дополни Коѕијас.
Повеќе на темата:
- Атина: Вашингтон притиска за влез на Македонија во НАТО
- Почеток на маратонски консултации меѓу Скопје и Атина
Повеќе сигнали од Скопје и Атина последниве месеци укажуваат дека двете влади се обидуваат да го забрзаат решавањето на спорот во пресрет на самитот на НАТО во јуни годинава во Брисел. Германската агенција ДПА, повикувајќи се на грчки дипломатски извори денеска објави дека САД вршат голем притисок за влез на Македонија во НАТО.
Коѕијас денеска рече дека се преговара за сложено име.
„Во спорот за името, владата преговара и поддржува сложено име кое ќе биде употребувано насекаде“, рече Коѕијас без понатамошна елаборација.
Во грчката влада сепак нема единствен став по ова прашање. Лидерот на помалиот коалициски партнер на левичарската Сириза во владата, Панос Каменос од партијата Независни Грци, кој е министер за одбрана, сѐ уште се залага за решение на проблемот со име кое нема да го содржи терминот Македонија. Каменос, како што пренесува МИА, по состанокот сепак рече дека има доверба во министерот Коѕијас дека ќе се најде добро решение. Каменос, според грчките медиуми, сепак оставил простор за решение кое би го содржело терминот Македонија, и ја критикувал опозициската Неа демократија поради ставот дека нејзините пратеници ќе го поддржат ставот на владата само доколку и тој го поддржи.