1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го врати Груевски

4 јули 2019

Темата дали Никола Груевски избегал во гепек или на шофершајбна е веќе излитена и отстапува пред неговата сѐ подолга сенка надвисната над Македонија. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3LYxJ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Веќе не се сеќавам дали беше „началничкото” урлање на Мијалков или „циганските уши” на Јанкуловска како директен повод, но добро се сеќавам на тогашната констатација дека во часот кога нивните одвратни гласови затрепереа низ етерот, во тој ист час падна Владата на Никола Груевски. А со неа и она малку од мистичноста на политиката која административната елита ја држи на една или две столици на Нушиќ повисоко од плебсот. Се што следеше потоа беше мачна, агонична претстава во која на Груевски однапред му беше јасен траги-крајот, а на Заев хепи-ендот.   

Треба ли да кажам? Ако веќе инсистирате ... Владата на Заев е падната, во часот кога низ етерот проструија пцостите и џингоизмите на негата десна рака. За очекување е што пропагандистите на Заев подмолно се обидуваат да темата околу тендерите ја истакнат и ја развлечат низ бирократски магли полни со „одговорност, процедури, судство” и ја избегнат капиталната тема на анархичната неказнливост во Кабинетот Заев. Не велам дека местењето тендери не е битно. Но во очите на јавноста и ушите на граѓаните, просташтвото на Рашковски е дамокловиот меч кој и пресуди на судбината на Владата, на ист начин како тоа беше случај со Јанкуловска. Се што ќе следи е мачна, агонична претстава во која на Заев однапред му е јасен траги-крајот. Но за кого ќе биде хепи-ендот? За тоа – подоцна.

Како луѓе, родени од грев, вулгарноста е нераскинлива природа на нашето постоење. Која сакаме да ја надминеме, но кон која напати се подлизнуваме во час на анимозен гнев или копулативна присност кон одредена личност. Но, од каде сета оваа поплава на вулгарност кај нашите лидери вперени кон цели групи и народи? Вулгаризација поради која нашиот лидерски crème-de-la-crème се тетерави на граница – или дури под неа – на вулгарноста на обичниот народ. Навредите на Рашковски вперени кон Роми, Италијани и – машала! – цела јужна хемисфера, се само последните од редица искази поради кои мораме сосема легитимно да се запрашаме дали сме водени од најгрозните и најболните меѓу нас? 

Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонофонската јавност сеуште остана закината за преслушување на (тековниот) рецитал на простотилак, вулгарност, поганост и душевна заболеност на Али Ахмети и Муса Џафери вперени кон цели градови, региони. Па тоа тетовчани и гостиварчани да ти биле вакви, па косовари онакви, па скопјани никакви, па муслимани секакви ... Да не набројувам и ве поштедам од менталната заболеност на Али и Муса според кои сите во регионот се предмет на постмев, а само широкиот задник на коњот на Шемо е тотемски достојно за нивно вљубено воодушевување, фалење и поклонување. Вократко, парада на дегенерација на двајца душевно фрустрирани од безначајноста на нивната селска забит и карактерна баналност. Која во невозможност да ја надминат, ја компензираат со постмешливост кон сите останати. Тоа е ДНК психата на Ахмети и Џафери, вирусно индуцирана во деструктивноста на ДУИ, инфекцијски пренесена врз албанското општество  во посебност и Македонија во целост.

Изразите на Заев вперени кон "мрчаторите” се недоволни за негово квалифицирање во истиот кампус на провинцијската банална интроманштина како наведените му партнери. Но по линија на дедукција, спремноста на Заев за употребување на такви колективно вперени хејтерства во јавноста е доволен и несомнен индикатор за квалитетот на неговиот вокабулар во приватноста. И посебно во друштво со неговиот муртински Муса, генерален-секретар на нашата Влада. Чии искази за Ромите потвдуваат дека моралниот кодекс на Рашковски и Јанкуловска е составен дел на курто-муртинскиот пакет на орвелијанскиот double-talk – едно за пред камери, друго за по канцеларии. Патем, само лицемерите можат да се најдат непријатно изненадени со несразмерниот молк на "невладинството” при пцостите на Јанкуловска и оние сега на Рашковски, взаемно вперени кон Ромите. Еднсотавно, се е предмет на грантовите, доскора како ефект на „Декадата на Ромите”, денес како происход на буџетите од „Месеците на Заев-Рашковски”.

Други колумни од авторот:

-Размисли за есента

-Хобс, Катарза и Канаста

-Danke Deutschland! Aber …

Оваа невесела реалност на кантар-грантовски измерена „свест и одговорност” ја дешифрира бизарноста на употребувањето на терминот „Циган” како дехуманизирачка дефиниција на инфериорност и суб-човечност базирана врз расните теории на супремација. Интересното во употребната вредност на тој термин е што истиот се користи како двослоен, дуплиран рацизам, деградирачка компарација во однос на трети групации со што се цели конструкција на супремацистичка пирамида. Тоа е суштината на поганоста на Рашковски во користењето на терминот „цигани” во однос кон Италијаните и се што живее под екваторот како директна цел на навреда. Во таквата употреба на терминот, „циганството” е негаторски разнебитено и од најелементарната, наниска вредност на суб-хуманоста,  сведено на орудие, огледало вперено кон вистинскиот објект на потсмев и негација на човечноста.

А сепак, нешто во сета приказна за користењето на терминот „Циган” едноставно не штима. Дотолку повеќе што во етно-идентитетска дескрипција самите Роми се комотно акомодирани во нивната прецизна дескрипција како - Роми. Што е повеќе од политички-коректна именка, туку е антрополошки пореална дескрипција на нивната генеза и потекло. Имено, генезата на самиот термин „циган” има многу помалку врска со самите Роми (по етно-антрополошка) линија, но по социо-полит-економска логика многу повеќе корелација со Рашковски или Јанкуловска. Имено, генезата на терминот „циган” не се поврзува со Ромите, туку со грчкиот средновековен термин (а)tsinganos, athinganos поврзан со еретичката секта на Фригиа и со буквален превод на „недопирливост, неприкосновеност”. Толку. Оставам на вас да донесете сопствен заклучок кој кај нас е Ром, а кој „циган”. Кој при  нас стигна пеејќи „Џелем-џелем”, а кој кукавички може да се сили и прчи додека дреме како недопирлив под заштита на "чадорот”.

Но добро, останав должен за одговор за кого ќе биде хепи-ендот. Доколку идеме по праволиниијска политичко-административна логика на нештата, одговорот би бил дека тоа се однесува на Христијан Мицкоски, како најозбилен претендент за следен премиер. Прашање е дали тоа ќе се надгради и со добивање аура на нов демократски лидер со широка, убедлива и одржлива подршка од граѓаните, ионака веќе длабоко сомничави за позадината на неговата „конструктивна” позиционираност. Што секако добива заслужени признанија од меѓународната заедница и добар дел од домашната јавност. Но какви можат да бидат последиците од таквата родољубна умереност на опозицијата?

Поставеноста на Мицковски кон Груевски се повеќе наликува на онаа на Лулзим Баша кон Сали Бериша или на Александар Вучиќ кон Томислав Николиќ, како политички оци и синови. Логиката на политичкиот егзистенцијализам налагаше да горенаведените поминат низ периоди на барање спас од задушувачкиот патријаркализам на старите волци преку кумување со другата страна За да на крај бидат вратени во татковските прегратки. Од друга страна, ќе се потсетите дека и Заев се обиде да ја раскине таа папочна врска со неговиот светец-заштитник Бранко Црвенковски – за да на крај во часови на очај ја препознае (и дебело прецени) неговата употребна вредност.

Но Груевски не е Црвенковски, и тоа Мицковски би требало да го сознае на време. Како прво, колкава и да е пизмата  кон него од страна на вмровските колаборационисти со СДСМ, Груевски не беше срушен од сопствената партија. Како второ, егоистичните мотиви на пребезите ги девалвираат обидите за негова демистификација во рамките на вмровското гласачко тело. Како трето, толеранцијата на Заев кон ДУИ, кон криминалот, непотизмот, цензурата, хејтерството, корупцијата во сопствената партија од поодамна ја има избришано моралната граница на компарација помеѓу него лично, неговата партија и она ВМРО на Груевски. Во тој поглед, неколку процентната (константна) анкетна предност на ВМРО пред СДСМ е далеку помал (и полесно совладлив) проблем отколку оној на популистичата популарност на Груевски пред Заев. Која со обзир на аутистичките поведенија на Заев, дополнително ќе расте во критичните предизборни месеци.

Груевски е сосема свесен за неговата употребна вредност како пребеган народен трибун. Што веќе и го демонстрира низ неговите јавувања во јавноста и подршката која ја добива по социјалните мрежи. Но тоа не е се. Груевски е сосема свесен дека и меѓународната заедница е сосема свесна дека тој сеуште може да биде користен - доколку затреба. Впрочем, шкртоста на меѓународната заедница во негова сатанизација не е воопшто случајна. Да беше поинаку, САД и Германија ќе најдеа некој начин да го вклучат во каква-таква листа на (барем финансиски) санкции. Но, интересно, тоа не се случи. 

Темата дали Груевски избегал во гепек или на шофершајбна е веќе излитена и отстапува пред неговата се подолга сенка надвисната над Македонија. Спречувањето на неговата реактуализација е однапред саботирана токму од оние кои сеуште инсистираат на ексклузивна персонализација на крим-корупцијата и хејтерството во негов лик и име а не како феномен метастазиран на ист начин низ сите партии од големата тројка - долго пред него и долго после него. Нивниот клиентелистички некритички однос кон Заев е платформата врз која во јавноста (и за неа погубно) се рекомпонира новиот лик на Груевски. Како маченичка жртва на завидлизмот на Заев и на Шекеринска.   

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач