Кој е мотивот за односот на Каракачанов кон Македонија?
10 декември 2018Кога еден министер за одбрана ќе почне да се меша во надворешната политика, тоа само по себе е алармантно и не говори добро за соодветната држава.
Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов повторно се обидува да им наштети на бугарско-македонските односи, кои само што се смирија благодарение на напорите на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.
Каракачанов предупредува дека Бугарија може да стави вето на кандидатурата на Македонија во ЕУ, ако кон Договорот за добрососедство не биде додаден и анекс дека до 1944 година двете земји имале заедничка историја. Ова инсистирање е смешно затоа што еден политички договор не може да се произнесува за такви прашања, а конкретниот договор, пак, изрично предвидува дека историските теми ќе се дискутираат од експерти за тие прашања. Но демаршот на Каракачанов не е само смешен, тој е и политички многу опасен затоа што одново ја расклатува стабилноста во регионот и истура вода во мелницата на сите оние кои сакаат проблематичен Балкан и поделена Европска Унија.
Оттука и прашањето: Зошто поранешниот агент на тајната служба на комунистичка Бугарија и сегашен министер за одбрана, кој е инаку образуван и информиран човек, прави нешто толку глупаво и опасно? За тоа има две можни објаснувања: едно од друго понепријатно.
Во моментов коалицијата чиј претставник во владата е самиот Каракачанов, се цепи по рабовите поради своите внатрешни противречности. А што има полесно од тоа да запалиш една болна надворешно политичка тема и така успешно да го оттргнеш вниманието од конфликтите во својата коалиција? Таа нумера е добро позната, а последен пат ја отсвири еден британски премиер по име Камерон, кој со референдумот за излез од ЕУ сакаше да ја спаси сопствената Конзервативна партија од расцеп. И видовме како ја спаси- а земјата ја доведе до невидена конфузија, морална, а наскоро и до економска криза. Дали Красимир Каракачанов размислува за овој свеж пример?
Второто објаснување на вицепремиерскиот повик е поврзано не со домашната политика во Бугарија, туку со една добро позната геополитичка конфронтација. Актуелната власт во Русија се обидува со сите сили да го зајакне своето влијание на Балканот и да не дозволи ширење на ЕУ и НАТО во регионот.
По историскиот пробив во односите меѓу Грција и Македонија, кој воопшто не му е по волја на Кремљ, сега тамошните политички планери бараат нови сојузници. И ништо чудно да ги пронашле во редовите на една бугарска националистичка коалиција, во која промосковскиот елемент е видлив и со голо око.
А можеби и двете објаснувања се истовремено вистинити? Затоа што едното не му пречи на другото. И не го исклучува. Единствено се прашувам: Каде е бугарскиот премиер Бојко Борисов? И зошто не му го покаже местото на својот министер?