Крај на крвавиот бунт во Ерменија
1 август 2016Драмата засега e готова. Ерменската тајна служба уапси дваесетина вооружени опозиционери кои две недели држеа под опсада една полициска касарна во Ереван, а со тоа и целата земја на работ на вонредна состојба. Според наводите на опозицијата, во неделата силите на безбедност биле пред касарната со оклопни возила, пукајќи на бунтовниците кои се обиделе да побегнат. До неделата политичкото раководство на Ерменија избегнуваше ескалација, плашејќи се за нови жртви. Бунтовниците беа опколени и отсечени од струја, телефон, медицинска нега и снабдување со прехранбени производи. Според наводите на полицијата, во саботата од запоседната зграда со снајпер е убиен еден полицаец и тоа било причина за конечна акција против бунтовниците.
Вооружените симпатизери на уапсениот опозициски лидер Џираир Сефилјан влегоа во полициската станица на 17. јули, притоа убивајќи еден полицаец. На почетокот се киднапирани 8 лица, кои подоцна со ред се ослободувани. Вооружената група бараше оставка на претседателот на земјата Серш Сaргасјан и ослободување на националистот Сефилјан. Тој е уапсен во јуни поради наводно илегално поседување оружје и заедно со 6 соработници е обвинет дека планирал запоседнување на повеќе административни згради и пунктови клучни за телекомуникација. Сефилјан, инаку, има искуство во затвор- веќе е апсен во 2006. година кога повика на насилно уривање на режимот.
„Многумина го мразат режимот“
Еден претставник на опозицијата најави продолжување на борбата против претседателот Саргасјан. „Ние се сметаме себеси за воени заробеници. Го повикуваме народот да ја продолжи борбата, да се бори за победа“, изјави тој за руската агенција Интерфакс. Во услови на економска мизерија бунтовниците добија голема поддршка од граѓаните. Во саботата и во неделата во главниот град се собраа илјадници луѓе кои протестираа против претседателот. Силите на безбедност ги растераа демонстрантите со палки и чадни бомби. Само во саботата, според официјалните соопштенија, се приведени 165 демонстранти, од кои 26 се задржани во притвор. Нападнати се и 15 новинари.
Сите демонстранти не ги делат политичките ставови на националистичката опозиција, вели Армен Ховсепијан, 36-годишник кој живее во масивните советски облакодери недалеку од полициската станица во која се одвиваше драмата. Оттаму можел да ги гледа пукањето и демонстрациите. „Не излегуваат сите луѓе на улица бидејќи ги поддржуваат барањата на вооружената група. Тие пред сѐ протестираат против претседателот. Многумина го мразат него и неговиот режим. Имаат впечаток дека ова е можност нешто да се промени“, вели Ховсепијан.
ЕУ изрази загриженост поради напнатоста во Ерменија, а слични зборови дојдоа и од американската амбасада во Ереван. Оттаму соопштија дека САД се „длабоко загрижени поради шокантните слики и веродостојните информации за ексцесивна употреба на насилство од страна на полицијата“. Полициското насилство не е нова пракса во Ереван. Пред 8 години, кога илјадници луѓе протестираа поради наводниот изборен грабеж, страдаа 8 лица. Власта прогласи вонредна состојба и ја искористи за брутална пресметка со неистомислениците. Покрај протестите, Саргасијан од премиерска премина на претседателска функција и тука се наоѓа и денес.
Малку Запад, повеќе Русија
Актуелната напнатост многу граѓани ја гледаат како нова епизода на страдање за време на мандатот на Саргасјан. Во април повторно ескалираше замрзнатиот конфликт со соседен Азербејџан околу Нагорно-Карабах, кога загинаа 120 луѓе. Овој азербејџански регион е населен со Ерменци и е практично под контрола на ерменската војска. Претседателот Саргасјан, како и опозиционерот Сефилјан, важи за еден од хероите во борбата против Азербејџан на почетокот на 90-тите години од минатиот век.
Саргасјан, и самиот роден во Нагорно-Карабах, ги предводеше т.н. Сили за самоодбрана во таа област. Оттогаш Ереван контролира околу 17 отсто од територијата на соседната земја, поради што уште во 1993. година е осуден од страна на Советот за безбедност. Годинешната ескалација на конфликтот- најкрвавава уште од првиот прекин на огнот во 1994. година- политички не му е добредојдена на Саргасјан.
Ерменија, кавкаска земја со 3 милионско население, води своја политика на постојана нишалка помеѓу Запад и Русија. Оваа поранешна Советска Република е член на Источното партнерство, а најпрво со Брисел преговараше и за Договорот за асоцијација. Тие преговори се ставени во мирување по одлуката за пристап во бесцаринската унија на Евроазиската економска заедница под водство на Русија. Позицијата на Ерменија меѓу исток и запад германското Министерство за надворешни работи ја нарекува „комплементарна наворешна политика“. Во еден извештај од април зад дипломатскиот речник сепак јасно се гледа кон која страна Ереван е понаклонет- во Ерменија и понатаму се стационирани околу 7.000 руски војници.