Кој ќе ја врзе Русија за себе - ЕУ или Кина?
7 декември 2019Кина и Русија неделава пуштија во употреба нов гасовод. „Историски настан“, изјави рускиот претседател Владимир Путин, Но, изгледа не толку важен за Путин и неговиот кинески колега Ши Џинпинг специјално за тоа да отпатуваат во источен Сибир. Двајцата се вклучија во церемонијата на отворањето преку видео-врска. Гасоводот долг 3000 километри се вика „Силата на Сибир“. Тој треба да ги подигне односите на Кина и Русија на „ново ниво“, оцени Путин.
Тоа не е претерано. Гасоводот, кој кога ќе биде целосно готов ќе тргнува од сибирските полиња со гас и ќе оди сѐ до Шангај, е најголемиот руски енергетски проект од крајот на СССР и досега најскапиот - 55 милијарди американски долари. Прво во употреба ќе биде само дел од гасоводот во должина од 2157 километри и тоа до границата со Кина. Тој ќе биде комплетно готов до 2022 година. Потоа, преку него, од Русија во Кина ќе бидат годишно транспорирани по 38 милијарди кубни метри гас , што е отприлика 9,5% од вкупната потрошувачка на гас во Кина во моментов.
Кина ќе биде најголем потрошувач на руски гас
Само Германија купува повеќе гас од Русија. Но, прашањето е - до кога? Зашто, Москва и Пекинг веќе водат разговори за нов гасовод, преку кој би се транспортирале до 30 милијарди кубни метри гас од западен Сибир преку регионот Алтаи до Кина. Путиновата стратегија е јасна: тој станува понезависен од Европејците кои со години имаат санкции против неговата земја. Во март 2014 година, откако Путин го анектираше Крим, Западот реагираше со санкции. Пекинг е „третиот што се смее“ и зборува за „вин-вин“ ситуација.
Кина денес е најголем светски потрошувач на енергија. Понудите од Русија се добредојдени. Земјата од Русија купува и сѐ повеќе нафта и други горива. Двете земји се приближуваат и во други сфери. Намерата е трговскиот волумен до 2024 година да се зголеми на 182 милијарди евра, објасни Путин неодамна. Во 2018 година волуменот изнесуваше 100 милијарди долари, со тенденција на постојано зголемување.
Овој тренд нема да запре со оглед на тоа што Пекинг, откако на власт е американскиот претседател Трамп, е изложен на сличен политички притисок како Русија. Русија страда од санкции, а Кина од новите царини од САД. Сега Путин и Ши заклучуваат дека сѐ помалку можат да се потпрат на Западот и тоа ги спојува наспроти сите разлики кои сѐ уште постојат помеѓу Москва и Пекинг.
Хуавеи смее да учествува во изградбата на 5G-мрежата во Русија
Москва неодамна демонстративно му дозволи на кинескиот концерн Хуавеи да учествува во изградбата на 5G-мрежата во Русија. Договорот беше потпишан во присуство на двајцата претседатели, за, исто како во случајот со гасоводот, никој на Запад да не го превиди симболичното значење. Русија има политичка смелост, но и воена сила, да ги предизвика Американците и Европејците на светската сцена, како што е во случајот со поддршката за тешкиот НАТО-партнер Турција во Сирија. Турскиот претседател може толку самоуверено да настапува против Брисел и Вашингтон затоа што Путин радо му го чува грбот.
Ши, од друга страна, една по друга ги врзува за себе незадоволните земји во ЕУ, со тоа што инвестира. Но, ако се погледне подобро, Пекинг и Москва спроведуваат барем исто толку паралелни работи, колку што реализираат заеднички. И тоа од добра причина.
Недоверба и задршки кај двете страни
Недовербата во Русија и стравот дека ќе биде премината од огромната и поефикасна Кина е голема. Меѓу населението постојано зоврива антикинеско расположение, како на пример поради фабриките за вода за пиење кои кинеските инвеститори сакаа да ги изградат на Бајкалското Езеро, кое е заштитено со закон. Обратно - многу кинески инвеститори се загрижени дека нивните проекти може да заглават во руското мочуриште на корупција и неефикасност.
Кинезите во моментов се во подобра позиција. На списокот на најголеми економии во светот Русија е само на шесто место, а Кина е лидер. И, на Москва приходите од продажбата на гас ѝ се понеопходни отколку што на Кина ѝ е неопходен гас. Пекинг и рускиот нафтен гигант Газпром преговараа со години без успех. Тоа што конечно беше постигнат договор во 2014 година, во годината на кризата на Крим, не е случајност: Кинезите „удрија“ во момент кога Русите најмногу стравуваа од западни санкции. Во меѓувреме, Русија увезува најмногу од Кина - 20% од увозот е од источниот сосед. Во Германија увозот од Кина изнесува 12%.
ЕУ е притисната
Брисел е во незавидна позиција во односите со Кина и Русија. ЕУ претрпе економски штети поради санкциите против Русија, без притоа да извлече каква било политичка полза. Западот погрешно верува дека со санкции може да вразуми една земја како што е Русија. Особено не, ако моќен играч како Пекинг е подготвен да ја пополни празнината.
ЕУ би требало да ѝ погледна на реалноста в очи: Русија е важна за Европа. Тоа го сфати и францускиот претседател Макрон кој неодамна се заложи за повеќе компромиси и побара Европа да размисли за својот поделен однос кон Русија. „Европа и натаму ќе биде поле на стратешка борба за надмоќ помеѓу САД и Русија“, рече Макрон во еден говор на крајот на август. Можеше да каже и - борба за надмоќ помеќу една сѐ помоќна Кина и една сѐ помалку доверлива Америка. Накусо: за да се одржи балансот, ќе мора да спречиме натамошно проближување на Русија кон Кина. И, се разбира, со Путин, кој не се чувствува исклучен од европското семејство, би можело да се разговара многу поотворено отколку што тоа е случај сега.
Франк Зирен е колумнист на ДВ кој над 20 години живее во Пекинг